Почетна Анализа И нашата армија и полиција имаат потреба од капелани
И нашата армија и полиција имаат потреба од капелани

И нашата армија и полиција имаат потреба од капелани

325
0

Воените капелани постојат во сите земји кои се членки на НАТО, па и во Русија. Капеланите во САД имаат завршено високо теолошко и воено образование и учествуваат во процесот на обуката на својата единица, па и во извршувањето на сите задачи, како и секој друг старешина. Во другите држави, по еден главен капелан е назначен од секоја религиска или верска група за една значителна бројка на воен (полициски) персонал.

Со премин на македонскиот државен систем од социјализам во капитализам и со воведувањето на парламентарна демократија, не дојде до значително поместување во правец на прифаќање на капеланство во институциите. Капеланството овозможува организирање на верски активности во армијата, полицијата и други јавни установи.

Уставот на Република Северна Македонија ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и нејзиното јавно изразување. На националните малцинства кои живеат во државата со Устав им се гарантира заштита на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет. Тука, особено би го нагласиле религиозниот аспект на организирањето, кој покрај уставните и законските можности, остана неисполнет реформски зафат.

Сите граѓани кои служеле во некогашна ЈНА добро паметат дека верските обреди беа строго забранети, а беше санкционирана и секоја постапка на чување верски предмети и верска литература. Со влегувањето во институционален плурализам, во поглед на верските слободи и права, од тој аспект немаше големи промени. Армиските и полициските службеници продолжија со трендот на практикување на религијата и религиските убедувања вон институциите.

Со таквото постапување не се докрај испочитувани законите на државата и стандардите на НАТО партнерските земји, ниту индивидуалните верски права. Во тој поглед, соседните земји веќе се далеку пред нас, и во догледно време потребни се темелни реформи и воведување на капеланската служба во безбедносните служби и други јавни институции.

Капеланство како дел од НАТО структурите

Капеланството е релативно нов поим на овие простори. Во бившата СФРЈ во армиските и други установи постоеше работно место „моралист“, односно лице надлежно за советување и поставување соодветни норми и етичко однесување. Претежно, под капелан во овој контекст се смета она професионално лице кое во воена, полициска или друга јавна установа организира и нуди духовна, морална, етичка и советодавна улога заради почитување на верските и другите религиски потреби. Тоа може подеднакво да се прави и во воени и во мирнодопски услови. Работејќи во мултинационални, повеќејазични и мултирелигиозни средини – дома и во странство – капеланите практикуваат нови видови соработка кои можат да послужат како модели на верска толеранција.

Воените капелани постојат во сите земји кои се членки на НАТО, па и во Русија. Со влезот во НАТО структурите и меѓународните организации, армиските единици стануваат дел од капеланскиот совет на НАТО и може да учествуваат на Меѓународната конференција за воени капелани која првпат е одржана во 2009 година во Кејптаун.

Во американската армија постојат армиски, поморски и воздухопловни капелани. Капеланството го поддржува основниот принцип на слободно остварување на религијата и помага да се збогати духовното, моралното и етичкото ткиво на војската на САД. Капеланите се членови на штабот на секој командант и нивното мислење при донесувањето одлуки е многу респектабилно. Капеланите во САД имаат завршено високо теолошко и воено образование и учествуваат во процесот на обукатана својата единица, па и во извршувањето на сите задачи, како и секој друг старешина. Во другите држави, по еден главен капелан е назначен од секоја религиска или верска група за една значителна бројка на воен (полициски) персонал.

Состојбата во Република Северна Македонија

Над половина од граѓаните во Северна Македонија се сметаат за религиозни. Со член 19 од Уставот е регулирано дека сите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот, со што јасно се укажува дека не постои државна религија.

Богослужба, молитва и други манифестации на верата во верски објект или на места утврдени со закон може да организира и да врши верски службеник од црква, верска заедница и религиозна група, или со нивна дозвола. Според член 20 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, лицата кои се сместени во болници, домови за деца и домови за стари лица, армиски и полициски институции и простори, затвори и слични институции можат да ја изразуваат својата вера и по сопствено барање да бидат посетувани од свештени лица заради вршење верски обред и други форми на манифестирање на религијата или верата во согласност со куќниот ред на институцијата во која се сместени. Поведени од овие побуди, верските заедници во нашата држава пред три години побараа воведување капелани во армијата, во болниците, во затворите и во институциите. Надлежните сè уште немаат одговорено на тие барања, и како да немаат разбирање за ова прашање.

Ова е неопходно и во полициските станици, административните јавни установи ширум државата каде што владее диверзитет на припадници од повеќе верски заедници, и секојдневно среќавање со верски потреби на вработените и на странките. Факт е дека нашата држава е со релативно слабо искуство во овој поглед и дека нејзините потреби не можат да се споредат со американските и на некои други поголеми држави. Но црногорската, босанската, српската и некои други соседни армии, полиции и јавни установи нудат модели и начини на организирање кои доколку се применат во соодветен тест-период, може да доведат до позитивни резултати.

Можеби ќе може да се понуди и некој друг уникатен систем кој би се црпел од анкетите и согледувањата на верски поупатените лица. Во поглед на тоа, МПЦ и ИВЗ, како и другите верски заедници, треба да имаат улога на коректор на аномалиите и советодавен орган, додека лицата кои би биле ангажирани во соодветните служби би требало да потекнуваат од самите служби заради намалување на трошоците. Иако верските заедници инсистираат на поставување свои лица, секое законско решение што оди во полза на граѓаните и во исполнување на нивните права е добредојдено. Тоа ќе води кон остварување на правата на припадниците на армијата и полицијата како и лицата кои отслужуваат одредена затворска казна, но и болните лица.

Професионално профилирање

Формациската поставеност во армијата и полицијата засега не предвидува капеланска служба, што би повлекло нова систематизација на работните места на безбедносните сили. Во војската на Србија и на Босна и Херцеговина, наизменично се ангажирани православни, католички свештеници и имами. Вообичаено е да има свештено лице (капелан) на 100 до 500 припадници на армијата, што во превод би значело во една касарна, или на неколку полициски станици, да има по еден капелан. Тој би требало да го организира целосниот верски живот на припадниците од одредена верска група, да изведува богослужба и постојано да комуницира со воените и полициските старешини за да ги запознае со општото расположение, проблемите и мотивираноста. Најголема придобивка од капеланството би било моралното советување во поглед на намалување на корумпираноста и изложеноста на стрес.

Иако одговараат пред верската заедница на која ѝ припаѓаат, во институциите од затворен тип тоа треба да се високо доверливи лица кои би знаеле да ги чуваат тајните на персоналот со кои доаѓаат во контакт, да посочат на грешките во однесувањето на поединци, да бидат лица кои позитивно ќе влијаат врз колективот и воедно да поттикнуваат атмосфера на доверба, силна мотивираност и исполнување на духовните и други важни цели за општествено добро.

Поради актуелниот проблем на радикализација и екстремизам, предвидена е Национална стратегија за спречување на насилен екстремизам. Капеланството би требало да ја потисне радикализацијата и да ја поттикне ресоцијализација на лицата и службениците кои од идеолошки и други причини дејствуваат спротивно на институционалните и општествени цели. Капеланите треба да бидат во меѓусебна комуникација со верските заедници, вооружените сили и општеството, подигнувајќи ги моралните вредности со својот авторитет. Тие може да предлагаат кадри од доменот на психијатријата, психологијата, социјалните работи и од други сфери, заради отстранување на детектираните опасности.

Капеланската служба и нејзиното воведување во армиските, полициските и други установи, претставува неопходен чекор предвиден и зацртан со сите правни и други човечки норми, познат и признаен од НАТО партнерските инсистуции.

/м-р Тимурленк Чековиќ /respublica.edu.mk

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *