Почетна Вера МПЦ-ОА Големата струшка литија и годинава на 7 мај во Струга
Големата струшка литија и годинава на 7 мај во Струга

Големата струшка литија и годинава на 7 мај во Струга

384
0

На 7 мај во Струга, со почеток во 16 часот и оваа година ќе се одржи традиционалната струшка литија со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона.

Од Бигорскиот манастир велат дека годинава литијата ќе биде збогатена со чудотворната икона Крнинска, од Манасторот Пречиста Кичевска.

-Со особена радост ве известуваме дека торжествената струшка литија (Еордија) со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона, и оваа година ќе биде збогатена со благословот на Сепречистата Владичица наша Богородица, преку нејзината чудотворна икона Крнинска, од Манастирот Пречиста Кичевска, носена од четворица кичевчани. Традиционално, и овој пат, во храмот на Великомаченикот во Струга, на 07 мај, вторник, со почеток во 16:00 ч. ќе биде отслужена  ктиторската вечерна богослужба, после што ќе следи молитвената Литија, која веќе прерасна во големо сенародно собитие, најавуваат од Бигорски.

-На Литијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на својствен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука да го чуваат мирот и безбедноста на сите граѓани во нашата држава. Помеѓу возилото и Литијата, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како символ на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата. На чело на самата Литија ќе биде член од Бигорското братство, кој ќе го бие клепалото, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните икони на Св. Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф. Од оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј ќе бидат носени од двајца видни струшки граѓани и уште двајца од други места. Моштите ќе бидат придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец, посочуваат од Бигорски.

Монасите велат дека Со цел да се запази редот на Литијата, оние што нема да можат да се вклучат во самата Литија, пожелно е да му оддадат достојна почит на Светиот, стоејќи на обете страни на улицата и поздравувајќи ги моштите со фрлање на цвеќе, бидејќи тоа е еден соодветен начин достоинствено да се пречекаат моштите и така да се стекне благословот на Св. Георгиј, но и на Пресвета Богородица.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *