Почетна Проповеди Гревот е нашиот најголем непријател
Гревот е нашиот најголем непријател

Гревот е нашиот најголем непријател

367
0

Секој човек, во овој привремен живот, има разни непријатели. Некој повеќе, некој помалку. Некој големи, некој помали. И болестите, страдањата и жалостите се непријатели на човекот во текот на неговиот живот. Но, најголем и најстрашен непријател на секој човек е гревот.

Додека сме во овој овоземен живот, со милоста Божја, разните непријатели може да ги снема. Болестите, со разни медикаменти и помош на лекарите, можат да се излекуваат. До колку, пак, се неизлечливи, настапува смртта и истите прекратуваат. Се преселува човекот во другиот живот. Онаму каде што нема ни болка, ни тага, ни воздишка, а има само вечен и бесконечен живот.

Секој еден човек кој доаѓа во овој свет, по незапирливиот закон, истиот свет и го напушта. Никој не е вечен освен Единиот Бог, Создателот и Промислителот на видливиот и на невидливиот свет.

Ние, луѓето, кога го напуштаме овој живот и свет, преселувајќи се во идниот, во нашата вистинска вечна татковина, сè што имаме, слава, богатство, убавина, чест го оставаме тука. Со нас за вечност го носиме само гревот, престапот, или, пак, добрите дела, со кои ќе излеземе пред лицето Божјо, или за пофалба, или за осуда.

Нашиот Спасител Господ Исус Христос вели: „Без Мене не можете да направите ништо” (Јн. 15, 5). Добриот човек, сè што прави, го прави со помошта Божја, односно, со благодатта на Светиот Дух.

Ако со сопствени сили не можеме да направиме ништо добро, тогаш уште помалку, без содејство Божјо, ќе можеме да ја спасиме нашата душа за бесконечна вечност. Но, за да ја испросиме милоста Божја, за Бог да ја излие Неговата благодат врз нас потребно е и наше искрено делување. Нашето делување ќе биде изразено преку добродетелен живот, со живот кој е угоден на Бога, со исполнување на редот и поредокот на Црквата, но не само формално, туку и суштински. Со таков живот, ќе можеме да се надеваме и да ја добиеме Божјата наклонетост. Ќе можеме да ја испросиме и да ја здобиеме Неговата поткрепа и сила, за да можеме да живееме угоден живот, исполнет со добродетели. Така живеејќи ќе ги победиме гревот и престапите кои нè оддалечуваат од Бога, од правдата, од вистината и од вечниот живот.

Дека сето тоа е можно, нашата света Црква, како грижлива мајка, постојано ни изнесува примери на коишто треба да се угледаме. Примери коишто ќе нè водат по вистинскиот пат, за да спечалиме вечност и блаженост во идниот живот. Таков пример имаме и во светиот Атанасиј Велики, чијшто спомен денеска го празнуваме. Провидението Божјо било такво што овој слуга Божји, уште од најрана младост го посветил својот живот на Бога. Се вели дека уште како мало дете играл со своите врсници игра во која тој ја имал улогата на архиереј.

Светиот Александриски патријарх Александар, гледајќи ја оваа детска игра, со посебна љубов се однесувал кон Атанасиј, кој ја играл неговата улога. Тој го зел под своја закрила и на млади години го ракоположил за ѓакон, го школувал, воспитувал и го утврдувал во Христовата вистина. Бидејќи бил обдарен со бодар и виспрен дух ги изучил тогашните школи навлегувајќи длабоко во богословската мисла на IV век. Во 325 год., Атанасиј како млад ѓакон ќе го придружува својот духовен учител на Првиот вселенски собор во Никеја. За време на соборот Атанасиј ќе се пројави како голем богослов и бранител на Православието од аријанската ерес. Тој ќе биде оној што ќе го состави првиот дел од символот на верата. Ќе биде силен борец за вистинското учење, и поради тоа, подоцна, ќе биде назначен за наследник на св. Александар во Александрија. На александриската катедра ќе помине 47 години, од кои 15 во прогонство.

Свети Атанасиј ќе претрпи големи маки и страдања од страна на аријаните. Ќе претрпи многу прогонства, но, секогаш ќе се пројавува како силен и непоколеблив исповедник на вистинската православна вера.

Неговиот свет и исправен живот го вбројува помеѓу големите учители и исповедници на нашата света Православна црква. Затоа и светата Црква му го дава епитетот Велики. Се стекнал со тој епитет бидејќи, со своето учење и со својот живот, се истакнал во заштитата и проширувањето на вистинската догма и учење на нашата света вера. И покрај тоа што имал многу надворешни и внатрешни непријатели, тој, со Божјата милост, и крепен од Божјата благодат, успеал сите да ги надвладее и да ги победи, зачувувајќи ја својата вера и спасувајќи ја својата душа во царството Божјо.

Timotej MalaКако угодник Божји, тој има смелост пред лицето Божјо и нам, кои сме во овоземната Црква, да ни помага, да измоли милост Божја и да ни ја зацврсти верата. Та да можеме да живееме според неа, правејќи добри дела и да се надеваме на вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин.

Митрополит Тимотеј

На, „Св. Атанасиј Велики“, 31. 01. 2016. храм „Св. вмч. Ѓорѓи” – Охрид

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *