Архиепископот Стефан и членовите на Синодот, без присуство на владиката Агатангел, поради здравствени причини, и на владиката Методиј, кој е во Америка, го хиротонисаа и устоличија Георгиј, најмладиот по избор архиереј на МПЦ-ОА, за митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
Хиротонијата и интронизацијата беше во црквата Света Софија во Охрид, а нарелението ден претходно на Плаошник.
Новоназначениот митрополит пред членовите на Светиот синод на Македонската православна црква, свештенството и верниците се завети дека ќе работи според каноните на Светата црква, со најголема послушност ќе извршува она што му е заповедано имајќи ги предвид секогаш вистината и правдата.
– Сето тоа ќе го правам според мојата совест, без да им робувам на лицемерноста и да бидам роб на страстите, но секогаш ќе го имам на ум единствениот Божји суд, со искрена љубов кон Бога и кон ближните… Се заколнувам со живиот Бог дека секогаш ќе ги имам на ум неговите зборови – проколнат да биде секој оној што нема да го извршува Божјото дело. И дека во сите работи поврзани со мојот позив како со дела Божји нема да бидам мрзлив, туку ќе бидам вреден и ќе работам со сите мои сили… рече митрополитот Георгиј.
Архиепископот oхридски и македонски, г.г. Стефан, истакна дека „сите досегашни охридски светила со своите животи покажале оти епископот не е управител на земна институција, туку жртва светаденица која се принесува себеси за својот народ, дека е сведок за вечната вистина, татко на малите, глас на безгласните, дека е личност чија света должност е да го направи својот народ причесник божји“.
– Денеска добиваме архиереј достоен на своите предци, пастир кој, како што некогаш Елисеј го беше зел кожувот на Илија за да ја продолжи на неговата служба, и тој ќе ги земе на себе добродетелите од своите блаженоупокоени предци и ќе го продолжи нивното свето село, рече г.г. Стефан.
Митрополитот Георгиј дојде на упразнетото место во Дебарско-кичевската епархија по упокојувањето на митрополитот Тимотеј во ноември минатата година.
На хиротонисувањето во Соборниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“ во Охрид присуствуваа и претставници на политичката фела меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски.
-Со овој чин, г. Георгиј и официјално станува митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Верувам дека со сите сили и знаења ќе служи на нашата црква. Достоен е! На многаја лета, објави премиерот Мицкоски на својот фејсбук профил.


Најправилен, најдостоен и најмудар избор на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ – ОА
Во бурни и турбулентни времиња, мудруста и правилната одлука се пресудни, со овој избор на достојниот г.Георгиј, Синодот на МПЦ, а особено г.г. Стефан на дело ја докажаа својата мудрост и знаење.