Почетна Анализа Францускиот маршал бил воодушевен од иконостасот во црквата „Св. Спас“
Францускиот маршал бил воодушевен од иконостасот во црквата „Св. Спас“

Францускиот маршал бил воодушевен од иконостасот во црквата „Св. Спас“

84
0

Скопски легенди

Генералот, а подоцна и маршал на Франција, Франше Д`Епере, кој командувал со сојузничките сили на Истокот, сѐ уште е жива легенда од Првата светска војна чие име се изговара со почит. Наскоро ќе се навршат сто години од неговата прва посета на Скопје по завршувањето на Големата војна, а тоа е конкретниот повод уште еднаш да се потсетиме на таа посета, за која нашите сограѓани многу малку знаат. Многумина повозрасни скопјани уште пред повеќе години ми имаат раскажувано дека во својата рана детска возраст го имаат видено маршалот со неговата придружба низ улиците на градот. Тоа оставило длабок впечаток во нивните животи. Под заповедништво на Д`Епере е извршен и пробивот на Солунскиот фронт, заземањето на Скопје од страна на ловците од Африка на генерал Гамбета, придонесувајќи со тоа за побрзиот крај на војната, на 1 ноември 1918 година. Кога точно се случила таа посета и што сѐ посетил генералот во градот Скопје? Еве ги интересните детали.

Маршалот Франше Д`Епере го посетил Скопје на почетокот на 1921 година, во рамките на посетата на неколку други градови на тогашната држава. Со специјален воз, точно во 19.30 часот пристигнал на железничката станица, пречекан со воена музика и звуците на Марселезата. На станицата присуствувала огромна маса народ, а била построена и почесна чета од подофицери. Силно одекнувала воената музика, а целиот град бил закитен со знамиња. Генералот бил поздравен од цивилните и воените власти, а прв, со пригоден говор, го поздравил тогашниот претседател на општината, г. Буквиќ. Изразувајќи ја сета почит кон заслугите на генералот, тој соопштил дека тогашната Прилепска улица во Скопје, во негова чест, ќе биде преименувана во улица Франше Д`Епере.

Со претседателот на општината и со францускиот конзул потоа заминале во посета на Француските гробишта. Според тогашните записи, гробиштата се наоѓале „лево од армиската болница“, а токму во тој период, 1921-1922 година, но и подоцна, се оформувал тој простор каде што почивале многубројните знајни и незнајни француски војници загинати во Првата светска војна. На влезот, генералот го пречекал и го поздравил католичкиот свештеник Гадране, а бил одржан и помен за загинатите, со кој раководел воениот католички свештеник г. Дејак. Потоа, генералот Д`Епере ги обиколил гробиштата, каде што, според тогашните податоци, имало погребано голем број војници со нивните забележани имиња, но и оние што биле непознати.

Според предвидениот итинерер на обиколката на градот, генералот потоа посетил една од најстарите и најубави џамии во Скопје, „Султан Мурат“, каде што бил поздравен од муслиманските првенци. Генералот го почнал разговорот за соживотот и благосостојбата на сите оние што живеат во новосоздадената држава. Сакајќи што подобро да го запознае градот, тој со својата придружба, низ пријатна и неконвенционална прошетка, обиколил повеќе значајни споменици. Прошетал низ скопскиот кеј, потоа го посетил познатото француско училиште, со кое раководел професорот Шарл Дер. Посетата на црквата „Св. Спас“ оставила посебен впечаток на генералот и на неговата придружба. Тој особено бил воодушевен од иконостасот изработен во резба, а тоа свое воодушевување го изразил со зборовите: „Ова е најубавото нешто што го видов на ова мое патување“.

На тврдината Кале се задржал долго време. Се интересирал за тврдината, а од таа височина со голема љубопитност го разгледувал градот. Сакал детално да ја запознае неговата историја. Искажал пофални зборови за Скопје како град, за касарните и воената организација. По попладневниот одмор, вечерта во 20 часот, во салата на ресторанот „Зрински“, кој се наоѓал покрај Вардар, во близината на Камени мост, општината организирала голема свеченост во чест на високиот гостин, генералот Франше Д`Епере. Професорот Панта Јовановиќ го поздравил генералот од името на општината. Градот сиот блескал раскошно осветлен, особено бил илуминиран Камени мост.

Во пријатна атмосфера, со присуство на многу познати гости од политиката, воениот естаблишмент и културата, свирел познатиот „Штрајк-оркестар“ во големата сала на ресторанот, познат по организирањето на свечености и разни приредби од уметноста. Задоволен од атмосферата и приемот, генералот се задржал многу подолго време на приемот отколку што тоа официјално било предвидено. Утредента, тој заминал за Белград, а оттаму отпатувал за Сараево. Луј Франше Д`Епере е роден во 1856 година во алжирскиот град Мостаганем. Студирал воена академија и имал исклучително богата војничка кариера.

Напредувал од потпоручник до пешадиски офицер и командант на баталјон, командувал со француската армија, а под негова команда биле и сојузничките сили на Истокот. Имал широки познавања и од другите области, бил претседател на географското друштво и член на Француската академија од 1934 година. Починал во францускиот град Сент-Аманес во 1942 година.

/Нова Македонија

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *