Почетна Вести Хафиз од Македонија најдобар на меѓународен натпревар по читање на Куранот
Хафиз од Македонија најдобар на меѓународен натпревар по читање на Куранот

Хафиз од Македонија најдобар на меѓународен натпревар по читање на Куранот

231
0

На Меѓународниот натпревар за читање на Куранот (светата книга на муслиманите), кој оваа година се одржа по 24. пат во главниот град на Хрватска, Загреб, првото место во категоријата убаво читање на Куранот го освои Елјеса Асани од Гостивар, кој ја претставуваше Македонија.

Во разговорот за АА, Асани во врска со натпреварот истакна дека учествувал во името на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Македонија и успеал да го освои првото место во категоријата убаво читање на Куранот, меѓу учесниците од 26 различни земји.

Асани нагласи дека веќе 10 години е имам во гостиварското село Здуње, и додаде дека на натпреварот постигнал успех благодарение на искуствата со коишто се стекнал од претходните натпревари. Тој вели дека убавото читање на Куранот само по себе е посебна област.

„Потребна е одредена подготвеност, искуство и акумулација на знаење. Слично како на Олимпијада, потребни се физички и духовни подготовки“, истакна Асани.

Во разговорот, победникот на меѓународниот натпревар за читање на Куранот потсети дека претходно ја претставувал Македонија на натпревари во Иран и во Турција, и нагласи дека од детството работи на усовршување на убавото читање на Куранот. Тој рече дека за време на престојувањето во Турција одел на обуки и за турска мистична музика, која, како што рече тој, дала придонес во неговите успеси.

– „Секогаш се чувствувам горд што сум студирал во Турција“

Тој истакнува дека додипломските студии ги завршил на Факултетот за теологија при Универзитетот на Анкара, а потоа, со стипендија на Турската фондација за верски прашања, завршил и магистратура во областа исламска историја на Факултетот за теологија при Универзитетот Улудаш во Бурса.

„Таму се запознав со голем број ценети професори и имав можност да ги искористам нивните знаења. Студирањето во Турција имаше голем придонес не само за овој натпревар, туку и општо во мојот живот. Имам истражувачки дух и додека се подготвував за овој натпревар, донесов голем број книги од Турција во врска со техниките за дишење и бојата на гласот. Придонес во овој истражувачки дух имаше студирањето во Турција“, раскажа Асани.

Меѓу другото, тој вели дека неговиот живот во текот на студирањето во Турција бил мошне добар. „Секогаш се чувствувам горд што сум студирал во Турција, што дипломирав и напредував“.

– „Македонија секогаш ‘извезувала’ хафизи надвор од земјата“

Асани истакна дека посакува искуствата со коишто се стекнал на натпреварите да им ги пренесе на младите што имаат за цел да учествуваат на вакви натпревари. Тој нагласи дека се подготвени вакви натпревари и програми во иднина да се организираат и во Македонија.

Исто така, Асани вели дека Македонија во периодот на Југославија секогаш „извезувала хафизи надвор од земјата“.

„Бројот на хафизите секогаш бил голем. Ќе реализираме активности за во иднина да го вратиме и да го зајакнеме овој факт. Им порачувам на младите да имаат истражувачки дух и да се обидат да се развиваат себеси. Зад секој успех стои инвестиција“, додаде Асани.

/A.A

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *