Почетна Коментар Грегоријански календар и во празнувањето на верските празници
Грегоријански календар и во празнувањето на верските празници

Грегоријански календар и во празнувањето на верските празници

563
2

Во време на подготовките за празнувањето на Христовото раѓање, добро е (повторно) да го понудиме на размислување усогласувањето на календарот на МПЦ со грегоријанскиот календар и да го адресираме до црковните достојници, како тема што е многу помалку верска, а многу повеќе астрономска и практична.

Обично во периодите на прослава на Божиќ и Велигден, избива на површина прашањето на постоењето различни календари во црковна и државна употреба и потребата од усогласување на црковниот со секојдневниот календар. Кога и да сум го отворел ова прашање, на површина излегувале поделби меѓу „традиционалистичките“ наспроти „модернистичките“ поддржувачи на секој од предлозите. Затоа, за да обесхрабриме предрасуди, делби и заблуди, да тргнеме од фактите.

Прво, дека православието и јулијанскиот календар не се теолошки, туку традиционално врзани. Никој не го знае точниот датум на раѓањето на Исус. Научниците сметаат дека од воведувањето на христијанството како официјална државна религија на Римската империја па се до средината на 4 век христијанските цркви го прифаќале/усогласувале датумот 25 декември како датум на Христовото раѓање, заменувајќи го прославувањето на претходните пагански празници со одбележувањето на раѓањето на Синот Божји. Според дел од овие толкувања, Божиќ е замена на Сатурналија, празник кој исто така се славел околу овој датум.

За да се сфати дека не станува збор за теолошко-доктринарно, туку за практично прашање, ќе ја искористам илустрацијата со развојот на употребата на новогодишното (божиќното) дрво во модерните домови.

Се смета дека потеклото на китењето на домовите со (гранки од) зимзелени растенија исто така води потекло од пораните (многубожните) фази на човековата историја во кои прославата на политеистичките покровители на земјоделството значело и молба до нив за добар род во следните години. Но, со вековите, таквата традиција на китење на домовите со гранки од зимзелени растенија во германските средини во 16 век започнува да се менува со китење елки, смреки и борови, а се смета дека Мартин Лутер, инспириран од ѕвездите на небото, започнал со красење на новогодишното дрво со свеќички, кои ние денес ги илустрираме со електричните сијалички. Но, ова веројатно ќе останело далеку од денешниот економско-традиционалистички одиум кон елката (божиќното, новогодишното дрво) доколку Кралицата Викторија и нејзиниот сопруг, Принцот Алберт (кој имал германско потекло) не се појавеле со семејството на слика со украсеното божиќно дрво во некој тогашен магазин. Потоа божиќното/новогодишното дрво набрзо станува хит и во САД, каде на крајот на деветнаесеттиот век веќе влегува во употреба вештачката елка. Веројатно божиќната/новогодишната магија и финансискиот бенефит одат заедно кога украсените елки се задолжителен декор на божиќниот саем што секој поголем град го има организирано во празничниот период од средината на 19 век – сосем спротивно од законски предвидените казни во пуританските американски средини од крајот на 17 и почетокот на 18 век за славење на новата година со дрво поради „намалување на вредноста на Божиќ“.

Секако, покрај толкувањата за подалечното потекло на китењето на новогодишните елки денес, интересно е дека и календарот по кој токму 25 декември е денот Божиќ води потекло од римската предхристова ера. Преминувањето од лунарниот десетмесечен календар на дванаесетмесечниот попрецизен соларен календар го воведува Јулиј Цезар во 46 година п.н.е. како резултат на опсежна астрономско-математичка операција и затоа тој се нарекува „јулијански“.

По повторните математичко-астрономски пресметки, во ерата на папата Григориј XIII, во 1582 извршена е нова календарска реформа. Имено, сфаќајќи дека Земјата ротира околу Сонцето за 365 дена и шест часа (причината за 366те дена секоја четврта година), извршено е допрецизирање од 13 дена во календарот што се нарекува „грегоријански“. Во усвојувањето на овој календар предничат земјите каде е присутно папското влијание низ римо-католицимот. Во протестантските средини тој процес оди поспоро, а истото се однесува и на земјите во кои населението е доминантно од православниот правец во христијанството. Затоа, имајќи предвид дека Османлиската империја се води според исламскиот календар, датумско/календарското шаренило во Европа е импресивно и трае практично се до минатиот век, а различните календари биле во паралелна (официјална) употреба. Ако се знае дека исламскиот календар е исто така месечев, но е 11 дена пократок во однос на грегоријанскиот кој е сончев, а ги брои годините од Хиџра-та, годината кога пророкот Мухамед се сели од Мека во Медина, може да сфатиме за какво календарско шаренило станувало збор.

Конкретно, воведувањето на грегоријанскиот календар во денешна Македонија започнува со неговото воведување во општа употреба во тогашното Кралство СХС, од кога државата и православната црква фактички практикуваат различни календари. Трендот е задржан и во Титова Југославија, кога се обновува автокефалноста на МПЦ.

Значи, прашањето на празнувањето на верските празници и календарите е многу повеќе научно (астрономско) и практично, отколку верско. Грчката, а од пред неколку години Бугарската и Романската црква го прифатија т.н. ревидиран јулијански календар, кој исто така го слави Божиќ како и западниот свет, на 25 декември, и е заснован на калкулациите на научникот Милутин Миланковиќ. Овој ревидиран календар формално е прифатен на Сеправославниот конгрес во 1923 година.

Затоа, како секуларист што ја сфаќа потребата од постепеност и тактичност во третманот на прашањата во секоја верска заедница, би упатил молба до МПЦ да ги разгледа и уважи аргументите на практичноста и бизнисот, што ќе овозможи ова пред се астрономско-математичко, а помалку религиозно прашање да се реши во корист на воедначување на празнувањата според грегоријанскиот карактер и зимската празнична сезона во Македонија да ја изедначи со западната. Во рамки на потврдувањето на македонската западна визура и содржина. За економските аспекти на ваквото изедначување, веќе доволно е кажано.

Пишува: Ивон Величковски – Претседател на Либералната партија

 /pressingtv.mk

Коментар(2)

  1. Ништо ново не може да се очекува од либералната патија, таа пред многу години побара да се забрани и Библијата да се чита бидејки правела дискриминација меѓу мажот и жената, и некои други луди измислици на либералната партија. Секој што малку сркнал од науката и религијата мисли дека е најповикан да ги коментира црковните канони. Г. Ивон треба многу повеке да прочитате во однос на календарското прашање, па откога ке ја прочитате литературата околу календарите и целосно се запознаете со прашањето на празнувањето на црковните праници дури тогаш ке сфатите зошто некои помесни автокефални цркви меѓу кои е и МПЦ се приржуваат до јулијанскиот календар, ббидејки заради бизнис не смееме да се откажуваме од традицијата.

  2. Се сложувам со Ивон целосно, иако идеолошки не сме на иста страна…

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *