Почетна Коментар Господ наспроти вишата сила
Господ наспроти вишата сила

Господ наспроти вишата сила

134
0

Оној еден процент на македонски христијани што секој ден одат во црква сигурно нема да се зачудат кога на претстојниот Божик таму ќе се сретнат со оние 31,3 проценти кои во нив одат еднаш или двапати месечно и со оние 41,9 процент кои во црквите влегуваат само неколкупати годишно, само за големите празници. Веќе се навикнати на тоа и затоа неодамнешната голема анкета, која ја направија фондацијата „Kонрад Аденауер“, Институтот за политички истражувања и порталот „Религија.мк“, не откри нешто сензационално кога е во прашање практикување на верата кај македонските христијани.

Такви навики, на 75 проценти на православни христијани, за какви што се изјасниле во истата анкета, биле искажани и во една друга анкета на иста тема правена од Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество.

Значи, во еден подолг временски период, практично ништо радикално не се сменило кога е во прашање практикувањето на верата. Црквите и натаму ќе ни бидат празни во периодите кога не се големите празници, а во нив најчесто ќе навраќаме „набрзина“ да запалиме свеќа и да отстоиме пет-десет минути за да упатиме некоја молитва која во тој момент ни се чини најпотребна.

Но, последното истражување исфрли на виделина едно друго нешто – излезе дека дури 26,5 проценти од испитаниците, секој четврти, не веруваат во постоењето на Бог така како што е тоа напишано во Библијата. Имено, кај 75 проценти од православните христијани или 63,2 отсто соопштиле дека „веруваат во него“, но 21,9 одговориле дека веруваат во „виша сила“, а 4,6 отсто одговориле дека „не веруваат во ништо“.

Ова се податоци кои со своите контрадикторности најдобро ја отсликуваат моментната состојба во однос на религиозноста на нашите граѓани, за тоа колку од граѓаните се чувствуваат како православни христијани преку тоа колку често одат во цркви па се до тоа дали воопшто веруваат во Бога. Излегува дека кај нас верувањето и припадноста на христијанството е најмногу традиција која бара во црква да се оди два-три пати годишно, а наместо во Бога може да се верува и во „виша сила“!?

Луѓето искрено си го кажаа она што го чувствуваат како личен однос кон православното христијанство во земјава, речиси три децении по смената на атеистичкиот социјалистички систем и воведувањето на бројните граѓански слободи, меѓу кои слободата на вероисповед е една од клучните. Излегува дека работите не се многу сменети во однос на пред неколку децении. И тогаш луѓето си се чувствуваа како православни христијани, си одеа во цркви само на големи празници и си веруваа некои во Господ, а некои во виша сила.

Може ли со тоа првенствено да биде задоволна МПЦ-ОА? Се разбира дека не. А прашањето зошто е така, одговорите се бројни. Од тоа каков е наш општествен систем, со одвоени верски заедници од државата, без веронауката во образовниот систем, па се до тоа како граѓаните ги перципираат свештениците и МПЦ-ОА во целина. Тука секој одговор си има свои влијанија и затоа се има состојба каква што се има, полна со контрадикторности. А така, бездруго, ќе биде и во наредните години во текот на кои нашата црква ќе продолжи да бара воведување на веронауката во училиштата за да младите генерации ги слушаат божјите пораки од неговите посланици на земјата, но и ќе работи на промената на перцепцијата на луѓето кон неа првенствено со давањето на предимството на духовното над материјалното.

Од граѓаните кои припадноста кон христијанството си ја сметаат како своја традиција, но која се уште не ја доживуваат како дел од својот живот преку обредите и службите на кои треба да присуствуваат и во храмовите не може да се очекува дека прекуноќ ќе се најдат во црквите.

BrankoТоа е долг процес во кој секој треба да се преиспитува – како граѓаните преку својот личен однос кон верата и нејзиното практикување, така и самата МПЦ-ОА преку своето претставување како верска заедница која има целосен кредибилитет и која заслужува луѓето да влезат во нејзини храмови. На тој начин ќе ја шири својата вистина наспроти верувањето во „вишата сила“ кое го пополнува просторот во кој влегуваат граѓаните што имаат свои причини да се сомневаат во тоа што го проповедаат свештениците гледајќи ги што прават потоа.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *