
Голем ден за македонската црква во Неиве – Италија
Македонска Православна Црковна Општина ,,Св. Архангел Михаил”од Неиве, доби нов објект во кој е сместена крстилната „Св. Јован Крстител“. Станува збор за договор за купопродажба на објектот, за кој македонските верници од овој дел на Италија обезбедија средства.
Договорот за купопородажба пред два дена го потпишаа Неговата екселенција монсињор Марко Брунети, владика на Алба и надлежниот епископ Неговото високопреосвештенство митрополитот европски г. Пимен.
-Денеска беше светол ден за нашата Македонска Православна Црковна Општина ,,Св. Архангел Михаил”од Неиве, бидејќи со макотрпна долгогодишна работа, верниците се здобија со објект кој во иднина ќе биде втор дом, културен и духовен центар. Свечено беше потпишан договорот за купо-продажба на објектот во кој е сместена крстилната „Св. Јован Крстител“ во Неиве од страна на Неговата екселенција монсињор Марко Брунети, владика на Алба и Неговото високопреосвештенство митрополитот европски г. Пимен, велат од црковната општина.
Владиката Пимен, во своето обраќање потенцирал дека овој договор е плод на добра соработка, взаемена почит и можност македонскиот народ во туѓина да најде свој дом за духовна поткрепа и негување на културните и религиски вредности.
Од македонската црковна општина потенцираат дека на овој свечен историски чин, кој за нив пртеставуваа неизмерна радост и гордост, присуствувале и Генералниот Конзул во Венеција, Стојан Витанов, делегација од Агенцијата за иселеништво предводена од директорот Слободан Близнаковски и градоначалникот на Македонска Каменица Димчо Атанасовски.
Целиот настан беше заокружен со литургиска служба во предвечерието на Храмовата слава „Собор на св. Архангел Михаил“. Со Светата архиерејска литургија чиноначалствуваше митрополит европски г. Пимен во сослужение со епископот Полјански и Стобиски г. Јаков, протопрезвитер Климент Мишањ од Пјаченца, презвитер Јовица Тодевски и протопрезвитер Михајло Матевски, Неиве.