Игуменот на Бигорската Обител, Архимандритот Партениј смета дека признавањето на Автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, треба да дојде од Бугарската Патријаршија. Отец Партениј во интервју за бугарски „Фактор.бг“ ја објаснува и причината, посочувајќи дека канонската јуриздикција на територијата на која сега функционира МПЦ-ОА, последна ја имала Бугарската православна црква, односно Егзархијата до крајот на втората светска војна.
Отец Партениј, во интервјуто ги охрабрува Бугарските Архиереи, во име на добрите односи меѓу двата народи, Македонскиот и Бугарскиот, БПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА.
– Ние искрено веруваме и се надеваме дека Бугарската Патријаршија, како наследница за Егзархијата има целосно историско и канонско право, но и обврска, да ја признае автокефалноста на Охридската Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската православна Црква. Зашто едни од најголемите борци за нејзиното создавање и понатамошно функционирање биле токму од Македонија. Помеѓу нив се вбројуваат: Рајко Жинзифов од Велес, книжевните дејци и огнени борци за народната просвета: Константин и Димитар Миладинови, Јордан Хаџи-Константинов Џинов, Арсениј Јовков, Григор Прличев, Методиј Кусев и многу други. Исто така, тука спаѓа и нашиот познат писател, општествен деец и револуционер, Натанаил, роден во скопското село Кучевиште, кој во септември 1872 година бил ракоположен за прв егзархиски митрополит во Охрид. Меѓу најгласните борци за создавање на Егзархијата бил и големиот преродбеник, писател, учебникар, народен деец и духовник, Партениј Зографски (родум од Галичник), митрополитот Пољански и Нишавски, кој за малку ќе станел и првиот претстојател на Егзархијата. Митрополитот Скопски Неофит, роден во Охрид, архимандритот Панарет (подоцна Брегалнички епископ), по потекло од Ресенско, Митрополитот Велешки Мелетиј и Архимандритот Евлогиј, родени во Битола, се исто така, дел од автохтониот македонски висок клир на Егзархијата. И уште повеќе, токму македонското духовенство и население гинело и страдало за Егзархијата во време на српскиот режим. И жално би било доколку ние, денешните нивни потомци, не добиеме рака од Софија. Затоа Бугарската Црква, како единствена вистинска и достојна Мајка-Црква, со широко срце треба да ја признае Македонската Црква, која, еве, веќе половина век успешно ја врши својата пастирска и евангелска мисија во една мултинационална држава, и е прифатена од сите православни, без разлика на нивната национална припадност. Ете, на пример, во бигорското братство имаме еден монах Србин, друг Ром, трет Палестинец, а во моментот имаме и еден искушеник етнички Албанец, вели Архимандритот Партениј во интервју за „фактор.бг.
Игуменот на Бигорската Обител, која неодамна го поздрави потпишувањето на договорот за добрососедство, на прашањето од Фактор.бг, „Како Бугарите и Македонците треба да ја запазат духовната блискост и да не допуштат разликите повторно да станат причина за омраза и раздор“?, Отец Партениј посочува на моментот да се почитуваат различностите меѓу двата народа.
– Со тоа што свето ќе ја пазиме нашата заедничка христоцентрична историја, но во исто време ќе се почитуваме и во своите различности, без вжештени размислувања. На сите треба да ни е јасно дека од нашата општа цивилизациска лулка до денес се издвоиле нашите два братски народа, македонскиот и бугарскиот, секој со своите национални посебности. Заедничката историја и посебното национално чувство денес, треба подеднакво да се почитуваат од двете страни. Тесноградиот квазипатриотизам, заснован на романтични митови и извртено толкување на историските факти, и проследен со непризнавање на меѓусебните различности, му прави многу поголема штета на братољубието и зближувањето од било што друго. Нашата крајна цел е единство во љубовта Божја, а не раздори и омраза. Долги векови сме живееле обединети во таа спасителна вистина. Бог нека нè утврди и сега во љубовта Своја! Амин!, вели Отец Партениј во интервјуто за бугарскиот медиум.
Архимандритот на МПЦ-ОА, во интервјуто заборува и за улогата на Бугарската Егзархија во Македонија, за која смета дека имала големо влијание во Македонија.
Инаку, „фактир.бг“ дел од одговорите на Архимандритот Партениј ги објави во оригинална форма на македонски јазик.
Целото интервју прочитајте го овде.