Почетна Анализа Хистеричната антихристијанска реторика на грчките владици
Хистеричната антихристијанска реторика на грчките владици

Хистеричната антихристијанска реторика на грчките владици

787
0

Хистерични полни со говор на омраза, навреди и кон Македонската православна црква, но и кон Македонците, се речиси секојдневните јавни настапи на еден дел од грчките владици, кои и онака важат за најголеми националисти во грчкото општество.

Актуелизирањето на прашањето за името во пресрет на утрешните преговори во Њујорк на површина го извади целиот национализам на грчката црква, во кој има се само не христијански вредности.

Пирејскиот митрополит Серафим, Солунскиот Антим, Митрополитот Теоклит од Лерин,  Амвросиј Егалијски се најгласните во нападите кон грчката влада, од која бараат да не отстапува од позицијата името Македонија да не биде дел од решението на проблемот.

Религија.мк, прави пресек на најнавредливите и најнационалистичките изјави на дел од овие владици.

Теоклит Лерински:

„Светата Митрополија Леринска, на Преспа и на Еордеја, бидејќи се наоѓа на растојание од еден здив од т.н. ‘Македонска Црква на Скопје’ и бидејќи нејзината титула ‘на Преспа’ и ‘Горна Македонија’ се испреплетува со ‘украдениот’ географски простор на соседите, затоа има право на оваа објава по повод темата.

[…] Сè започна со ‘лошото јајце на лошата кукавица’. Во ова прашање ‘лошата кукавица’ е маршалот Јосип Броз Тито, а ‘лошото јајце’ што го снесе е ‘Скопската Македонија’.

[…] Навистина, сонот и апетитот на сите Словени и бугараши ‘за славната Македонија’ трае уште од Симеон и Самуил, иако со многу неуспеси и во подалечното и во поблиското минато. Во овие обиди, Бугарија, како патрон на лакомоста на сите за Македонија, го остави најужасниот впечаток. Остави многу изгореници, многу пепел, многу болка и многу крв… Значи, ништо помалку од она што го направи крволочниот Кемал во Понт, Тракија и Мала Азија.

[…] Најгрчката Битола со северна Македонија остана на српска територија. Тој статус го наследи Тито и ја грабна можноста за неговите погледи кон ‘поробената Македонија од Грците’.

[…] Со истото своеволие се создаде и се призна од безбожничкиот (!) режим на Тито и ‘Скопската црква’, за и таа во иднина да му служи на радикалните цели. Ова аномалично создавање на ‘Македонската православна црква’ со претседателски указ, и покрај сите реакции на Српската Патријаршија, ги отсече духовните врски на Словените од Република Скопје со српскиот народ, зашто самите станаа ‘македонски народ’, со ‘македонски јазик’ – создаден со голем труд од украдени зборови од сите балкански јазици, па дури и цигански.

[…] Никој не може да ја промени историјата и да ги промени картите, каде што од дамнини државата на Скопје се нарекува Вардарска, а од самите Југословени се нарекува ‘Вардарска Република’“.

Амвросиј Егалијски

„Нашите соседи-фалсификатори отсекогаш ја претставуваат погрешно историјата на Македонија и ја извртуваат историската вистина. Така, значи, пред оваа опасност, ве повикувам да се кренеме! Сите Егалијци! За да не се изгнасува повеќе нашата историја!“

Серафим Пирејски:

„Имаат создадено една лажна историја, каде се појавуваат како божемски единствени наследници на Александар Велики, но и како единствени наследници на македонската историја и на божемскиот, непостоечки македонски народ. Без отфрлањето на иредентизмот кој се содржи во нивниот Устав, во нивната лажна националност и во нивниот вештачки јазик, какви било преговори за името на таа лажна државичка се неразумни и бескорисни за решавањето на ова големо прашање, но и фалсификување на нашата историја и погазување на правата на нашиот народ.

Доколку Владата [го отстапи името Македонија], без решавање на иредентизмот и без соочување со многуте проблеми кои ги предизвикува тој – зашто тие треба да го променат нивниот устав, истовремено да престанат да покажуваат карти каде што се гледа грчка Македонија како демек неослободена област која грчките окупатори ја држат окупирана, познатата Егејска Македонија, како што ја нарекуваат; исто така да престанат да ги учат нивните деца во училиштата дека Грција незаконски го владее просторот за живеење на божемскиот, непостоечки македонски народ, како што го нарекуваат – за жал ќе направи едно огромно национално предавство“.

Во контекст на сите случлувања се вклучи и свештенството на грчката црква, кое донесе и резолуција во кое ја обвинува Македонија за фалсификување и тортура врз историската вистина.

Резолуција на свештенството

„Како што е познато, нашата Македонија некогаш беше жртва на варварски напади, а денес пак, живее под закана на алчноста на државата на Скопје, која од 1991 година, после своето отцепување од федеративната држава Југославија, го злоупотребува и отворено го узурпира името на нашата Македонија, негирајќи го нејзиниот грчки карактер. Но, грчкиот карактер на Македонија е, како што е познато, неодделно поврзан со историјата на Грција веќе четири илјади години. Нашите соседи-фалсификатори отсекогаш ја претставуваат погрешно историјата на Македонија и ја извртуваат историската вистина.

[…] И сега, една другородна државичка, која ги искористува општите промени на чувствителниот простор од Балканскиот полуостров, го узурпира и полага право на она што не ѝ припаѓа, односно грчкото име Македонија и на овој начин го трауматизира грчкото достоинство и историската стварност“.

Во хистеричните напади врз Македонија се вклучи и игументот на еден светогорски манастир, кој ја нарекува Македонија една „мултинационална државичка која нема никакво право врз античката историја“

Христодул, игумен на светогорскиот манастир Кутлумуш:

„Не разбираме зошто едно име, кое историски и цивилизациски му припаѓа на еден народ и држава, треба да се отстапи на некоја друга држава (или подобро кажано – мултинационална државичка), чии граѓани немаат никаква врска – историска, племенска или цивилизациска – со ова име.

[…] Потенцијално грчко признавање на името на владение со словенско население, ќе биде искористено да ја охрабри колосалната пропаганда и да ја потхранува иредентистичката, лажномакедонска идеологија на соседните земји.

[…] Ако граѓаните на Скопје толку многу ја сакаат традицијата на Александар и на Аристотел, можат да учествуваат во грчкото образование и тогаш сите духовно ќе бидеме Македонци и Грци и ќе се радуваме на сесветското наследство што претставува суштина на човековите вредности“.

Антим Солунски:

„Грција значи Македонија, Македонија значи Грција. Ова не може да се промени. Некои големи земји ги поставуваат овие прашања, но ние знаеме што е Македонија. Не полагаме право на ништо, но тие доаѓаат и бараат компромис за името. Некои земји, како Бугарија, демнат за да имаат корист за себе“.

Можеби една од најнавредливите содржини кои можат да се прочитаа во грчката црковна јавност е кратката историја за МПЦ објавена во порталот „Православен трибун“ , насловена како „Една ‘мајмунска црква’ – лошо мозолче на Православието“.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *