Почетна Анализа Гробот на свети Методиј сѐ уште е мистерија
Гробот на свети Методиј сѐ уште е мистерија

Гробот на свети Методиј сѐ уште е мистерија

488
0

Секоја година на 24 мај се слави делото на светите Кирил и Методиј, големите словенски просветители. Македонската делегација досега не пропуштила да се поклони пред гробот на свети Кирил во црквата „Свети Климент“ во Рим и со тоа да ја искаже својата почит кон создателот на азбучното писмо.

Иако придонесот за словенската култура е заеднички (на двајцата браќа), сепак целата приказна за нивниот живот и мисија како да останува празна или, пак, како што научниците говорат, незавршена, поради мистерија за местото каде што се наоѓа гробот на постариот брат Методиј.

Местото каде што е погребан свети Методиј и постоењето на неговите мошти сѐ уште се предизвик за археологијата и за историчарите. Постојат неколку хипотези каде се наоѓа гробот на свети Методиј, а најпозната е онаа на чешките археолози и историчари, кои тврдат дека го откриле местото на гробот, но сепак за официјалната историја тоа не е потврдено и откриено. Нивните податоци говорат за тоа дека Методиј бил погребан во поранешна Моравија, во црквата со бројот 12, во местото Микулчице, денешен Велиград, каде што бил престолот на владетелот Ростислав.

Познато е дека некои владици на Македонската православна црква-ОА одат и во градот Елванген, Германија, да се поклонат пред спомен-плочите на свети Методиј, кој дел од животот во заробеништво го поминал во затвор токму во тој град.

Владиката Тимотеј вели дека не е познато местото каде што е погребан свети Методиј.
„Сме оделе на поклонение во градот Елванген во Германија, на местото каде што Методиј две години бил во затвор. Но тоа не е неговата гробница. Сите податоци се само претпоставки“, додава г. Тимотеј.


Потребна е мистификација

Македонските историчари и археолози речиси не се занимаваат со откривањето на гробот на свети Методиј. Слушнале за претпоставките за можните места каде е закопан просветителот, но не можат со историски факти да го потврдат тоа.

Елизабета Димитрова, историчарка на уметноста, смета дека локацијата на гробните места на големите историски личности е позната. Тие не се мистерија, односно тоа се конкретни позиции, каде што треба да се детектира животот на една таква кариера (во случајот, ликот на свети Методиј).

„Браќата свети Кирил и Методиј и нивните ученици се фундаменти на нашата култура. Историските податоци со кои ние располагаме не се доволно прецизни за да можеме да направиме документаристичка слика. Затоа на литературата и на историјата им се неопходни мистификации, особено кога се работи за вакви бардови. Без таа мистификација се урива една голема аура што ја имаат овие двајца светци и просветители“, нагласува професорката Димитрова.

Ако ја завршиме приказната, според Димитрова, повеќе немаме предизвик за истражување.
„Мистификацијата ни нуди можност за дополнителни елементи на истражување. На археолозите и на историчарите им е неопходно да имаат поинаков пристап, односно пристапуваат кон финално решавање на животот и смртта на одредена историска личност. Но историјата на уметноста како круна на хуманистичките дисциплини ја негува мистификацијата, бидејќи од неа црпи енергија за понатамошно истражување“, додава Димитрова.

Битка меѓу чешките научници

Бугарските истражувачи велат дека има многу празнини во тезите на чешките научници, за да се потврди епохалното откритие на гробот на големиот словенски просветител свети Методиј.

Професорот Николај Овчаров од Бугарија пишува на оваа тема и дава неколку заклучоци. Историските податоци говорат дека тој починал во Моравија во 885 година, а дека неговите посмртни останки се положени во катедралата на левата страна на олтарот на Пресвета Богородица. Тоа се единствените писмени сведоштва за крајот на животниот пат на постариот брат од двајцата словенски просветители. Уште во минатото неколку научници се обидуваа да ги докажат своите хипотези, но тоа повеќе предизвика контроверзии отколку што даде точен одговор.

„Од 20-тите години на минатиот век чешките археолози ја истражувале културата на Велика Морава. Оваа држава со кратка историска судбина се простирала на територијата на денешна јужна Чешка, северна Австрија, западна Словачка и западна Унгарија. Моравците го прифатиле христијанството и дошле под духовно туторство на папата. Со кнезот Ростислав (846-869 г.) сепак тие успеале да ја извојуваат својата политичка независност. Ростислав, исто како и неговиот голем современик Борис Први, се соочува со дилема: Рим или Цариград. Во 863 година моравскиот кнез побарал од Византија да му испрати мисионери. Тоа биле солунските браќа Кирил и Методиј, кои ја создале глаголицата и превеле на словенски јазик богослужбени книги“, пишува професорот Овчаров.

Голема Морава го достигнала својот зенит со кнезот Свјатополк (870-894 г.), но во почетокот од новиот век почнале внатрешните судири. И така, кон крајот на првата деценија на 10 век, Велика Морава престанала да постои.

Овчаров вели дела од средината на минатото столетие, дури до 1990 година, големите ископувања на професорот Јозеф Поулик внесуваат сериозна археолошка мешаница во проблемот за пронаоѓањето на гробот на свети Методиј.

Крај селцето Микулчице, блиску до Годонин, проф. Поулик на виделина ги открива урнатините на еден голем град. Повеќето истражувачи укажуваат дека во Микулчице се наоѓал центарот на Велика Морава.
Така, меѓу археолошките екипи почнува тивко ривалство, а главна цел за тоа е гробот на св. Методиј. Во 1970 година излегува речиси скандалозна статија. Нејзин автор е Вилем Грубо, раководител на ископувањата, кој тврди дека конечно е откриен гробот на просветителот токму во месноста Садат на близу четири километри од главното село, каде што истражува манастирски комплекс од 9 век. Според археологот, тоа е резиденцијата на св. Методиј.

Колегите „од другиот камп“ гледаат сериозно несогласување во извештајот за гробот во главната кнежевска црква. Дваесет години подоцна се меша наследникот на Поулик, Зденек Кланица, со книгата „Тајната на гробот на моравскиот епископ Методиј“.

Таму тој нуди оправдано верување дека братот на св. Кирил Филозоф е закопан под откриената катедрала во Микулчице. Експедицијата на Поулик ја раскопува ѕиданата гробна плоча, во која е откриена лактна коска. Покојникот бил облечен во свилена облека, кожен ремен со сребрена млазница. Крај телото биле положени златно ѕвонче и позлатена декорирана бакарна плоча, која можеби е од декорација на книга. Сомневањата се и дека можеби е како меч со два железни предмета.

Главниот аргумент на Кланица е позиционирањето на телото. Пред него Грубо се обидел да се оправда дека во житијата за левата страна се визира јужниот дел на зградата, бидејќи станува збор за свештеник што се наоѓа во олтарот.

Кланица вели дека логична позиција е човек што влегува во црква и соодветно се однесува на нејзината северна половина. Тој се справува и со фактот дека гробот е изнесен кон апсидата на базиликата. Оваа теза на Кланица разбудила восхит во еснафот, а првото издание на книгата било распродадено.

Повеќе докази во полза на градот Микулчице

Само пет години подоцна, во 1995 година, стига критиката на оваа теза. Чешкиот православен професор и протојереј Павле Алеш ја прифаќа хипотезата за гробницата со бројот 580 во Микулчице, но го поправа концептот за местото на гробот во базиликата. Алеш смета дека ставовите на Кланица се под влијание на католичкото воспитување.

Православниот научник нуди идеја дека во житието се споменува иконата на Пресвета Богородица, која треба да се наоѓа лево на олтарната преграда. На тој начин, гробот на свети Методиј се наоѓал во олтарниот дел и непосредно зад иконата на Божјата Мајка. Тоа е сосема прифатливо од гледна точка на локацијата на објектот во катедралата. Друга сериозна забелешка на Алеш е присуството на железните предмети во гробот. Тој го смета за недопустливо при погребот на висок православен свештеник од рангот на св. Методиј внатре да се стави какво било оружје.

Станува јасно дека и до денес локацијата на гробот на свети Методиј не е откриена. Има малку повеќе докази во корист на Микулчице, но сѐ уште не се знае што може да откријат археолозите.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *