Почетна Вера ГАЛЕРИЈА и ВИДЕО: Ноќна молитва во Пресвета Богородица
ГАЛЕРИЈА и ВИДЕО: Ноќна молитва во Пресвета Богородица

ГАЛЕРИЈА и ВИДЕО: Ноќна молитва во Пресвета Богородица

1.11K
1

Иако петок навечер, вообичаено е резервиран за ноќни забави на младите, сепак голем број млади, овој петок 5-ти февруари, ноќниот живот го заменија со сеноќно бдение.

Вечерта во Црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, ја посветија на целовечерна молитва за споменот на блажената Ксенија Петроградска.

Вечерта беше величествена, исполнета со црковен и духовен мир. Полна со возвишеност во божјото слово. Млади на кои споменот за денешната светица им е поважен од гласноста на ноќната музика.

Целовечерното бдение, до околу три часот наутро го отслужија свештеници од  Скопската епархија, со благослов на Архиепископот г.г Стефан. Овој начин на чествување на празниците, кој го воведува помладата генерација свештеници, добива се поголема популарност и посетеност.

Целовечерното бдение е еден вид подвиг за верниците. Скратувајќи го сонот, прават подвиг да се молат.

Оваа вечер беше посветена на „блажената Ксенија Петроградска“, чиј култ е голем во Русија, но постепено станува голем и во Македонија.

Иако Црквата во Русија ја канонизирала во последните децении на дваесеттиот век, света Ксенија била сметана за светителка неполни два века од страна на рускиот народ.

Останувајќи вдовица рано во нејзината младост, оваа исклучителна личност го зела врз себе големиот подвиг на јуродивство Христа ради, облекувајќи го оделото на својот упокоен сопруг.

Постојат многу малку податоци за нејзините родители и нејзиниот живот пред бракот. Сепак, некои истражувачи сметаат дека блажена Ксенија е родена 1731 година.

Од 1755 година во Петроград започнале да се шират епидемии на вируси, и токму во таа година, четврта од нивниот брак, Андреј Фјодорович се разболел, и после кратко боледување, откако се исповедал и причестил, ја благословил својата сопруга со зборовите „Служи Му на Господа и Бог наш, слави Го Себлагото име Негово“ и се упокоил.

Расплаканата Ксенија се прилепила до нозете на својот возљубен сопруг, и цела ноќ бдеела до него. Со поминувањето на ноќта, телото се вкочанило, но таа никако не можела да се раздели од него; се чинело дека го изгубила својот разум. Следниот ден било тешко да се препознае: за една ноќ остарела и побелела во косите…

По погребот, сиот свој имот го разделила на сиромасите, а куќата ја подарила на една своја пријателка. За роднините на нејзиниот сопруг тоа било сигурен знак дека Ксенија слегла од умот; тие дури се обратиле на надлежните со цел да го спречат губењето на имотот. Младата вдовица, која врз себе го зела светиот подвиг на јуродивство, била повикана на разговор при што било утврдено дека е потполно здрава.

Изложена на потсмев и презир, блажена Ксенија лутала по улиците на престолнината, дење и ноќе, на студ и жега. Говорела неразбирливи зборови, непрестано молејќи се. За време на градењето на црквата на Смоленските гробишта, каде подоцна и самата го наоѓа својот покој, ноќе потајно им помагала на мајсторите во нивните задачи. Со тек на време граѓаните забележале дека „безумна Ксенија“ не е обичен безумен просјак.

Мирно се упокоила во староста, и нејзините мошти почиваат на Смоленските гробишта. Нејзиниот гроб е често посетуван од голем број поклоници, кои земаат земја од него, верувајќи во нејзината спасителна моќ.

Руската Задгранична Црква ја вброи во диптихот на светите во 1978 година, а Московската Патријаршија го стори истото десет години подоцна. Нејзиниот спомен се празнува на 6 февруари, и втората недела по Педесетница.

Коментар(1)

  1. mala korekcija na tekstot,svetitelkata ima poinakvo zitie,bidejki ne e vo prologot na svetiteli,kade se naoga zitieto na sveta Ksenija Rimjanka,koja se slavi vo ovoj den koga i blazena Ksenija Petrogradska,na stranata od prilogot procitajte za nejzinoto zitie,pozzd. i golema blagodarsnost za ubavite zborovi za ubavinata i blagodatta od senoknoto bdenie,da vi se mnozat duhovnite zborovi i ponatamu.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *