Почетна Анализа Ѓаконот во Битола кој стана Вселенски патријарх
Ѓаконот во Битола кој стана Вселенски патријарх

Ѓаконот во Битола кој стана Вселенски патријарх

1.22K
0

Неодамна, при својата Апостолска посета, Папата ја призна автентичноста на верскиот соживот во Македонија, напорите кои нашата земја ги правела и сè уште ги прави на полето на меѓуверските односи.  Дека тоа е така, сведочат многу личности кои својата духовност ја хранеле токму од оваа наша почва. Една таква личност бил Вселенскиот Патријарх Атинагора, кој бил на тронот на Константинопол во периодот од 1948 до 1972 година.

Аристокле Матаја Спироу, роден во Епир, Грција својата животна богослужба ја започнал како ѓакон во битолската црква Свети Димитрија. За време на својата ѓаконска служба го примил името „Атинагора“. Бил раководител на најголемата библиотека во битолското училиште, а неговите први контакти со римокатолиците ги остварил токму во Битола каде било познатото католичко училиште на браќата Марист кое тој често го посетувал.

Атинагора е можеби најсветлиот пример на духовно зближување на народите. До крајот на својот живот тој никогаш нема да ја заборави Македонија и соживотот на различните вери кои кај него оставиле длабоки траги. Тука научил да ја цени вредноста на меѓуверското разбирање и почит. И покрај потресите кои го снајдоа овој крај за време на Првата светска војна, со голема вера одел од куќа во куќа посетувајќи ги болните во Битола, упатувајќи им зборови на љубов и утеха. „Ништо не ме загрижува“, велел Патријархот, „јас сум во рацете на Бога. Во страдањето и во маките секогаш ни останува голата вера дека Бог нè сака со безгранична љубов. Секогаш ни останува крвта Христова и нежноста на Неговата Пресвета Мајка“. За иконите во црквата Свети Димитрија ќе рече: „Во црквата во која бевме вчера, со каква љубов ја беа искитиле иконата на Богородица! Иконите го умножуваат нејзиното присуство. Нејзината вера доаѓа да ѝ помогне на нашата. Нејзината нежност ја брише нашата грубост“.

Во 1922 година бил избран за митрополит на Крф и ракоположен за грчки епископ. Заминал за Америка каде цели 18 години служел како Архиепископ ширејќи љубов и единство меѓу верниците од американската диецеза. Оттаму, во 1948 се искачил на Патријаршискиот престол.

Папата Франциск, патријархот Вартоломеј и грчкиот архиепископ Иеронимус во 2016 година потпишуваат Заедничка Декларација за справување со мигрантската криза. Многумина овој чин на заедничка заложба на светските духовни лидери ќе го протолкуваат за историски чин. Но уште многу пред тоа, во 1964 година, Атинагора заедно со Синодот и Папата ги повикал сите цркви да си подадат рака и да го заборават сеќавањето на лошото што ги раздели во драматичната 1054 година. Тоа време имаше едни историски околности, денеска се сосема други.

Историската средба помеѓу Патријархот Атинагора и Римскиот Папа Павле VI се случила во Ерусалим каде на свечена церемонија била прогласена Декларација за симнување на анатемата од Големата Шизма. Настанот бил оценет како значаен чекор кон конечно враќање на единството на Црквата, еден од најголемите христијански чинови, но не ставил крај на десетвековната шизма. Беше изразена само волјата од двајцата големи лидери за подобрување на односите меѓу двете цркви, по што била зајакната нивната соработка.

Неговиот обид да ја редефинира улогата на Православната црква во светски рамки наиде на голем отпор. Иницијативата за нови односи меѓу одделните христијански преданија секако ќе остане запаметена, но не и за единството меѓу различните христијански обреди. Тука опозицијата беше многу гласна. Сепак, до крајот на својот живот тој остана голем во својата вера и визионерска добродетел. На прашањето дали можеме да ја поправиме иднината ќе рече: „Знаеме само дека во нашите животи, како и во историјата воскресението ќе го има последниот збор. Затоа и не се плашиме; ги свртуваме очите кон Господа и нашата надеж ја полагаме само во Него за настаните во иднината“.

„Познавам моменти кога положбата е над нашите сили, кога не можеме да сториме што и да е. Тогаш наполно се ослободуваме од нашата слабост и Му се предаваме со доверба на Бога. Тогаш ни доаѓа мирот, што ни го дава Господ, мирот што е над секое разбирање“.

Ете така зборуваше ѓаконот во Битола, Вселенскиот патријарх кој се обиде да го обедини светот. Еден убав пример на зближување меѓу народите, наместо нивно разединување. Ако веруваме во воскресението, велеше тој, тогаш ќе дозволиме тоа да го воскресне и минатото, и сè она што нè оддалечува од Христа и сите народи ќе бидат одново обновени. Тогаш ќе видиме дека Бог не е непозната мистерија, туку наш пријател кој ни подава рака.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *