Почетна Коментар Границата на секуларизмот е во Библијата и во Куранот
Границата на секуларизмот е во Библијата и во Куранот

Границата на секуларизмот е во Библијата и во Куранот

316
0

Владиката Агатангел го знам повеќе години. Најмногу по тоа што е човек што му припаѓа на својот народ и на својата црква и кои најискрено и најдлабоко ги сака. Знам дека неговите јавни истапи секогаш се мотивирани со таа љубов и таа грижа.

Така беше и во 2002 година кога тој и тогашниот владика Кирил со својата категоричност успеале да ги одвратат останатите владици да не го прифатат нишкиот договор, со кој сега ќе бевме автономна црква во рамките на СПЦ.

Така беше и подоцна, во сите овие години во кои имаше многу случувања и во кои тој си ги кажуваше своите ставови. Знам и тоа дека неговите истапи секогаш повлекуваат реакции.

Така беше и сега кога се појави на протестниот митинг во Велес што го организира граѓанската коалиција „За заедничка Македонија“. За она што го кажа беше обвинет дека навлегол во политиката, дека ги прекршил принципите на секуларизмот, кои ни се уставни. А таа дилема за навлегувањето на верските достоинственици во водите на политиката ни се јавува речиси како рефлекс секогаш кога некој верски лидер ќе прозборува за нешто што е света работа.

Навистина, каде е границата по која почнува нарушувањето на секуларизмот? За еден медиум веќе кажав дека не сметам оти тој ја преминал таа граница оти зборувал за прашањето за тоа на кој начин ќе ни се уреди државата, дали ќе се менува нејзиниот Устав, дали ќе стане федерација со можност некој дел потоа и да се отцепи, со што ќе се наруши нејзин интегритет. А ако се наруши тој интегритет, тогаш тешко дека ќе опстане и она што ќе остане од државата и самата црква.

Зборувал и за пописот, искажал претпоставка дека албанската етничка заедница процентуално е помала отколку што беше утврдено со пописот пред 15 години. Тоа некому може да му пречи, но може ли да пречи барање да се утврди колку не има во земјата за да знаеме кому какви права му припаѓаат бидејќи тие се влечат од проценти. Значи, зборувал за работи што се витални за државата во овој момент. Без повикување на омраза или нетрпеливост кон другите.

Смее ли еден владика за тоа да зборува? Мислам дека смее, како што достоинствениците имаат право, на пример, да се изјаснат за проблемот за името на нашата држава, зошто да не би имале право и на вакви ставови. Но, кога е во прашање нарушувањето на секуларизмот, нешто друго е проблем на нашите верски достоинственици. Мислам дека тоа е сконцентрирано во прашањето колку се тие еднострани во своите јавни настапи кога ги допираат светите теми. Веќе не е тајна и тоа лесно се гледа кон кои политички групации имаат симпатии македонските православни и исламски достоинственици како највлијателни во јавниот живот. Знаеме за поглаварите, знаеме за владиците, за муфтиите… И она по што веќе се препознаваат се настапите кои редовно одат по линија што се совпаѓа со една политичка идеологија и во македонскиот и во албанскиот политички табор. Kако тоа речиси никогаш да не се слушнат зборови на критика за политичката идеологија кон која имаат симпатии? Не прават ли тие нешто за што треба да се каже некој збор дека грешат… Кога се така некритични кон сите страни, верските лидери не треба да ги зачудува тоа што во јавноста се доживуваат како поддржувачи на само една партија и дека ги бранат нејзини интереси.

Она што верските лидери треба да подржуваат и што треба да бранат се основните принципи на христијанството – љубовта кон ближниот свој, кон непријателот, толеранција, морал, скромност, се она со што изобилуваат светите книги… Кога се зборува врз основа на светите книги, кога врз основа на тие принципи ќе се однесуваме сите и кога ќе ги вреднуваме нивните постапки, тогаш ќе биде и помал ризикот од нарушувањето на принципот на секуларизмот. Тогаш ќе нема тешки зборови, ќе нема врзувања за партии, ќе има врзување само за своја вера, за свој народ и своја држава и за сите други универзални нешта што ги проповедаат и не учат сите религии.

Верските достоинственици треба да станат свесни на тоа и во тој дух да се однесуваат. Тогаш, веројатно, и ќе престанат меѓусебно да си префрлаат. Можеби тогаш реисот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, кој му префрлува на владиката Агатангел дека со настапот во Велес влегол во водите на дневната политика, ќе сфати дека и тој греши кога јавно изјавува дека „божјата волја е сите Албанци да живеат во една држава“, дека „Македонците муслимани се ин витро нација“, кога упатува тешки квалификации за тогашниот премиер… Односно, ќе се сфати дека верските лидери се најодговорни за тоа дали во одредени ситуации ќе ја прејдат она тенка граница што постои меѓу светото и духовното во нашата земја, а која сега уште повеќе се истанчува со сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаат македонскиот, албанскиот и другите народи.

BrankoНа духовниците во такви ситуации не можеме да им оспориме да реагираат за она што му се случува на истиот тој народ и на неговата држава, но можеме да бараме да бидат универзални, љубовта кон својата вера и својот народ да не ја замагли љубовта кон сите.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *