Почетна Вера МПЦ-ОА Илинден во Лазарополе – наша слободна волја да избереме по кој пат ќе тргнеме
Илинден во Лазарополе –  наша слободна волја да избереме по кој пат ќе тргнеме

Илинден во Лазарополе – наша слободна волја да избереме по кој пат ќе тргнеме

163
0

Архимандритот Партениј, со дел од братството, и овој Илинден го помина во преродбенското Лазарополе, каде во храмот на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец – тој уникатен споменик на некогашната силна вера и будителски дух – отслужи Света Евхаристија. На крајот, отец Партениј, во своето празнично слово, ги потсети присутните за силата на правомислениот и правоверен дух што го поседувал Свети Илија, дух што низ историјата го имале многу наши дејци и кој е суштествено важен за нашето општество денес:

„Од житието на Свети Илија, од неговиот блескав пример, имаме многу што да научиме, а меѓу другото, да не примаме лекомислено туѓи штетни влијанија, туку да ја чуваме нашата свештена традиција, која произлегува од богооткриеното ни правоверие. Отците на Црквата за нашата вера кажале: ’ортодоксиа – ортопраксиа‘ (ὀρθοδοξία – ὀρθοπραξία), т.е. православие и праводејствие. Доколку човек не е исполнет со права вера, тој не може ни правилно да расудува, следствено – ни правилно да живее. Затоа, да ги оставиме сите општествено штетни модернистички експерименти на новиот светски поредок, за кои насекаде се пропагира. Од друга страна, добро е што сѐ уште има каква-таква демократија и секој е оставен да верува и размислува како што наоѓа за сходно. Значи, оставено е на нашата слободна волја да избереме по кој пат ќе тргнеме. Не треба да заборавиме да го цениме дарот на слободата и правото на избор, знаејќи дека во блиското наше минато имавме и такви тоталитарни општества, во кои не беше дозволено човек да верува и да се изразува како што сака. Повозрасните меѓу нас живеевме во едно такво тоталитарно општество, кое нанесе страшен удар врз верата меѓу народот. Последиците од тоа интензивно се чувствуваат и до денес. Не знаејќи во што веруваат, многу наши современици и сонародници немаат соодветен внатрешен механизам да се справат со современото општество и да направат правилен и спасоносен избор…

Сведоци сме како денес не се уважува дури ни семејството; тоа повеќе не го зазема своето вистинско место, како што било во нашата свештена христијанска историја. Од една толку света заедница, црква во мало, од основна клетка во општеството, денес бракот се претвора во само една привремена правна спогодба помеѓу двајца, а согласно новите општествени трендови, таа спогодба може да биде и меѓу истополови единки. Затоа, мили мои, да се обратиме со молитва кон вистинскиот Христос Бог наш, Бог на милоста и љубовта, да ни даде просветление, та и себеси да се научиме, а да ги научиме и нашите деца на Неговата љубов. Зашто само преку верата и љубовта во Христа, тие ќе бидат во состојба искрено да ги сакаат ближните и Татковината и утре да склучуваат бракови на исправни основи. Божјата благодат ќе ги просветлува дека бракот не е само една идилична состојба додека трае еросот, туку и една пожртвувана љубов еден кон друг, љубов која треба да трае до крајот на животот, без разлика на сите искушенија што неминовно ќе доаѓаат“.

Меѓу другото, Архимандрит Партениј присуствуваше и на откривање на спомен-бистата на Анатолиј Зографски, за кого истакна дека е човек во кого моќно дејствувал духот и силата на Свети Илија:

„Денес сакам особено да ја искажам својата радост што после богослужбава, ќе биде откриен спомен-биста на еден мошне значаен великан од ова село, со кого треба сите да бидеме горди – отецот Архимандрит Анатолиј Зографски, еден од втемелувачите на нашата сенародна преродба. Тој израснал во ова село, се замонашил во Бигорскиот Манастир, а потоа заминал во Манастирот Пречиста, па во Зограф на Света Гора, во Русија, во Цариград, бил конзул во Атина, голем духовник, преродбеник, дипломат, учебникар… Им благодарам на членовите на одборот и на сите што помогнаа да се направи споменикот. Идејата за него ја дадовме на една заедничка средба со членовите на одборот, бидејќи тие веќе имаа направено биста од легендарниот Ѓурчин Кокале, па прилегаше до неа да стои и бистата на неговиот најголем сотрудник и соборец – Архимандритот Анатолиј. Тие двајцата биле несомнено еден добар ѕевгар на нивата на народното просвештение, како Светите Браќа Кирил и Методиј, и успеале да го изградат овој прекрасен храм. Но и уште повеќе – тие дале огромен придонес во градбата на духовниот храм во срцето на нашиот народ. Имено одовде, од Мијачијата, започнала преродбата, не само во овие граници во кои се наоѓа денес македонската држава, туку слободно можеме да кажеме дека оттука дошол првиот импулс за сеопштата преродба, дури до Црното Море. Во овие мијачки краишта дејствувале првите народни учители и писатели, оние коишто први на хартија го ставиле народното слово и ги напишале првите словенски книги среде духовниот мрак на отоманското владичество.

Чеда сме на големи преродбеници, на луѓе во кои моќно дејствувал духот и силата на Илија. Затоа да учиме што повеќе за нивните животи и подвизи и нека ни бидат тие вдахновение  за тоа какви треба да бидеме“.

/Бигорски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *