Почетна Анализа Големите надежи за автокефалност поминаа во сенка на коронавирусот
Големите надежи за автокефалност поминаа во сенка на коронавирусот

Големите надежи за автокефалност поминаа во сенка на коронавирусот

291
5

Што донесе, а што однесе изминатата 2020 година на црковен план?

Ќе бидат ли Божиќ, Василица и Богојавление Водици последни големи празници што оваа година ќе се слават во услови на пандемија? Дали чествувањето на празниците оваа година ќе го врати духот на традицијата? Ова се дел од надежите на верниците за овие божиќни празници, кои првпат ќе се чествуваат без масовност, како што досега сме навикнале. Испраќајќи ја годината што измина, која беше едно ново искушение, верниците очекуваат дека 2021 ќе биде година во која стравот од вирусот ќе биде надминат, а сликите со полни цркви повторно ќе бидат секојдневие. Пандемијата, која промени сѐ во општеството, во голема мера го промени и односот на верниците кон црковниот живот. Иако вербата остана, сепак здравствените протоколи наметнаа нови правила на однесување.

Г.г. Стефан: Најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да го љубат Бога и да ги љубат ближните

Архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во своето божиќно послание вели дека пандемијата покажала колку човекот е немоќен, особено кога ќе се оддалечи од Бог.

– Ние луѓето како да заборавивме дека без него, без Бога, не ќе можеме да правиме ништо. Оваа состојба, која целиот свет ја преживува, со пандемијата, ни докажа колку човекот е немоќен, и покрај сета своја самоувереност и покрај сите свои достигнувања и знаења. Народите повторно се соочени со големо страдање и со зголемена смртност. Но најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да го љубат Бога и да ги љубат ближните. А покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата – посочува г.г. Стефан.

Во божиќното послание, архиепископот се осврнува и на политичките оспорувања на македонската самобитност, истакнувајќи дека во 21 век тоа е непочитувањето на човековите права и слободи.

Големи надежи за решавање на црковниот спор

Изминатата 2020-та беше година во која МПЦ-ОА влезе со надеж дека Вселенската патријаршија ќе го стави во процедура прашањето за автокефалноста, со уверување дека таа година ќе биде една од пресвртните за македонското црковно прашање. Надежта се темелеше на претходно затвореното украинско црковно прашање и неколкуте сигнали од Вселенската патријаршија за благонаклонетост кон МПЦ-ОА.

Дел од јавноста на почетокот од годината сметаше дека МПЦ треба да има проактивна улога и да бара почести средби со претставниците на Вселенската патријаршија, но и на преостанатите цркви, за да ги запознае лично со барањето испратено до патријархот Вартоломеј, но и со реалниот црковен живот на МПЦ. Тогашните изјави на македонските владици беа дека Вселенската патријаршија ќе остане доследна на најавите дека ќе ја преземе одговорноста за решавање на македонското црковно прашање. Меѓу нив владееше оптимизам дека работите ќе се движат во посакуваниот правец.

Првите два месеца од 2020 година покажуваа големи надежи дека работите можат да се движат во таа насока, особено што вселенскиот патријарх веќе ги почна контактите со МПЦ-ОА и со Српската православна црква. Веднаш по божиќните празници во 2020 година, српските медиуми и тамошните верски аналитичари објавија дека вселенскиот патријарх Вартоломеј прави обид да ги помири МПЦ-ОА и СПЦ. Официјална потврда или демант од СПЦ за ова немаше, за подоцна во текот на годината владиката Петар да потврди дека вселенскиот патријарх иницирал средби во Фанар на ниво на делегации меѓу двете цркви, но до тоа не дошло, поради тоа што СПЦ не одговорила позитивно на барањето на Вартоломеј.

Годината почна со посета на Вселенската патријаршија

На почетокот од 2020 година, на 13 јануари, во пресрет на Василица се случи средба на тогашниот технички премиер Оливер Спасовски и на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој по одлуката за формирање пржинска влада се повлече од премиерската функција.

Познавачите на состојбите во православниот свет таа средба на Заев и Спасовски со Вартоломеј ја толкуваа во насока на тоа дека за крупното прашање за меѓународното признавање на самостојноста или т.н. автокефалност на Македонската православна црква-ОА треба да има поддршка не само од црковната туку и од државната власт, која ја обликува општествената реалност во нашата држава. Во истиот контекст, оцените беа дека и широкиот општествени консензус по прашањето за автокефалноста на Македонската црква е битен фактор, кој праќа јасна и недвосмислена порака до меѓународната (црковна) јавност.

Таа средба во Фанар отвори дополнителна надеж дека македонското црковно прашање станува дел од приоритетите на Вселенската патријаршија и дека во периодот што следува треба да се очекуваат многу поконкретни чекори за решавање на овој повеќедецениски проблем во православието.

Премиерот во техничката влада, Оливер Спасовски, тогаш на прес-конференција посочи дека го поканил патријархот да ја посети нашата држава, што е чест за верниците и за МПЦ.

Продолжи судирот меѓу Аман и Москва

Паралелно додека МПЦ ја чекаше официјалната покана од Вселенската патријаршија за средба со Српската православна црква во Истанбул, продолжи дипломатската битка меѓу двете најмоќни цркви во православието, Вселенската патријаршија и Руската православна црква. Овој пат процесот на борбата за превласт се одвиваше преку Ерусалимската патријаршија, која се обидуваше да организира средба на поглаварите на сите автокефални православни цркви во Аман, Јордан, кон крајот на февруари 2020 година, токму како одговор на одлуката Вселенската патријаршија да ја признае автокефалноста на Украинската православна црква, но и за најавите за признавање на македонската автокефалност. Средбата се случи, но само тројца поглавари на православните цркви допатуваа на средбата во Аман, што ја свика ерусалимскиот патријарх Теофил. Покрај домаќинот Теофил, во Јордан беа само уште рускиот патријарх Кирил и српскиот патријарх Иринеј и архиепископот на црквата за Чешка и Словачка, Ростислав. На ниво на црковни делегации беа присутни уште две цркви, Романската патријаршија и Полската црква. Сите други православни цркви го откажаа учеството на оваа средба. Ова во православниот свет беше протолкувано како уште една дипломатска победа на Вселенската патријаршија.

Пандемијата направи пресврт

И кога сите ги очекуваа пролетта и раздвижувањето на состојбите, се случи коронавирусот. На почетокот од март, па до велигденските празнувања православните цркви беа свртени кон себе. Затворени цркви, голем број реакции на верници, негодувања, јавни дебати. Следуваа неколку месеци во кои Европа и светот беа затворени поради вирусот, а со тоа и надежите за решавање на македонското црковно прашање паднаа во втор план.

Коронавирусот беше причина и за одложување на еден од најзначајните настани во животот на црквата, кој се случува многу ретко, и тоа секогаш само на Величетврток пред Велигден. МПЦ на 6 февруари 2020 г. донесе одлука за варење свето миро, чин што требаше да се случи за Велигден оваа година, но поради состојбата со коронавирусот подготовката беше одложена за идната година на Величетврток. Ова ќе биде четврти пат во историјата на МПЦ да се вари свето миро, кое се користи за извршување на светите тајни во црквата. Последен пат таков чин бил правен во времето на архиепископот Михаил, пред повеќе од 20 години.

Бигорскиот манастир одбележи еден милениум

Во 2020 година, во месеците на пандемијата се случија и два големи настани за МПЦ-ОА. За владика беше избран еден од архимандритите со најдолг монашки стаж во поновата историја на МПЦ-ОА, отецот Партениј, а неговата хиротонија во услови на пандемија беше во црквата „Света Софија“ во Охрид. Беше избран за викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула епископ антаниски (според македонскиот антички град Антанија, кој бил епископско седиште) и ќе остане во Бигорскиот манастир, каде што ќе биде неговото епископско седиште.

Во 2020 година, Бигорскиот манастир одбележи 1.000 години од основањето и тоа беше еден од најзначајните настани во животот на МПЦ-ОА таа година.

Илјада години живот на бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ е непроценливо сведоштво не само на монашката светлина во земјава туку е и столб на кој цврсто стои вистината за христијанската древност.

Нова иницијатива на државниот врв

Шест месеци од почетокот на пандемијата на крајот од летото, кога состојбите беа под некаква контрола, се случи нова дипломатска иницијатива на државниот врв за враќање на црковното прашање на масата на вселенскиот патријарх.

Прво претседателот Стево Пендаровски, а потоа и премиерот Зоран Заев испратија писма до Вартоломеј, во кои побараа тој да го искористи апелациското право како дел од неговите канонски надлежности и да го реши црковното прашање за МПЦ-ОА.

Претседателот Стево Пендаровски на 16 септември 2020 г. испрати писмо до вселенскиот патријарх, во кое бара патријархот да го употреби своето апелациско право, со што македонските граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите други православни христијани во светот.

Во писмото на премиерот Заев до патријархот Вартоломеј, тој побара да бидеме слободни и црковно во рамките на границите на нашата земја и нашите архијереи да сослужуваат со архијереите од сите православни цркви во светот.

Смртта на српскиот патријарх го одложи процесот

И кога се очекуваше активирање на прашањето, кон средината на ноември минатата година, СПЦ ја погоди една од најголемите трагедии. За неполн месец починаа двајца клучни владици, меѓу кои и патријархот Иринеј, како последица на коронавирусот.

Впрочем, 2020 година заврши со ситуација статус кво за македонското црковно прашање, со надеж дека 2021 ќе биде година во која ќе ѝ биде ставен крај на пандемијата, но и година во која СПЦ ќе го избере наследникот на Иринеј.

Тоа сепак ќе биде период и процес во кој Вселенската патријаршија нема да презема крупни чекори, не барем додека не го слушне ставот за ова прашање од новиот српски патријарх.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

Коментар(5)

  1. Радмила … ти можи си од вчера … така се решаваше тоа … оп, и готово … и не пишувајте само работи што ги знаат сите … ќе си дојде се на место … не додавајте масло на оганот … едно исто, па исто …

  2. Sekogas koga go aktuelizirate prasanjeto za aftokefalnosta na MPC, po pravilo go preskoknuvate osnovniot, glavniot problem, glavnata pricina na nepriznavanjeto. Nikogas ne gi tretirate osnovnite nastani sto se glavna pricina za oddalecuvanje od celta-priznavanje, a toa se:
    Prvo, da pocneme od Niskiot dogovor od koj potpisite gi povlece makedonskta strana i dojde do hirotonisanje na Jovan Vraniskovski. Negovoto iskonstruisano dolgogodisno vtamnicuvanje vo Idrizovskta zandana se svati od strana na SPC kako rigorozen progon na SPC, a potoa sleduvase zabrrana na tranzitiranje na svestenite lica na SPC preku teritorijata na R. Makedonija na pat za Hilandar-Grcija.
    Vtoro: nabrzo usledi prizna vanje na Kosovo od strana na R. Makedonija, pa uste isto taka tezok udar na SPC i R. Srbija bidna od strana na R. Makedonija savanjeto potpis vo UNESKO kosovskite manastiri da bidat albanski spomenici. Najposleden biser na mudrosta makedonska – brisenje na iminjata na freskite na srpskite svetiteli vo crkvite koi gi podigale vo Makedonija kakoi zagovaranjeto deka Srbite bile okupatori na Makedonija. Posle seto ova, tesko ce se najde srpska raka koja ce stavi potpis na dokument so koj se predlaga avtokefalen status na makedonska crkva.

  3. Ете … гледате … само им давате простор на ваквите да се искажат, како и секогаш …

  4. GEORGI, ova se najosnovnite fakti koi se prisutni vo crkovnata javnost, sekako von okviri na makedonskata crkovna sredina, koi pridonesuvaa dijalogot voopsto da ne krene od pocetokot koj eve stpi se na pocetokot otkako raskolot se pojavi i, za zal, ne se znae dali voopsto i ce krene od utvrdeniot pocetok. No po se izgleda deka so Vraniskovski na toa prasenje e stavena tocka.

  5. Светислав, Вранишковски е проект на Руската црква заедно со СПЦ и нема врска со Унеско, со Хиландар, Косово или српската окупација на Македонија … а приказните дека се измачи во Идризовската зандана се басни за деца … и Вранишковски нема врска со тоа дали МПЦ ке добие афтокефалија или не … Вранишковски и неговите 40 разбојници се автономни за Белград и такви можат да си останат … а и таму никој не ги ферма нити ги прашува … едноставно и таму се декор и средство за маркетинг на СПЦ … затоа јас и велам на Радмила, дека овие текстови се непотребни …

Напиши одговор на Georgi Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *