Почетна Анализа Франциско, Степинац и српско-хрватските односи
Франциско, Степинац и српско-хрватските односи

Франциско, Степинац и српско-хрватските односи

148
0

Канонизацијата на кардиналот Степинац ја покажува потребата од екуменскиот дијалог меѓу христијаните, како и можност заедно да се претресат сите трауматични настани кои се случиле во минатото

Kога Исус Христос бил воздигнат на небото 40 дена по сопственото воскресение на своите апостоли им ја оставил својата црква, сложна и единствена. Но луѓето, кој иако се создадени по божјиот лик, по својата природа не се совршени, па од таа единствена црква создадоа неколку други кои во текот на историјата често своите расправии ги решавале со насилство и оружје, сосем спротивно од проповедите кој Христос ги давал низ Галилеја и Ерусалем, а се запишани во четирите евангелија. По десет века поминати од целосниот прекин на односите помеѓу католичката и православните цркви, а поттикнати од ужасните настани од XX век црковните оци ќе се одважат да ги отповикаат меѓусебно дадените анатеми и ќе обврзат да се посветат на дијалог чија крајна цел е повторно обединување на црквите во една универзална во која потполно ќе биде остварен наукот на нејзиниот создател. Тој дијалог, кој е и онака сложен кога се работи за доктриналните прашања, дополнително е оптоварен со конфликтите кои народите кои припаѓаат на разните крила ги имале во минатото и кои и ден денес имаат влијание на меѓусебните односи.

Таков е и примерот со канонизацијата на кардиналот Алојзије Степинац (1898-1960), српски доброволец на солунскиот фронт во 1918 година, надбискуп загрепски од 1937 и блаженик на Католичката црква од 1998 година, кого Хрватите го сметаат за маченик кој по цена на сопственото страдање останал верен на Рим и покрај „тортурата“ на комунистичките власти на втората Југославија, а Србите, спротивно од првите, за поддржувач на усташкиот режим во кој припадниците на српскиот народ биле цел на масовна егзекуција, протерување и насилно покрстување во католичката вера.

ЗБОР-ДВА ЗА НЕГОВАТА БИОГРАФИЈА. 

Степинац е предводник на Католичката црква во Хрватска во период на сериозни конфликти во односите помеѓу српскиот и хрватскиот дел во Кралството Југославија. Борбата за доминација на српскиот елемент и борбата за поголема самостојност на хрватскиот дел ќе се прелее и на верски план, чија кулминација ќе се достигне за време на т.н. конкордатска криза од 1937 година кога Српската православна црква жестоко ќе се спротивстави на ратификацијата на конкордатот помеѓу Светиот стол и Југославија, со кој ќе се настојува да се реши прашањето на положбата на Католичката црква во Југославија. Настаните од 10 април 1941 до мај 1945 година се круцијални за оспорувачите на канонизацијата на надбискупот Степинац. Имено, Степинац со воодушевување ја прифаќа новосоздадената држава „Независна Држава Хрватска-НДХ“, на која со своето послание на 28 април 1941 година и’ дава благослов како Хрват и како духовен водач на црквата. Идилата во односите со режимот трае многу кратко. Властите на НДХ веднаш по воспоставувањето започнуваат со реализација на својата варијанта на т.н. „конечно решение“, односно со физичка елиминација на српската, еврејската и ромската популација, како и со сите останати за режимот неприфатливи групи (антифашисти, комунисти, масони и др.). Во текот на наредните години надбискупот Степинац ќе праќа разни писма до врвот на НДХ и ќе држи проповеди со кои ќе протестира поради направените злосторствата, меѓу кои најзначајна е неговата проповед одржана пред загрепската катедрала на 31 октомври 1943 година кога конечно јавно ќе го осуди усташкиот режим.

Однесувањето на Степинац во овој период е комплексно прашање за кое се’ уште нема објективен историски суд, а мнозинството досегашни истражувачи настапуваат од силно националистички позиции кои се движат во распонот на максимално оправдување или напаѓање на неговите постапки. По распадот на НДХ Степинац останува во Загреб каде ги пречекува новите југословенски власти со барања веднаш да се прекине со одмаздувањето и прогонот на луѓето со различна идеолошка определба. Набргу е затворен се’ до неговата средба со маршалот Тито на 3 јуни 1945 година. На 18 септември 1946 година повторно е уапсен и изведен на суд под обвинение, помеѓу останатото, за колаборација со усташкиот режим, поттик и организација на понатамошната борба на усташката војска по општата капитулација на 9 мај 1945. Осуден е на казна од 16 години затвор, која во декември 1951 ќе му биде заменета со условна. Остатокот од животот ќе го проведе во селото Крашич, а неговото прогласување за кардинал во 1953 година ќе предизвика прекин на дипломатските односи на ФНР Југославија со Ватикан.

Постапката за канонизација во Католичката црква е прецизно утврдена процедура со која се бави посебно министерство (Конгрегација за прогласување на светци) кое детално ја испитува предложената личност во однос на тоа дали во неговиот живот преовладувале особините кои го чинат достоен на светец при што преданоста кон црквата е од пресудно значење. Со првото потврдено чудесно оздравување, папата Јован Павле II во 1998 година при посетата на Хрватска го прогласува Степинац за блаженик. Набргу стигнува реакција од српската црква која упатува протест до Католичката црква и истовремено ги известува останатите православни цркви за неприфатливоста на личноста на Степинац за иден светец. На 10 февруари 2014 година е верифицирано второто чудесно оздравување пропратено со предлог до папата Франциско кардиналот Степинац да биде впишан во календарот на светци на Католичката црква. Додека во Хрватска оваа вест се дочека со експлозија на воодушевување во Белград во седиштето на СПЦ, патријархот Иринеј ќе започне со пишување на писмо до папата Франциско (ќе биде испратено на 30 април 2014 година) во кое најавата за канонизација ја означува како контроверза, имајќи ја предвид улогата и постапките на кардиналот за време на постоењето на НДХ. Во писмото не случајно се споменува дека личноста и дејствувањето на Степинац се нераскинливо врзани со неговиот современик папата Пио XII чија постапка за беатификација е застаната првенствено поради контроверзите за неговата улога во настаните во Втората светска војна.

Како реакција на писмото, папата Франциско го испраќа во Белград германскиот кардинал Курт Кох, својот главен „министер“ за водење на дијалогот со христијаните кој на владиците на СПЦ им го пренел ставот дека ги разбира причините наведени во писмото и предлага да се формира мешовита комисија чија задача ќе биде да се расветлат сите постапки на Алојзије Степинац. Оваа одлука на папата е фундаментална новост во делувањето на Ватикан, со која една постапка (канонизација на светците) која е исклучиво интерна работа за прв пат се отвара спрема другите христијански номинации со цел воспоставување на исти критериуми и заемно прифаќање на евентуалните одлуки. Ова покажува дека за папата Франциско, екуменскиот дијалог е на врвот од приоритетите на неговиот понтификат и дека неговите постапки мора да се гледаат во функција на остварување на поблиски врски со останатите христијани без обѕир на тоа дека поединечните делови на КЦ ќе се најдат засегнати од тие одлуки.

Реакцијата во Хрватска по објавувањето на папата дека канонизацијата на Степинац до понатаму е ставена на стенд бај, беше тешко разочарување и тоа пред се’ од страна на клерот и бискупите, кои невешто се обидуваа да објаснат дека се работи за краткотраен прекин за да се убедат „останатите“ во светоста на Степинац. Сосем спротивна беше во Белград каде веста беше примена со одобрување, при што веднаш се формира комисија за одвивање на дијалог со Бискупската конференција која на 16.01.2016 год. во Ватикан беше примена од страна на папата Франциско. Дијалогот е веќе започнат и се очекува идната година комисијата да ја заврши својата работа.

Како заклучок: канонизацијата на кардиналот Степинац јасно ја покажува потребата од екуменскиот дијалог не само како средство за воспоставување на повторно единство меѓу христијаните туку и можност заедно да се претресат сите трауматични настани кои се случиле во минатото, да се даде објективен суд и со воспоставување на заеднички мерила во духот на посакуваното единство да се тргне решително кон патот на повторното помирување, не само на црквите туку и на народите и од нив создадените држави. Папата Франциско со сите преземени потези верувам дека го убеди мнозинството од православните верници и свештенство дека е поборник за искрен и братски дијалог.

bartolomej-2Останува и другата страна, во која исто така има проблематични случаи на канонизација на контроверзни личности (на пример, случајот со владиката Николај Велимировиќ) и контроверзни однесувања во поблиската и подалечната историја, да се осмели за отворен дијалог и изрази спремност за самокритика. И да, би бил позитивен чекор да го поканат овој папа да ја посети Србија.

Впрочем никој не е безгрешен ќе изјави папата Франциско и потребно ни е да си простиме себеси и на другите. Не случајно оваа година тој ја прогласи за година на милосрдието.

Пишува: Бартоломеј Кајтази /УТРИНСКИ ВЕСНИК (Авторот е поранешен амбасадор на Македонија во Ватикан)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *