Почетна Коментар Фрески од Македонија предвесници на западната Ренесанса
Фрески од Македонија предвесници на западната Ренесанса

Фрески од Македонија предвесници на западната Ренесанса

1.36K
0

Манастирот „Свети Пантелејмон“ во скопско Нерези претставува ремек дело на средновековната, не само македонска, туку и византиска архитектура. Негови главни карактеристики се складните облици, мајсторството на неговите градители, полихромната фасада од камен и цигла, како и вешто направените куполи. Живописот, пак, на непознатите мајстори од 1164 година претставува апогеј на драматизмот, до Нерези невиден во сликарството на средниот век.

Секоја фреска, секој изграден камен сведочи за неговата богата историја и постоење. Манастир кој е бисер непроценлив, бисер кој секогаш е посетуван од верните, бисер кој духовно нахранува и заситува. Станува збор за еден од најзначајните фрескосликарски ансамбли во Македонија, релевантен не само за македонската сликарска традиција, туку и за светското сликарско наследство. Односно, таквите ремек-дела не застаруваат, не се забораваат. Тие се тука за вечноста, дадени им се на оваа земја и овие луѓе и нивна обврска е да се грижат за нив за следните генерации. Таквите обврски не се забораваат и не се препуштаат на стихијноста.

Манастирот е импресивен и заради староста на архитектурата и фрескоживописот, тоа не е неговата примарна вредност. Во фрескоживописот на Нерези првенствено станува збор за сменетиот однос кон сликарството односно кон сликаните ликови, станува збор за воведување на нов ликовен концепт – или сосема поинаков поглед на светот – што во Европа ќе стане актуелен дури на почетокот на XIV век во Италија. Живописот во храмот „Свети Пантелејмон“ (1164 год.) има значење на заокружена стилска програма.

Фреските во овој храм имаат сила на неповторливи уметнички дела. Првпат во уметноста на југоисточна Европа токму тука проблеснува нота на длабока човечка драма, емотивен набој на личностите од божествената хиерархија.

Фреските во оваа црква се вистинските предвесници на Западната Ренесанса, речиси два века пред фреските на Ѓото во Падова. Двете значајни фрески ,,Оплакуванјето Христово“ и „Симнувањето од крстот“ се врвен дострел на византиското сликарство.

Во овој контекст, фрескосликарството на Нерези, не еднаш и не од вчера, во смислата на тој исказ било поврзувано со некои можни прапочетоци на Ренесансата, претходница дури и на општоприфатените фрески на Ѓото во Падова (1305 година).

Познатите светски научници велат запрепастени сме од убедливата сила на оваа уметност кога опишува млади и стари глави, ја изнесува болката во изразите на лицата, од етнички различните типови, од движењата… Тоа е уметност со голема сензибилност. Во 1926 година, на јавноста ова сликарство му го преставува познатиот историчар на византиската уметност Никола Окуњев, со чија заслуга повторно е откриен поголемиот дел од стариот животопис. Откритието во манастирот во Нерези кое го направи Окуњев, професор на Универзитетот во Прага, тогаш ќе внесе нова светлост во средновековната уметност на Европа. Никола Окуњев бил еден од поистакнатите научници на полето на средновековната уметност. По Првата светска војна бил професор по уметност на Филозовскиот факултет во Скопје, а од 1923 година работи во Прага, како професор на уметноста на источните и јужните Славјани и Византија. За време на летниот период доаѓал во Македонија, која е во рамките на тогашна кралска Југославија, каде го продолжува своето истражување. Во летото 1927 година, по шест години истражувања и преку 2000 направени фотографии доаѓа до важни откритија и на враќање за Чехо-словачка од Скопје, се задржува прво во Белград, а потоа и Загреб каде треба да одржи предавање за уметностa на овој дел од Балканот од XIV век.

Всушност, Нерези кој стои на врвот на македонската уметност од XII век укажува на идните настојувања во византиската уметност за повторно приближување кон антиката.

Токму тука, кај нас, под раката на анонимниот мајстор од „Свети Пантелејмон“, фрескоживописот почнува да се осовременува, динамизира, се осмелува да не ги чита само каноните, туку и лицата од секојдневието. Така и ликовите на светите, дури и оние на Богочовекот и неговата Мајка, добиваат реални и хумани димензии на луѓе од крв и месо, на луѓе кои страдаат и не се срамат тоа да го покажат.

Затоа ова непроценливо духовно богатство треба уште повеќе да го негуваме,чуваме кое сведочи за нашето постоење,творење низ вековите. овој светилник кој е посветен на светиот великомаченик пантелејмон ,заштитникот на здравјето нека свети во нашите срца вечно, како кандило пред Бога.

Жарко Брњарчевски, теолог

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *