Почетна Коментар Го заборавивме ли бога?
Го заборавивме ли бога?

Го заборавивме ли бога?

161
0

Глобалните закани од тероризам, појавата на верски радикализам, мигрантската криза, се појави кои ги реактуелизираа верските прашања, но и прашањата на етичноста и моралот кога станува збор за односот кон другиот. Ми се чини, дека со трендот кој настана во 90-тите години за човековите права и слободи, ние уште повеќе се оддалечивме од нив, бидејќи ја изгубивме врската со нивната права суштина – а тоа е Бога.

Европа е веќе уморна од својот секуларизам. И додека некои земји го зајакнаа својот секуларизам, ние доцниме. Од дамнина народот рекол дека човекот го остварува мирот преку единството, а тоа единство е дадено пред светите книги, пред човекот. Тоа е единството во Бога. Во Македонија погрешно ја разбравме секуларноста. Секуларноста ја ставивме во закон, потпишавме меѓународни декларации за слободи, а слободата не ја остваривме.

Во својот познат говор од 1863 год., претседателот Линколн ќе рече: „Ние го заборавивме Бога“. И навистина, ние во Македонија од осамостојувањето него го заборавивме. Заборавивме, во презирот на нашите срца, дека мирот и сите благодети негови, не потекнуваат од документите, актите или договорите, туку од вечната вистина и мудрост. Но, станавме премногу горделиви и презафатени за да го примиме Бога во нашето срце. Градејќи мирно општество за сите, градејќи мултиконфесионално општество, се заборавивме себеси. Дозволивме и во 21-иот век верските војни да ни се закануваат и покрај тоа што се договоривме дека религијата треба да стои надвор од политичките и световни прашања.

Србија од септември ќе воведе веронаука. Во Бугарија, Грција, Германија, Унгарија, Латвија, Литванија и Романија веронауката е веќе пропишана во Уставот и одамна веќе дел од редовниот курикулум во државните училишта. Можност за иземање од задолжителното верско образование има во Бугарија, Грција, Австрија. Во Грција за да се иземат од веронаука ќе мора родителите со писмено барање до училиштето да се изјаснат на која религија и припаѓаат. За разлика од нив, во Македонија во Уставот не е пропишано никакво верско образование во рамките на јавниот образовен систем. Уставниот суд го оспори и тоа единствено право на родителот да обезбеди, или макар да се изјасни, за какво образование и настава сака да учи нивното дете, а во согласност со нивните верски и филозофски убедувања. Во европскиот натпревар на умови и знаења, натпреварот е токму во образованието. Натпреварот на знаења треба да биде отворен, не треба да исклучува по ниту една основа вклучително и верска. Веронауката не ја загрозува секуларноста, воспитувањето во она што е исконско во човекот, а тоа е љубовта кон другиот, не го нарушуваат правниот темел на државата, туку напротив го зајакнува. Во меѓувреме, откако Уставниот суд ја укина веронауката (и воопшто секакво вероучение во нашето образование) се зголеми криминалот, насилството, дрогата во училиштата што го покажуваат статистичките податоци. Колку повеќе се одалечуваме од верата „во име на  секуларноста“, толку поголем станува бројот на убиства, самоубиства, нетолерантност. Процентуално, во земјите во кои секуларизмот е строг закон (пример Кина), имаме најголемо кршење на човекови права.

Причините зошто не успеавме да го поминеме тестот на секуларноста, е зошто не и дозволивме на религијата да навлезе во нашите секојдневни животи. Религијата не е обично присуство на Бог во нашите животи. Религијата не е префлање на личната одговорност на едно вишо натприродно битие. Таа е самоиспитување, самоанализирање, себеусовршување. Таа е знаење за Бог, а за да го знаеш Бог, прво треба да ја знаеш својата улога во светот. И додека се посветивме на пишување закони, проекти за човекови права, се оддалечивме од Бога и едни од други. Законите не можат да ја отстранат алчноста на богатите, не може да им даде мир на насилниците, ниту да го направат човекот да биде доблесен и морален.

Преамбулата во Уставот на Германија започнува со следниве зборови: „Свесен за својата одговорност пред Господ и пред луѓето, како одлучен рамноправен член на обединетата Европа да му служи на светскиот мир, германскиот народ од силата на неговата уставотворна власт го донесе овој Устав“. Германскиот народ основната одговорност ја има пред Господ? Тоа е прилично интересна формулација доколку во Македонија би доживеале таква промена на Уставот во делот на Преамбулата, без да се тревожат медиумите дека е нарушена секуларноста. Што би се случило доколку во нашата Преамбула се повикаме на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, како што тоа го има во Словачкиот Устав, дали и тогаш ќе обвиниме за кршење на секуларноста? Македонија е дел од европското семејство и враќање назад нема. Решението е едноставно-да го сакаш и почитуваш своето верско убедување, да и овозможиш на верата јавно изразување, не значи кршење на секуларната и демократска држава! За жал, ние дозволивме да затаиме во однос на секуларноста. Но, ако сакаме да бидеме дел од европското семејство ќе мора да се угледаме на сите демократски држави од западниот свет. Односно, доколку родителите сакаат да има веронаука, државата треба да обезбеди такво образование во училиштата. Доколку пациентите сакаат свештени лица во клиниките за да го остварат своето право на вероисповед, мора да се најде начин тоа да се оствари, како што е впрочем пракса насекаде во светот.

Концептот на секуларност во Македонија е основата од која понатаму треба да изградиме општество на права и слободи. Овие два постулата-секуларно општество и општество на верски слобода и права не смеат да се развиваат на две посебни нивоа. Доколку тоа го направиме на две нивоа, тогаш отвараме поле за маневар, во кое секој оној кој ќе наметне некакво верско убедување ќе сметаме дека ни ја загрозил нашата слобода. А слободата не претставува отсуство на ропство, доброто не претставува отсуство на зло, туку присуство на Бог во нашите лични животи. А тоа подразбира достоинственост, чесност, толерантност. Тоа подразбира отфрлање на хипокризијата, нетолерантноста и екстремизмот во сите негови форми. Да се бориш во името на Бога, не значи да се бориш за овие вредности, бидејќи Бог поседува други имиња-љубов, сочуство, разбирање, мудрост, и т.н.

Во таа смисла, нашиот народ отсекогаш бил богат, бидејќи бил блиску до Бога и токму во верата ја остварувал својата слобода. Почитта кон Бога и божјите вредности, било она што не одржало низ вековите. Примери се народните маченици: Спасо Радовишки, Варлаам Охридски, Злата Мегленска, Ѓорѓи Кратовски, Агатангел Битолски, македонски корифеи кои со својот живот во молитва, љубов кон другиот и сочуство го повикаа Бога и вистински му служеа на Бога. Тие не се бореа со Бога, туку беа едно со Бога.

Овие светители се канонизирани за светители и ги празнува целиот христијански свет. Да не дозволиме, да паднеме во верата, туку да ни бидат светол пример.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *