Почетна Вести Христијанство И владиците на МПЦ излегоа на терен
И владиците на МПЦ излегоа на терен

И владиците на МПЦ излегоа на терен

489
0

Воведува ли Македонската православна црква – Охридска архиепископија нова стратегија за носење одлуки на синодско ниво или, пак, станува збор само за симболика? Последните две синодски седници, наместо во Архиепископијата на МПЦ владиците ги одржуваа во различни епархии. Минатата недела владиците на Синодот на МПЦ одржаа седница во Лесновскиот манастир. Ова е вторпат како тие не одржуваат состаноци во просториите на седиштето на МПЦ во центарот на Скопје, што е надвор од практиката. Интересен е фактот дека македонските владици, во јуни годинава, првпат во поновата историја, заседаваа во Охрид, односно во некогашното седиште на Охридската архиепископија, од која произлегува историскиот континуитет на денешната МПЦ-ОА. Засега никој од МПЦ не ги открива причините за ваквата постапка.

Владиката Тимотеј, наедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, вели дека веројатно ваквата состојба нема да стане практика – седниците на Синодот да се одржуваат во други епархии, освен во зградата на Архиепископијата на МПЦ во Скопје.
– Не е ништо чудно нашите состаноци да се одржуваат во седишта на преостанатите епархии или во рамките на одредени манастири. Во манастирот во Лесново не сум бил повеќе од 10 години, а ова беше добра можност да отидам повторно. Ова може и да е добар начин владиците да се запознаат со функционирањето на другите епархии – посочи владиката Тимотеј.

Инаку, според црковните канони, владиците не смеат да се мешаат во внатрешните работи на епархиите на друг владика. Но во овој случај не станува збор за мешање, туку за координирани заеднички состаноци.
Обично овие состаноци на владиците се одржувале во седиштето на Синодот на МПЦ во Скопје, во зградата веднаш до соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
На седницата не се разговарало на темата за можниот одговор на вселенскиот патријарх Вартоломеј, како и за евентуалното почнување преговори со Српската православна црква. Велат дека сѐ уште не стигнало некакво известување од СПЦ за евентуално воспоставување дијалог меѓу двете цркви.

Владиците веќе неколкупати имаат излезено со свој став дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија возобновена во лицето на МПЦ-ОА. Верските аналитичари велат дека владиците на МПЦ мора да останат доследни на својата историска одлука да се изборат за признавање на автокефалноста на нашата црква преку апелациската постапка што пред една година ја поведоа пред Вселенската патријаршија, која потоа одлучи да ја стави на дневен ред за разгледување.

Тие сметаат и дека МПЦ-ОА треба да чека изјаснување и став од Вселенската патријаршија за нејзиното прашање, зашто таа е последната инстанца што може да ѝ го додели томосот за автокефалност.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *