Почетна Анализа И туѓ, манастирот Свети Прохор Пчински секогаш ќе зборува за македонската историја
И туѓ, манастирот Свети Прохор Пчински секогаш ќе зборува за македонската историја

И туѓ, манастирот Свети Прохор Пчински секогаш ќе зборува за македонската историја

316
2

Македонија денеска го чествува Илинден, втори Август 1903 и 1944 година. Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ. Тоа се македонските мечти и соништа за слободна и независна татковина собрани со векови наназад во еден ден симбол – Илинден. Историски датум на кој се поставени темелите на македонската државност.

7Пред 113 години осумстотини востаници го ослободија Крушево, а десет дена подоцна, колку што траеше првата слободна Република, комитските чети, на Мечкин Камен и Слива, со својот живот ја бранеа Крушевската Република чиј прв претседател беше Никола Карев.

Четириесет и една година подоцна, во виорот на Втората светска војна, 115 делегати и осумчлено раководство, кои пристигнуваа во манастирот Св.Прохор Пчињски пробивајќи се низ непријателските фашистички блокади, го одржаа Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија). Заседанието го отворил најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, Панко Брашнаров, а претседател на Президиумот на АСНОМ бил Методија Андонов – Ченто. Тие ја институционализираа одлуката на македонскиот народ и етничките заедници да живеат во слободна држава во рамките на тогашната ФНРЈ. Меѓу усвоените документи со државотворно значење е Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларација за основните права на човекот и граѓаните на демократска Македонија.

8Освен сознанието дека ова е местото каде што се донесени значајни одлуки за самобитноста на Македонија и на македонскиот народ, денес во манастирскиот комплекс Св.Прохор Пчињски ништо друго не ја навестува историската нишка со Илинденското чествување. Со распадот на СФРЈ и формирањето на независни држави, манастирот како дел од територијата на Република Србија, се стави под владение на Српската православна црква која го оневозможуваше соодветното одбележување на Вториот македонски Илинден во автентичниот историски амбиент. Спомен-собата на заседанието беше испразнета, спомен-плочата беше отстранета, а манастирските порти затворени за наше достојно оддавање признание на АСНОМ.

1Чествувањето не застана овде. Од 2004. денот достоинствено се одбележува од другата страна на реката Пчиња во новоизградениот Меморијален центар „Пелинце“ посветен на АСНОМ. Во него се пренесе автентичниот изглед  на спомен-собата од манастирот во која се одржа Првото заседание на АСНОМ. Културно-историски и спортско-рекреативен центар подигнат во атарот на истоименото село во општина Старо Нагоричане на само неколку километри од манастирот Св. Прохор Пчињски.

СВЕТЕЦ МИРОТОЧЕЦ

Од граничниот премин со Република Србија до манстирскиот комплекс Св. Прохор Пчињски има три километри. Асфалтниот пат води низ живописен шумски предел долж течението на реката Пчиња, еколошки заштитен со уредба на српската влада која го има прогласено за предел на исклучителни одлики „Долина на Пчиња“, па пешачењето е вистинско уживање. Сообраќајот на оваа делница што води низ планинскиот предел на Козјак до Врање и натаму се приклучува на магистралниот пат кон Белград, е со толку мал интензитет, што ништо, освен црцорењето на птиците и жуборењето на Пчиња, не го пореметува прекрасното доживување.

3Овој наш празничен ден, како и секој друг, манастирот е потонат во својот духовен мир.

Штом ќе се помине мостот на реката и ќе се влезе во внатрешноста низ главната, една од четирите манастирски порти, на секој чекор е видлива раката и грижата на монашкото сестринство со игуменијата Стефанида.

Централно место има грандиозната црква што го носи името на пустиножителот, Светиот Прохор Пчински.  Манастирот е подигнат во 11 век од византискиот цар Роман Диоген 4, а е обновен од српскиот крал Милутин во 14 век. Живописот на црквата е од 1489 година. Црквата, како и манастирскиот комплекс низ вековите биле обновувани и доградувани.

10Кон внатрешноста на православниот храм водат масивни дрвени порти до кои се доаѓа откако ќе се искачат 12 широки конусни камени скалила, препознатливи од фотографиите на нашите и српски државници од времето кога македонската делегација беше добредојдена во манастирот и го одбележуваше АСНОМ. Од лево е манастирската трпезарија која во август 1944 година за потребите на одржувањето на Првото заседание на АСНОМ била пртворена во сала за одржување на заседанието. Од неа во 1998 година е отстранета спомен-собата со сите обележја и никој не знае каде е автентичниот инвентар. Неофицијално, биле изгорени. Во моментот кога го посетивме манастирот, доградената зграда со трпезаријата се реновираше.

Она по што манастирот Свети Прохор Пчињски го привлекува интересот на посетителите е фактот дека тука се наоѓаат светите мошти на Прохор. Тие се заѕидани од десната страна на олтарот на најстарата олатрна купола од 11 век. По кажувањето на монахињата, сестра Даница, во малото ковчеже во олтарот пред кого се поклонуваат верниците и се држат молитви за здравје, изложена е само една честица од моштите на пустиножителот Прохор. Од страв да не се разнебити, неговото тело кое било најдено во пештера на Козјак планина каде што се подвизувал, нераспаднато, веднаш е соѕидано во олтарот уште кога се градела црквата. Бидејќи постојано мироточело, по кажувањето на монахињата, во процеп од ѕидот е оставен отвор од кој се гледа како тече светото миро. Неговата десна рака, вели таа, според преданијата ја има земено лично царот Роман Диоген 4 и ја има однесено во Истанбул.

9Вниманието на секој посетител го привлекува и необичната карпа, дело на природата, чиј обли ја отсликува Богородица. Таа се извишува високо над патот и во својата габаритност воочлива е од манастирскиот двор. Секако тука е и изворот со вода на Прохор Пчињски за кој се верува дека има лековити својства.

ИСПОСНИЧКО ПРЕТСКАЗАНИЕ

2Житието вели дека Свети Прохор Пчињски потекнувал од некое село од Овчеполието. Родителите, татко му Јован и мајка му Ана биле чесни и побожни луѓе кои долго немале деца. По многу години молитви Бог ги дарувал со машка рожба. Му се радувале и го воспитувале во христијански дух, а кога пораснал сакале да го оженат, да формира семејство и да го наследи имотот. Но, Прохор сакал да му се посвети на Бога и така било. Во планината започнал испоснички живот. Најпрвин живеел во една пештера во близината на селото Старо Нагоричане, Кумановско. Се хранел со зелје и корења од трева, живеел во пост и молитви, зиме на мраз, лете во пот. На тоа место без да види човек, а дружејќи се само со дивите ѕверови минал 32 години.

Токму тука имал средба и со Роман Диоген 4, на кого му ја претскажал иднината, дека ќе биде цар на Византија. Според житието еднаш кога Диоген бил на лов во овој крај бркал една срна. Срната дошла пред пештерата и легнала пред нозете на светецот. Потоа по неа дошол и Диоген кој се исплашил од глетката и се засрамил од старецот, поради што почнал да бега од местото. Старецот го повикал по име: „Диогене, немој да бегаш, но врати се, и јас сум човек“. А кога се вратил кај старецот барајќи прошка и благослов овој му рекол: „Диогене, речено е да одиш во Цариград и да бидеш цар, но кога ќе дојдеш на престолот спомени ме мене, старецот, поради пророштвото што ти го изреков“.

Диоген навистина станал цар на Византија во периодот 1067-1071 година, и тогаш го заборавил светиот Прохор. Овој пак монашкиот живот го продолжил во планината Козјак во една пештера во близината на реката Пчиња, каде што и умрел на 14-тиот ден од месецот октомври, а неговото тело долго не се распаднало.

5Царот Роман Диоген навистина заборавил на светиот старец, но еднаш тој му се јавил во сонот и му рекол: „Ја заборави твојата облека и мене старецот“. Тогаш тој тргнал да го бара на местото каде што ја имал чудната средба со него и со срната. А кога не го нашол, за спомен изградил убава трокорабна црква што и денес ги восхитува случајните и намерните посетители на селото Старо Нагоричане,  Свети Ѓорѓија. А кога сакал да се врати во Цариград пак во сонот му се јавил светецот и му рекол дека ако го бара ќе го најде во планината. Царот со придружбата тргнале низ планината и на едно место виделе како бел орел излегува од една пештера. Во таа пештера го нашле телото на светецот уште нераспаднато. Царот и придружбата се поклониле пред светите мошти, и ги понесле кон реката со намера да ги положат во манастирот посветен на неговиот спомен. На едно место ковчегот со светите мошти застанал и не можеле да го помрднат, а светецот му се „јавил“ и рекол: „Нема да ме однесеш оттука“. Така царот Диоген го гради манастирот Свети Прохор Пчињски како негово вечно почивалиште кој и денес ја раскажува приказната за пустиножителот Прохор Пчињски што кај верниците предизвикува восхит и почит.

/МИА

Коментар(2)

  1. Navreda e za ova, kako i za sekoe svetiliste, da se stava vo kategija tudje ili ne e nase . Sekoe pravoslavno svetiliste e pred se hristijansko, pa ottogas katolicko ili pravoslavno, pa srpsko ili nase. Koga se vostanovilo ova svetiliste ne postoela kategorizacija na na selenieto, vernite, na srpsko, grcko ili makedonsko. Terminot na nacionalnata opredelba togas ne bil vo opcija, tuku opsesejata bila na hristijansko , bozje. I samiot svetitel, prepodobniot otec Prohor , ne e za veruvanje deka bil opsednat so nacionalnata pripadnost, ne bil opsednat so toa dali e Grk, Srbin , ili Makedonec i vo podviznistvoto ne se rakovodel so taa opteretenost, tku se podvizuval samo rakovoden od boga i vera vo Boga. Krvenjeto momedju jerarhite na na nacionalnite crkvi, Srpskata i mmakedonskata, cie e ova svetiliste , ja namaluva negovata vaznost i svetost. Sramota e toa za samite jerarhii na sprotistavenite i skaranite bozji poslenici, koi se celo medju vernite. Za svetilisteto i za vernicite e najmalku vazno dali duhovnite pretstojateli, kalugerite, vo nego ce se kocoperat i sepurat so kokarda ili 4 ocila, koje jedno drugom okrenulo ledja, na celo, ili so Sonceto od Virgima ili VMRO-vskoto lavce , oti vo svetilisteto ne se odi toa da se vidi, tuku da se pomoli na Boga i pokloni na mostite na svetitelot.

  2. Sekoj koj vo ova svetiliste odi so primarna opsesija, cie e toa svetiliste- manastir, srpski ili makedonski i dali portite ce mu gi otvori srpski ili makedonski kaluger, podobro e da ne odi , oti badijava odi tamu. I taa svetinja,ne zboruva za istorijata, oti taa e mnogu necista i mnogu pokvarena sto se odnesuva do nego, tuku taa svetinja zboruva za hristijanstvoto i za podvizuvackata energija i mocta na pravoslavnata vera. Kreaotrite na istorijata vrz osnova na ova svetinja, nemaat vrska nitu so verata, nitu pak so manastirot, oti taa istorija e istorija na nasata pravoslavna sudbina , da bideme podeleni na Srbi i Makedonci, a ne da bidime obedineti kako hristijani i braca vo Hrista. Manastirot ja nema taa namena da e svedok za macnata i taznata istorija na hristijanskiot narod na tie prostori , oti ako za nego ja slusame isorijata od VMRO-vecot Ljupco Georgoevski i Srpskiot radikal Seselj , ke zgazime vo nejzinata temnina , gusta kao kal.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *