Францускиот премиер Мануел Валс застана во одбрана на градоначалниците кои го забрануваат носењето буркините на плажите, пренесоа француските медиуми.
– Ги сфаќам градоначалниците кои во овој момент на тензии се обидуваат да најдат решенија и да избегнат нарушувања на јавниот ред – изјави Валс во интервју за регионалниот весник „Прованс“.
– Ги поддржувам оние што донесоа решение за забрана, затоа што тие се мотивирани од желбата да ги поттикнат луѓето да живеат заедно, без политичка заднина – објасни Валс.
– Плажите, слично на сите јавни места, треба да бидат зачувани од религиозни барања и претензии. Буркините се израз на една политичка замисла, на едно контраопштество, што во суштина се темели на потчинување на жената – дополни тој.
– Зад буркините стои идејата дека жените се нечисти, бесрамни и дека нивното тело треба да биде целосно покриено. Тоа нема ништо заедничко со вредностите на Франција и на Француската република – дополни Валс и кажа дека републиката треба да се штити од овие провокации.
Градоначалниците на четири француски општини досега го забранија носењето буркини на плажите – Кан и Вилњев-Лубе на Азурниот брег, Сиско на островот Корзика и Туке на нормандскиот брег.