Вера

Голема понтификална миса на плоштадот „Македонија“

By Уредник

September 11, 2016

Голема понтификална миса ќе отслужи Католичката црква денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје, со која ќе заврши и татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза.

Светата миса ќе ја предводи папскиот делегат, Кардиналот Винко Пуљиќ и Бискупот Киро Стојанов, со свештеници на Католичката црква.

Присуство на мистата, која ќе почне во 10 часот најавиле претседателот Ѓорге Иванов, кој ќе има и говор, министерот за одбрана Зоран Јолевски, министерката за Култура, Елизабета Канческа Милеска, како и други претставници на државните институции и дипломатите во Скопје. На мисата ќе присуствува и Архиепископот на МПЦ, г.г Стефан.

Се очекува Плоштадот „Македонија“ да биде претесен да ги собере верниците, високите претставници на Католичката црква и на други верски заедници, бројни домашни и странски делегации и гости, дојдени во чест на светата Мајка Тереза.

Скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, уште пред две недели соопшти дека папата Франциско на 24 август го именувал сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пуљиќ, за негов специјален пратеник кој ќе ја предводи понтификалната света миса во Скопје.

-Ако сакаме да го опишеме животот и пораката на Мајка Тереза во само два збора тогаш тие два збора се Бог и љубов. Бог за Мајка Тереза е центар на нејзината егзистенција, додека љубовта е нејзината порака. Но, ако треба да употребиме само еден збор, тогаш зборот љубов е пред сѐ, затоа што љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и го познава Бога, затоа што Бог е љубов. Едноставен израз на Мајка Тереза е – каде е љубовта таму е и Бог“, рече бискупот Стојанов, претставувајќи го неодамна црковниот дел од програмата.

/РЕЛИГИЈА.МК