Почетна Вести Христијанство Грчките новинари воодушевени од Бигорски – отец Партениј испрати порака на христијанска љубов

Грчките новинари воодушевени од Бигорски – отец Партениј испрати порака на христијанска љубов

1.63K
0

Грчките новинари од државната телевизија ЕРТ , биле воодушевени од посетата на Бигорскиот Манастир, особено од големиот број грчки поклоници кои речиси секојдневно доаѓаат во ова големо светилиште во Македонија.

Третиот канал на грчката национална телевизија ЕРТ посвети цела емисија и сними интервју со Архимандритот Партениј и тоа во пресрет на големиот јубилеј – 1000 години од основањето на Манастирот.

Отец Партениј, во интервјуто не ја пропуштил можноста да упати апел до Вселенскиот Патријарх, дека голема негова желба, но и желба на македонските верници е токму на милениумскиот јубилеј на Бигорски, Вселенскиот Патријарх да присуствува на големата празнична прослава.

-Се надеваме дека Патријаршијата ќе ни помогне за нашата Црква да стане автокефална, и за нас ќе биде голема, најголема радост, Вселенскиот патријарх да дојде овде, да го пречекаме и да празнуваме заедно. Сакаме да ја испратиме оваа порака на љубовта до Грците, кон Црквата на Грција, кон Патријаршијата, и кон сите, дека ги сакаме и сакаме и ние да бидеме во тоа семејство, зашто веруваме во една света, соборна и апостолска Црква, вели отец Партениј во интервјуто за ЕРТ.

Отец Партениј иова, како и сите останати интервјуа за странски медиуми, повторно го актуелизира  проблемот на МПЦ-ОА да побара поддршка за решавање на автокефалниот статус. На директното прашање од грчкиот новинар дали има надеж за заедничка литургија о. Партениј вели:

-За тоа живеам. Тоа го чекам. Тоа е мојот сон и мојата надеж е тоа. Зашто за мене, како монах, најважна е светата Литургија, светата Причест. И многу се натажувам, кога одам таму и не можам да се причестам. За нас, за сите, тоа е една голема рана. Се надеваме и се молиме на Бога, да се реши најголемиот проблем – тоа е расколот. Зашто, како што кажав, имаме добро врски со Света Гора, со Црквата на Грција, но она што е најважно за нас, не можеме да го направиме – тоа е да сослужуваме, што е за жалење, зашто сме браќа, вели Архимандритот на МПЦ-ОА.

Грчките новинари не ја пропуштиле можноста да побараат мислење и за Договорот од Преспа.

-Јас не сум стручен да кажам дали е совршен овој Договор, но тој претставува една основа за да имаме подобра соработка, оговорил о. Партениј.

Голем дел од емисијата е посветена и на историјатот на Манастирот и на Чудотворната икона на Св. Јован Крстител.


-Сите што доаѓаа во Охрид, доаѓаа и овде. До денес е така, најмногу доаѓаат млади, но доаѓаат и свештеници и монаси, оние со кои имаме врски. Нѐ сакаат, гледаат дека овде живее еден народ што е ист како нив, вели Игуменот на Бигорската Обител во интервјуто за ЕРТ.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *