Почетна Анализа Игра на Тронови
Игра на Тронови

Игра на Тронови

1.00K
0

Неверојатно чудно е како во Македонија им се приоѓа на настаните, на информациите, на состојбите… на се што малку поинаку наликува од она што вообичаено сме навикнати да го гледаме.  Во оваа Македонија најисправна е статус-кво состојбата. Не таласај, не расчепкувај, не рчкај … тоа се тие вредности на македонското општество … Се поинаку од ова по дефиниција предизвикува бранување, а брановите се движат секогаш водени од нечиј интерес … никако погледнати низ призмата на објективен, аналитички пристап… Па, така во зависност од позицијата од која се гледа, се редат и оценките …Чудо некое …

Ете, така е и овие два дена, откако во јавноста излезе информацијата за евентуалните нови, идни релации на македонската и бугарската црква, секој во зависност од припадноста на својот политички светоглед си дели оценки, печатирајќи ги како апсолутна вистина. Но, што всушност се случува?

ЗА ПОЧЕТОК ИЗВОРОТ НА ИНФОРМАЦИЈА

Она што за мене е исклучително проблематично е односот на македонските архиереи кон македонската јавност, особено што по втор пат, за вакви важни прашања од животот на МПЦ, македонската (домашната) јавност дознава до надвор. Тоа е еден несериозен пристап, кој остава и овозможува простор за многу конструкции кои на крајот ќе предизвикаат штетен краен резултат. Но, тоа е прашање на одговорност на македонските владици.

КОНЕЧНО ХРАБАР ЧЕКОР

Одлуката на Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан да испрати писмо (за кое се потенцира дека е едногласно договорено во САС на МПЦ-ОА) до Синодот на Бугарската Православна Црква- Трновска Патријаршија е исклучително важен историски момент од живот на МПЦ-ОА. Тоа писмо е прв сериозен потег на македонската црковна дипломатија повлечен кога било, надвор од шаблонските досегашни тајни и полутајни приватни релации што поедини владици на МПЦ надвор ги градеа со архиереите на другите помесни цркви, а  внатре во Македонија, цврсто стоеја на позицијата дека решението на црковното прашање треба да се бара исклучиво во релациите со „Црковен Белград“.

Јас не знам дали за ова писмо од Архиепископот има целосна согласност од владиците на МПЦ-ОА, но знам дека на сите владици во МПЦ-ОА, денес им е совршено јасно, дека од актуелната црковна политика на СПЦ не може да се очекува ништо, ништо што може да значи какво било поместување на позициите кои можат да доведат до какво било взаемно прифатливо решение. Напротив,  и покрај слободата на Вранишковски, што беше услов за почеток на разговори, во Патријаршијата во Белград никој не размислува, ниту за разговори, а не пак, за решение кое би значело прифаќање на општата реалност за самобитноста на Македонската Православна Црква.  Сосема спротивно од тоа, во Архиепископијата во Скопје веќе подолго време до доаѓаат сигнали од „Црковен Белград“, кои се исклучително загрижувачки, а воедно се и кристално чист став за позициите на кои стои СПЦ. Српските црковни авторитети влечат такви нелогични потези кои никогаш, во досегашните 50 години (колку што трае спорот), не биле карактеристика на односите меѓу двете цркви. Од многуте нелогични потези на СПЦ, кои се во насока само на омаловажување на Македонската Православна Црква, нејзино целосно деградирање и исмејување, се издвојува одлуката да не дозволува студирање на теолози од Македонија кои не добиле писмен благослов од Јован Вранишковски… Има уште многу такви омаловажувачки одлуки, но за тоа во друга прилика.

ЈАСНА ПОРАКА КОН „ЦРКОВЕН БЕЛГРАД“

Затоа, ако се тргне од моменталната статус-кво позиција што МПЦ-ОА ја има во релациите со СПЦ и проценките дека таа состојба нема да се промени на долг рок, туку напротив ќе се влошува, тогаш овој чекор на МПЦ, а особено изјавата на Владиката Наум, кој воедно, (во овој случај, а веројатно и многупати досега) е и творецот на македонската црковна дипломатија, е исклучително важен и корисен за градењето на позициите на МПЦ-ОА, пред се кон самата себе, а потоа и кон останатите православни цркви. Со ова, МПЦ-ОА покажува што сака и од што нема да отстапи.

Најважната цел од оваа одлука да се влезе во игра со друга православна црква, и тоа јавно, не по тајни канали е пораката што и се испраќа на Српската Православна Црква, а особено на дел од тамошните „духовници“, етно-националистички задоени во духот да не отстапат од своите позиции за србоправославниот карактер на македонскиот народ. Не дека тоа ќе ги заплаши, па тие ќе ги променат позициите, напротив многу повеќе како порака, дека по патот на вистината, на кој тие поставиле препреки, има и крстосници од кои исто така може да се стаса до целта, особено ако не се знае дали во тој лавиринт од споредни патеки, некој друг не поставил патокази кои водат кон целта. Таа одлука е исклучително храбра и важна, затоа што врти и една друга страница во релациите на православниот свет. Евентуален негативен исход ќе значи белег во историјата за еден обид, но што ако исходот заврши поинаку? (за ова малку подолу во текстот).

СЕГА ЗА СУШТИНАТА

Текстот на писмото испратено до САС на БПЦ излезе во јавност преку бугарските медиуми и тоа од новинар, за кој Бугарскиот Синод има донесено официјална одлука да го екскомуницира и да им забрани на своите владици, свештеници да му даваат изјава …  Но, во тој текст на тоа писмо, за кое јас имам информации дека е релевантно и веродостојно, нема ништо спорно.

Да одиме по ред.
Во ова писмо, Синодот на МПЦ-ОА бара од БПЦ да одлучи да воспостави сослужување со МПЦ, црква која Синодот на МПЦ во тоа писмо ја нарекува канонска наследничка на Охридска Архиепископија, што е многу важен момент особено во релациите со БПЦ и со бугарската јавност, каде Охридската Архиепископија се дефинира како бугарска црква. Што значи дека ако БПЦ го прифати овој предлог, МПЦ ќе добие валоризација за тоа дека е возобновител на Охридската Архиепископија и тоа од Бугарската Православна црква.

Потоа во текстот на писмото на Архиепископот многу јасно е дефинирано што сака МПЦ, а што за возврат ќе добие БПЦ. МПЦ овде бара признавање на реалноста, односно воспоставување литургиско единство и сослужување со БПЦ како автокефална помесна православна црква. Доколку БПЦ се сложи на тоа, а сосема јасно е што и како подразбира статус на автокефална црква, тогаш Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како Мајка Црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите Помесни цркви. За признавањето и воспоставувањето на евхаристиското единство, Бугарскиот патријарх го известува Вселенскиот патријарх, како и поглаварите на другите Помесни православни цркви“. (цитат од писмото).
Значи МПЦ-ОА добива автокефалност, сослужување, признание за нејзиниот историски континуитет со Охридската Архиепископија, признание на нејзината реалност. БПЦ добива право да се „фали“ дека МПЦ-ОА произлегла од нејзе, од нејзината јуриздикција.

На дел од македонската јавност проблематичен е терминот „Мајка Црква“.
И да, што е тој термин „мајка црква“?

МАЈКА ЦРКВА

Она што е важно во целиот овој процес на градење нови релации со БПЦ е фактичката состојба што на крај треба да произлезе како реалност. Во писмото нема дилеми дека тоа е автокефален статус на МПЦ-ОА, исто како што нема дилеми дека за тој статус, Бугарскиот патријарх ќе го извести Вселенскиот Патријарх и останатите помесни православни цркви. Овој предлог на МПЦ-ОА не предвидува никакви преговори или разговори за актуелните, постоечки позиции, напротив предвидува прифаќање на реалноста таква каква што е. Што значи дека тоа треба да резултира со вистинско позиционирање на МПЦ како автокефална црква. Едно од тие позиции се огледа во практичното функционирање, нешто што мора да се расчисти сега и веднаш, за да не останат дилемите. Значи, ако договорот со БПЦ значи дека Архиепископот на МПЦ во своите литургии прв го споменува Вселенскиот Патријарх, па редоследно, согласно диптихот на Православната црква, другите поглавари на црквите, ако светото миро го подготвува МПЦ сама, самостојно, ако изборот на Архиереи е самостоен без какво било мешање од Софија, ако Поглаварот на МПЦ „Белата Пана“ ја носи надвор од Македонија врз основа на своја одлука, тогаш тоа е автокефална црква и тука нема никаков проблем. Но, ако зад оваа идеја се крие опцијата дека наместо „Белата Пана од Белград“, како духовно туторство треба да се признае „Белата Пана од Софија“, тогаш тоа е само замена на центри, без суштина и прифаќање на она што веќе СПЦ го нуди како решение. Но, во ова писмо, вака срочено,  такво нешто не може да се прочита, но сепак важно е да се предупреди на тоа.

„Мајка Црква“ е термин кој, вака на прва, ако се гледа низ романтичарски поглед е многу чувствителен, особено ако се тргне од позицијата што е постаро јајцето или кокошката …

Терминологијата „Мајка Црква“ нема никакво значење во суштината кога станува збор за автокефална црква. Денес, тој термин е толку ирелевантен, особено што сите современи православни цркви на еден или друг начин се повикуваат на некое наследство и возобновување на некоја историска диацеза од некоја црква. Ако реално се дефинира терминот „Мајка Црква“, тогаш тоа би требало да биде Ерусалимската Патријаршија, бидејќи се од таму почнува,  но таа црква денеска во диптихот на Православните цркви е дури на четвртото место. „Мајка Црква“ денеска, ако хиерархиски се гледа, би требало да биде Вселенската Патријаршија, особено што токму Вселенскиот Патријарх е тој што го става потписот на Томосот за автокефалност, но колку овој статус денеска го има оваа црква?

„Мајка Црква“ е термин и за онаа црква која дозволила од својата јуриздикција да се издвои друга самостојна црква. Таков пример е Охридската Архиепископија, чија „Мајка Црква“ била Константинополската патријаршија, а таа била „Мајка Црква“ на неколку цркви, меѓу нив на Пеќката Патријаршија, на Траносвка Патријаршија … Но, таа црква не постои од 1767 година, ниту пак, во таа форма во која тогаш постоеле црквите произлезени од нејзе денес постојат?

Која е „Мајка Црква“ на Српската Црква? Која е „Мајка Црква“ на Бугарската Црква, Која е „Мајка Црква“ на Грчката Црква, која е „Мајка Црква“ на Руската (некои велат Охридската Архиепископија), на Албанска, на Романската….?

Што значи, наместо губење време во задоволување на национал-романтичарски докажувања, терминологијата „Мајка Црква“ денес треба да се гледа низ призмата на онаа црква која ќе може да ја согледа и признае современата општествена реалност, ослободена од предрасуди, бидејќи овој термин „Мајка Црква“ нема никакво значење кога е во прашање автокефална црква. Се согласувам со Владиката Наум, кој неодамна напиша „Мајка Црква“ може да ни биде само онаа Црква која прва и безусловно ќе ја прифати и признае автокефалноста на МПЦ – ОА, т.е. автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.
„Мајка Црква“ е, всушност, онаа Црква, што прва ќе го признае нашиот посебен црковен идентитет (а не дека претходно не сме постоеле, па сега некој нѐ раѓа), односно тоа е Црква што прва ќе ја увиди и признае оправданоста на нашето посебно автокефално пастирско делување во рамките на нашата црковна јуриздикција, во државните граници на Република Македонија. Затоа, „Мајка Црква“ е само поетски израз на огромна и незаборавна благодарност за Црквата која би нѐ заштитувала, застапувала и претставувала пред другите помесни Православни Цркви, за нејзиниот љубовен и личносен однос кон нас“.

ЈУРИЗДИКЦИСКО ПРАВО

Има ли Бугарската црква канонско право да признае автокефалност на МПЦ?

Полагањето на правото на таквата одлука обично се влече од јуриздикцијата што некоја црква ја имала врз територијата на која се создава таа црква. Но, тоа прашање е пред се политичка одлука отколку пак, прашање засновано на канони. Ако се гледа од позиција на тоа дали МПЦ и БПЦ имаат или не разлики во учењето, дали тие цркви се на истиот православен пат, (а МПЦ во ништо не се разликува од општото православно учење, туку напротив) тогаш од канонски аспект нема никаква пречка за заедничко сослужување. Јас знам многу такви примери што владици на голем дел од православните цркви го правеле и го прават со владици на МПЦ, но тајно надвор од јавноста, што укажува на уште една потврда дека зад одлуката да не се признае МПЦ стои политика, а не некакви разлики во верското учење.

Ако објективно се гледаат состојбите во поглед на правото на полагање јуриздикција на територијата на која денес функционира МПЦ-ОА, тогаш тоа право и припаѓа на СПЦ, иако сосема јасно е како таа јуриздикција е стекната (купена од Вселенската Патријаршија за 1.5 милиони франци во 1920 година). Од друга страна пак, фактичката јуриздикција на СПЦ врз епархиите во Македонија трае само 21 година. Почетокот на Втората светска војна значи и комплетно повлекување на СПЦ од оваа територија, а епископските позиции ги пополнуваат бугарските владици се до 1943 година.  Потоа, се што се случува на оваа територија е одлука на иницијативите за создавање Македонската Православна Црква. СПЦ нема никакво влијание се до 2002 година, кога успева по долги години, своето влијание да го врати преку создавањето на паралелната црковна ерархија на Јован Вранишковски.

Враќањето назад во историјата во потрагата по јуриздикциското право врз епархиите на денешна Македонија води до Бугарската егзархија и Вселенската Патријаршија. Односно во последните 30 години на XIX  век и првите 20 години на XX век, во Македонија има една превласт за јуриздикцијата. Иако, јас не сум голем поборник за идеализирање на Егзархијата, сепак македонската историографија треба многу работи отворено да ги претстави за периодот на дејствување на Бугарската Егзархија во Македонија, која има големо влијание на овие простори.

Оваа Егзархија се раѓа како движење за возобновување на правото на служење во црквите на словенски јазик, наспроти дотогаш службата на свештеници и владици од Вселенската Патријаршија на грчки јазик и секако идеја за возобновување на Трновската Патријаршија … внимавајте Трновска, не Охридската Архиепископија.

Во првите години на создавање на оваа егзархија, (како резултата на раскол со Вселенската Патријаршија, а од 1870 со ферман на Султанот), нејзината јуриздикција не била во Македонија, но поради потребата од литургија на словенски јазик, оваа егзархија станува прифатлива за македонското население, кое на референдумското изјаснување организирано од турските власти, во над 85 % ја прифаќа оваа црковна јуриздикција, иако таа официјално тогаш е непризнаена од Вселенската Патријаршија. Во таа Егзархија владици биле и многумина кои биле по род Македонци, а живееле со идејата за возобновување на Охридската Архиепископија, како митрополит Теодосиј Гологанов и многу други.  Со текот на годините таа егзархија имала и други пропагандистички цели, но сепак за се тоа мора македонската историја отворено да пишува.

Но, што друго е важно во целата оваа приказна и зошто ја споменувам егзархијата?  Не треба да се заборави дека овој период на функционирање е во време кога Отоманската империја е тотално разнишана и пред распаѓање, истовремено на север и на исток има две кралски држави, а и една монархија на Југ, (зошто е потенцирањето на терминот монархии? Затоа што тоа политичко уредување прво што создавало е влијание преку своја црква). Во тој период формално на територија на Македонија практично има двовластие на црковно поле. По губењето на позициите на Вселенската (грчка) Патријаршија и заземањето на се поголем простор од Егзархијата (бугарска), српскиот кралски двор се обидува да го наметне своето влијание во Македонија на тој начин што бара од Вселенската Патријаршија да назначи владици по род Срби, кои на еден начин би го задоволиле македонското население со литургија на словенски јазик, а од друга страна би го ширеле своето српско политичко влијание. Тоа за прв пат се случува во 1899 година, (период од само 15 години по експанзијата на Егзархијата во Македонија) кога Вселенската Патријаршија го назначува Фирмилијан Дражиќ за митрополит Скопски, кој во тоа време е клирик на Српската Патријаршија, а не на Вселенската. Белград и Цариград имаат една цел, да го спречат влијанието на тогаш се уште непризнатата Егзархија. По него, следува уште еден митрополит, Севастијан избран 1903, па уште еден Викентије Крџа, избран 1905, кој СПЦ годинава одлучи да го прогласи како Светец, токму како жртва на Бугарската Егзархија.

КАДЕ ВОДИ ОВОЈ ПАТ?

Идејата дека признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА треба да дојде преку Бугарската Црква не е нова, ниту непозната за црковната јавност (бараме за онаа која ги следи постојано настаните). Напротив, тоа како опција постојано била разговарана и дебатирана и за волја на вистината кај многумина оценувана како добра идеја.

Меѓу погласните застапници на таа идеја беше некогашниот епископ Дремвитцки, сега Архиепископ Српски во Македонија Јован Вранишковски. Од времето кога беше активен во МПЦ отворено ја застапуваше идејата дека МПЦ треба да добие признавање од БПЦ, дури и организираше средби со бугарските владици и ги убедуваше во исправноста на тој пат (Во прилог архива).

Како и да е, овој предлог на МПЦ, сега веќе и јавен, може да резултира како еден неуспешен дипломатски обид, или историски момент кој ќе биде забележан како тектонско поместување во историјата на Православната црква.

Во моментов, според моите информации, многу поголеми се шансите БПЦ да не одговори позитивно на овој предлог на МПЦ, освен ако зад ова не стои некое друго поголемо сценарио, за кое јас не знам.

Сепак, првичните реакции кои можат да се видат покажуваат дека оваа вест во „Црковен Белград“, а особено кај нивната црковна испостава во Македонија – Јовановата ПОА предизвикала голема вознемиреност. Дека има страв, оти нешто може да се случи, покажува и набрзина лиферуваниот текст на грчкиот портал „Ромфеа.гр“ кој треба да го сврти вниманието на православната јавност и евентуално да испровоцира реакции за да се спречи позитивен исход од оваа иницијатива.

За познавачите на состојбите е сосема јасно дека овој текст на „Ромфеа.гр“ е поради блиските релации на еден од владиците на Јован со главниот уредник на сајтот (инаку, многу влијателен сајт во православниот свет).

Стравот кај ПОА лесно се чита и кај нејзините медиумски мегафони, кои во овој случај се затечени, не знаејќи кој пат да го фатат, особено што ова се случува во период на политиките на новата влада за градење добрососедски односи со Бугарија.

Реакцијата која се очекува е онаа која треба да дојде од Москва, особено што Бугарската Православна Црква, барем до сега покажуваше дека е под тотално влијание на Руската Православна Црква. Еден вид нејзин инструмент во конфликтите со Вселенската Патријаршија.

Од друга страна стравот кај „Црковен Белград“ е и поради последната одлука од Соборот на СПЦ, да покренат постапка за канонизација на Викентије Криџа, вест која предизвика остри реакции во круговите на БПЦ, дури и иницијативи пред другите православни цркви таа канонизација на СПЦ да не биде прифатена.

Реално Бугарската православна црква, тешко дека би се одлучила на ваква „хазардска игра“, ако зад ова нема поддршка од некој моќен православен центар, затоа што тоа би повлекло големи реперкусии по нејзе, што не исклучува и општа екскомуникација во православниот свет, но за тоа да се случи ќе треба консензуална одлука на сите православни цркви, што е малку веројатно дека би се случило.

Но, доколку во играта има и некој друг, тогаш позитивен исход од вакво сценарио не е невозможен. Тој веројатно би предизвикал пресметан ризик на прекин на литургиското единство со СПЦ и веројатно за почеток остра осуда од Руската црква, која сепак би се обидела оваа позиција да ја искористи за да се наметне повторно како еден нов фактор за медијаторство во состојбите во Православниот свет, во обид да спречи исто сценарио со Украинското црковно прашање.

Што може да биде позитивно, а што негативно во ваква ситуација? Самото признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА од БПЦ, без некаков продолжен ефект на други признавања би бил уште еден од во празно. Но, прифаќање на тој чекор од страна на Вселенскиот Патријарх би значело една нова реалност во Православниот Свет, за очекување е дека таа одлука може да ја следат барем уште осум православни цркви, кои во моментов имаат безрезервна поддршка кон Константинопол, на пример трета црква која би ја признала МПЦ би била Албанската Архиепископија.

Со таков расплет на настаните СПЦ исто така најверојатно ќе биде приморана да влече потези.

Иако јас малку верувам во таква опција, сепак не исклучувам можност дека во таква ситуација на хаос во православието,  СПЦ може да одлучи и да признае автокефалност на Јовановата ПОА. И тогаш …

Марјан Николовски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *