Говорот на папата Лав XIV по Литургијата во храмот „Свети Георгиј“ во Фанар

Date:

Share post:

Ваше Сесветoст, возљубен брате во Христа,

Ваши Блаженства,

Возљубени браќа во епископството,

Членови на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија,

Возљубени браќа и сестри,

Нашето поклонение на местата каде што се одржа Првиот Вселенски собор во историјата на Црквата завршува со оваа свечена Божествена Литургија, на која го одбележавме апостол Андреј. Според древната традиција, тој го донесе Евангелието во овој град. Неговата вера е иста како и нашата вера, имено онаа што ја дефинираа Вселенските собори и ја исповеда Црквата денес. За време на оваа екуменска молитва, заедно со Поглаварите на Црквите и претставниците на светските христијански заедници, потсетивме дека верата исповедана во Никејско-цариградскиот символ на верата нè обединува во вистинско заедништво и ни овозможува да се препознаеме како браќа и сестри. Во минатото, имало многу недоразбирања, па дури и конфликти меѓу христијаните од различни Цркви, а сè уште постојат пречки што нè спречуваат да постигнеме целосно заедништво. Сепак, не смееме да попуштиме во стремежот кон единство. Мора да продолжиме да се сметаме едни за други за браќа и сестри во Христа и соодветно да се сакаме едни со други.

Инспирирани од ова сознание, пред шеесет години папата Павле VI и патријархот Атинагора свечено изјавија дека несреќните одлуки и тажните настани што доведоа до меѓусебните екскомуникации од 1054 година треба да се избришат од сеќавањето на Црквата. Тој историски гест на нашите почитувани претходници отвори пат на помирување, мир и растечко заедништво меѓу католиците и православните, кој беше поттикнат преку чести контакти, братски средби и ветувачки теолошки дијалог. Во светлината на веќе постигнатиот напредок, преземени се значајни чекори на еклисиолошко и канонско ниво, а денес сме повикани уште повеќе да се посветиме на обновување на целосното заедништво.

Во овој поглед, сакам да ја изразам мојата длабока благодарност до Неговата Сесветост и до Вселенската патријаршија за нивната континуирана поддршка на Заедничката меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Православната црква. Исто така, се надевам дека ќе се вложи секој напор за да се обезбеди враќање на сите автокефални Православни цркви за да земат активно учество во овој потфат. Од моја страна, во континуитет на учењето на Вториот ватикански собор и на моите претходници, сакам да потврдам дека, почитувајќи ги легитимните разлики, стремежот кон целосно заедништво меѓу сите крстени во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, е еден од приоритетите на Католичката црква. Особено, тоа е еден од приоритетите на мојата служба како епископ на Рим, чија специфична улога во соборната Црква е да биде во служба на сите, градејќи и заштитувајќи ја заедништвото и единството.

За да останеме верни на желбата Господова да се грижиме не само за своите браќа и сестри во верата, туку и за целото човештво и за целото создание, нашите Цркви мора денес заеднички да одговорат на поттикнувањата на Светиот Дух. Пред сè, во ова време на крвави конфликти и насилство на места, поблиски и подалечни, католиците и православните се повикани да бидат миротворци. Ова секако значи преземање акција, правење избори и усвојување гестови што градат мир, а истовремено признавање дека мирот не е само плод на човечкиот напор, туку е дар од Бога. Затоа, мирот мора да се бара преку молитва, покајание, созерцавање и негување на жив однос со Господ, кој ни помага да распознаеме кои зборови, гестови и дејствија да ги преземеме за да можеме навистина да бидеме во служба на мирот.

Дополнителен предизвик со кој се соочуваат нашите Цркви е заканувачката еколошка криза, за која Неговата Сесветост честопати вели дека бара од нас духовно, лично и заедничко преобраќање за промена на насоката и заштита на созданието. Католиците и православните се повикани да работат заедно во промовирањето на нов начин на размислување, така што секој ќе ја признае одговорноста за грижата за творението што Бог ни го доверил.

Третиот предизвик што би сакал да го споменам е употребата на новите технологии, особено во областа на комуникациите. Свесни за огромните предности што тие можат да ги понудат на човештвото, католиците и православните мора да соработуваат во промовирањето на нивната одговорна употреба. Всушност, овие технологии мора да бидат ставени во служба на интегралниот човечки развој и да бидат универзално достапни, за да се осигури дека нивните придобивки не се резервирани за мал број луѓе или за интересите на малкутемина привилегирани.

Во справувањето со овие предизвици, уверен сум дека сите христијани, членовите на другите религиозни традиции и сите мажи и жени со добра волја ќе можат хармонично да соработуваат, делувајќи заедно за општото добро.

Ваша Сесветост, со овие искрени мисли, ви ги упатувам вам и на вашите браќа и сестри моите најискрени желби за добро здравје и спокојство додека го славите празникот на вашиот светец-заштитник. Би сакал да ја изразам мојата искрена благодарност за топлото и братско добредојде што ми го упативте во текот на овие денови. Затоа, сите вас ве доверувам на застапништвото на апостолот Андреј и на неговиот брат, свети Петар, на светиот великомаченик Георгиј на кого му е посветена оваа Црква, на светите отци од Првиот Никејски собор и многуте светии на оваа древна и славна Цариградска Црква. И го молам Бога, Отецот на милосрдието, изобилно да ги благослови сите присутни.

Hrònia Pollà! Ad multos annos!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here