Почетна Проповеди Горделивоста е почеток на гревот
Горделивоста е почеток на гревот

Горделивоста е почеток на гревот

381
0

Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Село Гари, 2016

Драги браќа и сестри, денеска прославуваме еден од големите подвижници кој се појавил на македонското тло, преподобниот Јоаким Осоговски. Овој Божји угодник се подвизувал во втората половина на XI век на Осоговските планини. Св. Јоаким го поминал севкупниот свој живот во една духовна борба. Во борба, во која ги победувал човечките слабости, измолувајќи сила и крепост од Господа.

Знаеме дека човекот е психосоматско битие, односно, постои со тело и душа.  Едното е видливо и материјално, а другото е духовно. Помеѓу нив постојат спротивставувања. Телесното тежнее кон материјалното, односно, земното, пропадливото, страсното, гревовното и слично. Додека, пак, душата, кон возвишеното, светото и божественото. Во овој дуализам постои духовна борба и кој од овие елементи ќе преовладее, таков живот ќе живее еден човек. Божјите угодници се луѓе кои во оваа духовна борба извојувале победа и успеале материјалното и распадливото, преодното и гревовното да го заменат, односно, да се откажат од него и да посветат внимание на спротивното, односно, на духовното и светото.

7За да се постигне оваа цел, или, за да се добие оваа битка, самиот човек, колку и да е силен, без Божјата помош нема да може да ја оствари зададената цел, односно, спасението на душата. Како што вели св. ап. Павле: „Сè можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи“ (Филип. 4, 13). Кога благодатта Божја ќе се излие врз еден човек, тој многу полесно ги пребродува и ги победува сите страсти, слабости, гревови и ги надминува препреките, сечејќи го гревот во себе уште во коренот. „Горделивоста е почеток на гревот“ (Мудр. Сир. 10, 15). Гордоста Му е одвратна на Бога, и Бог, во срце горделиво не се вселува. Ако човекот ја победи оваа страст, тој постанува смирен, незлоблив, чесен, покаен, им опростува на своите блиски, се кае за своите слабости, не осудува никого, и така, дозволува Бог да се всели во неговата душа. Преку благодатта Божја тој делува и се изградува на духовен план, издигнувајќи се до небесните височини.

Подвижништвото е тежок и макотрпен пат преку кој се обезбедува благодатта Божја. Таа, пак, како што кажавме, ни дава сила да можеме сите стрели упатени од нечестивиот да бидат пресретнати и одбиени. Подвижниците се откажале од сè од овој свет. Се откажале од храна, обувки, облека, од роднини и пријатели, од слави и од почести. Севкупниот свој живот го насочуваат да бидат само Христови, да го исполнуваат законот Божји и да спечалат благодат Божја.

3Еден од таквите Божји сосуди, врз кого обилно се излила Божјата благодат е и св. Јоаким, Осоговскиот Пустиножител и Чудотворец. Иако се поминати скоро десет векови, св. Јоаким, благодатта што ја добил додека бил ангел во тело, како што пееме во неговиот тропар, тој и денес обилно ја раздава на сите верници од неговиот свет гроб и од неговите свети икони. Ја раздава на сите кои со вера, набожност и страв Божји му се обраќаат и бараат поткрепа и помош за надминување на сите искушенија и страдања кои нè снаоѓаат во нашиот живот.

Прославувајќи го неговиот свет спомен, да му се обратиме со искрена молитва, тој нека се застапува со неговите свети молитви пред престолот на Севишниот. Да ни ја утврди верата за да можеме да ги надминуваме сите наши препреки кои нè оддалечуваат од Христовиот пат. Па да измолиме милост Божја и благодатта Негова да се излие врз нас, па да можеме да се надеваме на спасение на нашите души, сега и во сета вечност. По молитвите на св. Јоаким, така нека биде. Амин!“

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *