Почетна Проповеди Христијаните како мисионери: заветот на Светите Браќа
Христијаните како мисионери: заветот на Светите Браќа

Христијаните како мисионери: заветот на Светите Браќа

99
0

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на споменот на Светите Кирил и Методиј, на Светата Литургија во бигорскиот скит во с. Битуше посветен на нив, на 24 мај 2021 лето Спасителово

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Му благодариме, возљубени браќа и сестри, на милостивиот Бог што повторно нè собра овде, на ова свештено место што го посветивме на Светите рамноапостолни сесловенски и велики учители наши Кирил и Методиј.

Навистина е многу жалосно и поразително кога добрите потенцијали и предиспозиции кај луѓето – што несомнено ги има кај секого – не се поттикнуваат и не се негуваат, туку напротив – запоставени, тие со време згаснуваат, па дури и исчезнуваат. Оваа појава во нашево време е, за жал, доста честа. А тоа е така затоа што сè поголема реткост стануваат луѓето што можат да ги поттикнат тие потенцијали кај другите, да го извлечат од нив доброто и убавото и да ги развиваат. Се разбира, не секој го може тоа, бидејќи за такво нешто е потребен голем труд, просветление и жртва. Да земеме еден пример од секојдневието: колку труд, трпение и правилен педагошки пристап е потребен, за да се научи едно мало дете од претшколска возраст да чита и да пишува и да напредува во вистинската животна насока. Не сите се способни да поучуваат и да ги развиваат добрите страни кај другите. Па, кога тоа е тешко за општите работи од секојдневниот живот и развиток на луѓето, тогаш колку ли потешко е да се најде учител, советник, просветител за Божествената наука на Господа Исуса Христа, за која е потребно неспоредливо поголема посветеност, знаење, долготрпение и саможртва?! Затоа Христос во Своето Евангелие вели: Жетвата е голема, а работници малку (Матеј 9,37). Тука под работници ги подразбира Своите последователи, најнапред Дванаесетте апостоли, но и сите оние што ќе ги послушаат нив и ќе треба да го продолжат нивното дело, да работат во Божјата нива – оние што ќе треба да го проповедаат Евангелието насекаде во светот, согласно зборовите Негови: Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание (Марко 16,15).

Нам Словените, Господ ни пратил божествени педагози, свештени учители, богогласни проповедници и цивилизациски родоначалници – овие велики Христови апостоли, Светите Браќа Кирил и Методиј, кои беа способни цели народи да ги научат на Словото Божјо. Овие двајца избрани благовесници на Евангелието Христово најнапред направиле голем подвиг и жртва, оставајќи ги светот, блескавата кариера, почестите и комфорот што им ги нудел царскиот двор на големото Ромејско Царство. Светиот Методиј, образован и надарен военоначалник и законодавец, ги оставил земските титули и заминал на молитва и тихование в манастир. По монашки живот и безмолвие заради Христа копнеел и помладиот му брат Константин Философот, кој како библиотекар при Великата Христова Црква „Света Софија“, бил блиску до византискиот цар и до царските првенци, па дури му бил понуден и брак со кнегиња од царскиот дворец, но нему повеќе му омилела мудроста Божја отколку каква било убавина од овој свет. Во тоа време до ромејскиот двор стигнало барање од Словените во Моравија, од кнезот Ростислав, да испратат мисионери што ќе го проповедаат Христијанството на разбирлив за нив јазик. Моравските Словени сакале да слушаат за Христа, да учат за Него, бидејќи увиделе дека Тој е Вистината, Патот, Светлината и Животот, но не можеле да ги разберат тие што дотогаш им проповедале за Него. Византискиот цар Михаил III им ги испратил тогаш Светите Браќа, кои го поставиле темелот на една цела цивилизација во Христа, од која дел сме и ние. Од примитивци, скитници и варвари, како што дотогаш биле нарекувани Словените и сите народи што не биле просветлени од евангелската светлина, тие станале просветен народ, цивилизиран народ, со своја писменост и култура.

Светите Кирил и Методиј извршиле огромно апостолско дело, или, како што вели нивниот житиеписец, Свети Климент Охридски, тие го довршија делото започнато од првоврховните апостоли Петар и Павле, па затоа го примија и нивниот удел и беа наречени Рамноапостоли и Божји пратеници, мисионери. Но, и сите што ги просветлувале народите во вистината, во апсолутната Вистина, која е Христос Бог, и им ја предавале светлината Негова, биле мисионери. Мисионери се сите оние што се огласиле на Христовите зборови: Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух (Матеј 28,19). Како Христови ученици и последователи, овие зборови ни се упатени и на сите нас. Веројатно нам во животот нема никогаш да ни биде дадено да создадеме нова азбука, или да го преведуваме Светото Писмо, или да отидеме некаде во далечна земја и таму да им проповедаме на луѓе што не знаат за незаодното Сонце Христос, но со сигурност од нас се бара да сведочиме за Христа во нашето опкружение. Секој крстен Христијанин кој се причестува со пречистите тело и крв Христови, Го носи Христа во себе и е повикан да биде Негов мисионер во местото каде живее и се движи. Точно, не секој Христијанин е задолжен од Црквата да поучува и проповеда со зборови, но сите ние сме должни да Го сведочиме Христа со својот живот, со учеството во благодатта и во радоста Негова.

Најнапред, Негови сведоци и мисионери, проповедници за Божјата светлина треба да бидат учителите и педагозите во нашите училишта. Некогаш училиштата биле места за вистинска просвета и образование, каде нашиот народ стекнувал Христов образ во себе. Нема да започнам од далечната историја туку од блиската, за тоа колку Црквата се грижела за просветлението на народот. До крајот на Првата светска војна сите школи во нашата сакана Татковина биле отворени и одржувани од Црквата. Создадени во време на Отоманската Империја, тие биле единствениот извор на просвета и места за облагородување на луѓето. Црковните школи и веронауката биле присутни и во кралска Југославија, но поради политичките притисоци и пропаганда и наметнувањето на туѓа јурисдикција, соблазните биле големи и многу луѓе се оддалечиле од Црквата. Потоа настапи злокобниот комунизам, кој на сите можни начини се обидуваше да го искорени живото Божјо слово од срцата на луѓето. Но, во тоа не успеа докрај, поради тоа што Светите Браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, со многу молитва, љубов и татковска грижа го всадиле во нашите предци учењето за Словото. Впрочем, ним не им била целта просто да создадат писмо за Словените, туку преку тоа писмо и писменост да ги научат народите за Христа распнатиот и воскреснатиот. Токму затоа во нашето прво писмо глаголицата, што со векови се пазела од нашите предци, основните знаци се крстот, кругот и триаголникот. Крстот како симбол за Христовата победа и Неговото оружје на мирот, кругот кој ги означува совршенството и бесконечноста на Бога и триаголникот како симбол на Светата Троица. Колку молитва, пожртвуваност и просветление биле потребни, за нашиот првоучител Свети Кирил, заедно со неговиот брат Свети Методиј, да го создаде тоа прекрасно боговдахновено писмо! И потем првото нешто што го превеле со новото писмо било Евангелието според Свети Јован Богослов: Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото (Јован 1,1) – за да покажат дека најважно е човек преку Словото да се очовечи, зашто човекот без Христос не може ни човек да се нарече. Оти, Словото Божјо слегна од Небесата, се воплоти и се облече во човечката природа, станувајќи образец за совршен човек, за да нè направи вистински луѓе.

Не поминале ни стотина години од времето кога Црквата на нашиот народ му значела сè, за денес во нашето општество да има дебата, или поскоро недемократски монолог на одредени структури што сметаат, наспроти волјата на поголемиот дел од народот, дека во школите не треба повеќе да има предмет веронаука, иако тој не е ни веронаука во буквална смисла, ами е толку прилагоден на нихилистичките текови, што повеќе се однесува на етиката отколку на верата. Впрочем, така и се нарекува: етика на религиите. Но, за жал, некому и тоа му пречи. Колку апсурдно: денес кај нас постојат такви, што со јазикот и писменоста што ни ја оставиле како најсвето наследство Светите Солунски Браќа, востануваат и го хулат нивното дело и го сечат коренот од кого израснала нашата култура! Навистина жалосно. Затоа, да се молиме сите на Светите Кирил и Методиј да ни простат што како општество го погазуваме нивниот труд и жртва и да не нè напуштаат, туку да ни испраќаат просветление и богопознание. Оти, доколку не знаеме за нашата вера, особено ние на кои целата цивилизација ни се темели на Христијанството, тогаш ќе се вратиме во примитивизам и варварство.

Неодамна прочитав една анализа во која експерти по образование и наука во Франција дошле до заклучок дека младите Французи повеќе не можат доволно да ја разберат француската философија, литература и наука. Знаете ли зошто? Затоа што во Франција изминативе децении многу малку се изучувало Христијанството. Стануваат сè попримитивни, не можат да ја разберат сопствената култура, своите писатели. Зашто, сета стара литература, не само на Франција, ами на цела Европа, е инспирирана од Евангелието. Повеќето писатели биле побожни луѓе. Да не зборуваме за музиката! Големите композитори на кои до ден денес светот им се восхитува, биле исклучително побожни. Да говориме ли за медицината? Најголемите лекари, истражувачи и пронаоѓачи биле длабоко побожни луѓе. Постојат нивни книги, записи, спомени, во кои можете да ги прочитате нивните прекрасни мисли за Создателот.

Истото се однесува и на нас Славјаните, на нас Македонците. Целокупната наша култура е втемелена токму на Христијанството, на Христовото Евангелие. Доколку сакаме да си го сочуваме цивилизацискиот идентитет треба да се потрудиме и ние да станеме Христови сведоци, мисионери на Неговата просвета и љубов во нашето секојдневие. Пред сè, мисионери треба да бидат родителите во семејството. Прво, тие треба да научат да се љубат меѓу себе, за потем да можат и децата да ги научат да љубат; да си проштаваат еден на друг, та и нивните деца да научат да проштаваат. Да ја читаат Библијата пред децата, да се молат пред иконите пред нивните деца. Ете мисионерство. Така ќе ги поттикнат и развијат даровите и добрите потенцијали во нив. Најнапред, да ги научат да веруваат, да имаат доверба, да имаат љубов. Тоа се даровите што Христос сака да се умножуваат во нас. Затоа низ сета историја ни испраќал такви Божествени луѓе што самите се научиле и ги усвоиле христијаните добродетели, па можеле и другите да ги научат. Ги поставил апостолите, нивните следбеници, а нам ни ги испратил и нашите апостоли, Светите Кирил и Методиј. Имаме посебна одговорност кон овие големи Учители на родот наш, кои оставиле сè и се впуштиле на проповед среде варварски народи и со љубов, со труд, со молитва и долготрпение ги преобразиле нивните примитивни обичаи во христијански, ги научиле на писмо и најважно од сè – ги научиле да се поклонуваат на Словото, на вечното духовно Сонце, Христос нашиот Бог.

Да се молиме, мили мои, да престане богоборството во македонското општество и сите да сфатат дека е неопходно веронауката да остане во нашите училишта, а и нашите црковни дејци што повеќе да се трудат, за правилно да се шири словото Божјо. Да се молиме, исто така, за што побрзо да се догради овој манастир тука, кој, благодарение на семејството Џиковски од Скопје, се гради токму за таа цел: да допре словото до што повеќе души, особено до младите деца кои се иднината на нашата земја и на нашиот христијански идентитет. Се надевам дека до година конакот ќе биде веќе завршен, а и искушението со пандемијата целосно ќе мине, така што ова духовно школо посветено на Светите Кирил и Методиј заедно со храмот, ќе започне да функционира.

И да не забораваме, мили мои, дека сме Христови сведоци и мисионери. Затоа, да го чуваме свето во срцето сето она што ни го дава Христос. А ни дава многу! На крштението сме ја примиле Неговата огромна благодат. Сме се оправдале, очистиле и осветиле, како што вели една молитва на крајот од чинот на крштението: „Се оправда, се просвети, се освети, се изми во името на Господа нашиот Исуса Христа и со Духот на нашиот Бог“. Потоа, се причестуваме со телото и крвта Христова, стануваме истотелесни и истокрвни со Него. Да го чуваме тоа свештено богатство и да го предаваме со страв Божји на другите. Сите сме повикани да бидеме мисионери. Бидете добри мисионери Христови!

Христос Воскресе!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *