Почетна Коментар И откако благодари…
И откако благодари…

И откако благодари…

163
0

Покрај многуте поуки што сум ви ги кажувал за Исусовата молитва, овојпат сакам да ги нагласам следниве две:

Прво, оној што сака да го добие дарот на умно-срдечната молитва, убаво е да го покаже тоа на тој начин што секој ден ќе пробува молитвено да влезе во срцето. Одвојте најпрвин пет минутки за тој подвиг, а потоа само по себе времетраењето на молитвата ќе се зголемува. Самиот подвиг ќе ви го покаже патот. (Само да ве потсетам дека за време на Страсната и Светлата седмица, како Божји дар кон нас, срцата ни се посебно отворени за овој подвиг. Исто така, и на другите големи Господови и Богородични  празници.)

И второ, генерално, соодветно е молитвата да биде собрана, нерасеана, и тоа да се потрудиме колку што можеме подолго да го држиме умот во таква состојба. Трудете се во нерасеаната молитва и ќе видите како срцето само ќе почне да ви дава сигнали за местото во него, каде што точно треба да биде собран умот.

Ја слушнавте денес молитвата од Канонот на Евхаристијата, кога Богочовекот Христос се предаде Себе за живот на светот, како „го зеде лебот во Своите свети,пречисти и непорочни раце и, откако благодари [на Бог Отецот], го благослови, го освети, го прекрши, им го даде на Своите свети ученици и апостоли…“ Така некако слично е забележано и од светите Евангелисти. Имаше ли потреба Он, како Син Божји, јавно да Му благодари на Отецот или што било за Себе да прави? Зошто јавно да Му благодари на Оној со Кого е во личен и суштински благодарен однос, кој за нас останува тајна? Зошто јавно да благодари, кога знаеме дека Тој е Оној „Кој принесува и се принесува, Кој прима и се раздава?“ Нормално, нема потреба од тоа. Сето тоа повторно го направи за нас и нашето спасение. Ова сакав да го нагласам и кон тоа да го привлечам вашето внимание. Значи, можеше, како Бог, само да ги благослови лебот и виното, и тоа ќе беше доволно за основање на Светата Тајна.

Какво значење има кажаново за нашиот монашки подвиг? Можеме од сето ова да извлечеме заклучок дека и при ова светотаинско случување, со чинот на благодарење, Богочовекот Христос нешто ни порачува и на нешто со дело нѐ поучува, како и тоа дека за нешто ни дава сила. Ни порачува и нѐ поучува, и сила ни дава најнапред да Му благодариме на Бог Отецот за сѐ, на тој начин што самите себе, еден со друг и целиот свој живот на Христос Бог ќе Му го предадеме, во Светиот Дух. Кога на овој начин, лично и соборно Му благодариме, односно Му се принесуваме на Бог, тогаш целиот наш живот станува една Света Тајна. Христос ни покажува дека благодарењето е нашиот начин на живот.

Како што еднаш веќе ви спомнав, свето е да Му благодариме на Бог, секогаш, за сите и за сè. Да Му благодариме за сето она што ни се случува, а ни се чини дека е добро, како и за оној што ни го прави тоа; и за сето она што ни се случува, а ни се чини дека е лошо, како и за оној што ни го прави тоа. Секого и сè да примаме како дар Божји, од една страна, но и, од друга страна, да се трудиме што посовршено да ги исполнуваме Божјите заповеди, за надградба на Телото Христово – Црквата. Накратко, да се однесуваме како деца Божји, а не како робови или наемници, кои работат или трпат за својот гол живот или за плата. Ако не ги вкусиме големата утеха и радост особено при неволјите, значи дека не Му благодариме на Бог од сè срце и дека не си го познаваме срцето. Благодарноста привлекува сè поголеми и посовршени дарови Божји.

Но, како целиот наш живот станува една Света Тајна? Секогаш кога на Бог Му благодариме, ние истовремено и благословуваме и сме благословени, и осветуваме и се осветуваме, и самите себе се прекршуваме и се раздаваме, односно Христос Богочовекот Го сведочиме – „Ова правете го во Мој спомен, оти кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Он не дојде“ (сп. 1. Кор. 11, 25–26). Но, истовремено не треба да се плашиме дека ќе се потрошиме затоа што „се раздробува и разделува Агнецот Божји, Кој се раздробува и не се разделува, секогаш јаден и никогаш дојаден“.

Тогаш кога ќе успееме да го прилагодиме начинот на нашиот живот согласно степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, тогаш всушност ќе почнеме и да Му благодариме на Бог, односно конкретно да Му се принесуваме, иако можеби се наоѓаме само на првиот степен. Секако, спасоносното благодарење, во смисла на соборно значење, започнува со молитвата во срцето, односно кога умот ќе излезе пред олтарот на своето срце и на него ќе ја принесе својата словесна жртва, за живот на светот. Нема благодарност кон Бог од сѐ срце без умно-срдечна молитва.

Точно е дека Христос чука на вратата од нашето христијанско срце, но однатре. И сѐ да Му принесеме на Бог, ако срцето наше не Му го принесеме, ништо не сме направиле. Светиот апостол Павле во ваква прилика употребил егзистенцијално уште пострашен израз: „ништо не сум“ (1. Кор. 13, 2). Видовте во денешното евангелско четиво како фарисејот давал во храмот десеток, и тоа само од она што материјално го поседувал; и кое, дури, испаднало и на негова духовна штета. Тоа е пример за гордост што произлегува од надворешното исполнување на правилата, без водење сметка за внатрешниот и невидлив духовен живот. И видовте на naumкој начин митарот срдечно Му се принесува на Бог: „Боже, биди милостив кон мене грешниот!“ (Лука 18, 13). Само во тој дух на покајание можеме да влеземе и оправдани да излеземе, пред Лицето Господово, од храмот на нашето срце.

Пресвета Богородице, помогни и спаси нас!

Пишува; Митрополит Струмички Наум

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *