Почетна Вести Регион Формираат цркви за да добијат пензија
Формираат цркви за да добијат пензија

Формираат цркви за да добијат пензија

300
0

За да се регистрира нова верска заедница во Србија е потребно да се соберат 1.000 потписи од полнолетни граѓани. Ова се некои од новите мерки што се предлагаат за регистрирање цркви и верски заедници, за што во последно време има зголемено интересирање во Србија. Вниманието на надлежните органи го привлече зголемениот број на барања за упис во Регистарот на цркви и верски заедници, а нивниот број во последните години е двапати поголем. На државниот список последни се запишани Христовата евангелиска црква од Суботица, Сојузот на баптистички цркви во Србија од Вршац, Харизматската заедница за вери во Србија од Суботица, Будистичката верска заедница од Белград и христијанската заедница „Логос“ од Бачка Топола.

Прецизирање на критериумите за упис на верски организации во официјалниот регистар на цркви и верски заедници минатата година беше побарано од управата за соработка со цркви и верски заедници во Министерството за правда на Република Србија. Затоа била поднесена и официјална иницијатива за измени и дополнувања на Законот за цркви и верски заедници, за оваа област подобро да се уреди, да се подобри положбата на црквите, но и да се отстранат злоупотребите. Заради ова се очекува да биде формирана работна група што ќе изработи детален нацрт за законските измени, а кои Владата на Србија треба да ги усвои до крајот на годинава, пишува „Вечерњи новости“.

– Новоформираните цркви и верски заедници само две години по регистрацијата, за која се потребни стотина потписи, ги користат правата од уредбата за уплата на придонеси за пензиско и здравствено осигурување за свештениците и верските службеници, без какви било дополнителни услови и проверки. Се сомневаме дека одредени групи пристапуваат кон основање верски заедници само и првенствено заради користење на овие права. Поради ова ни се потребни попрецизни критериуми за основање и упис во регистарот на верските организации – велат од Управата за соработка со цркви и верски заедници.

Според оваа уредба, од државниот буџет се уплатуваат минимални придонеси за околу 80 свештеници и верски службеници од т.н. мали верски заедници. Истото право го користат и традиционалните цркви, како што се Српската православна црква, Римокатоличката, Протестантската и Исламската заедница, за што од државната каса им се исплаќаат основните придонеси за пензиско и здравствено осигурување на 2.000 свештеници.

Со најавените измени на законот, би требало да биде прецизиран статусот на верските службеници на сите цркви, просторите за богослужење, кои не подлежат на оданочување, начинот на погребувањето на црковните гробишта и остварувањето на правото на детски додаток на родителите на учениците и студентите на признаените верски училишта. Со новата иницијатива за измена на законот ќе бидат опфатени и традиционалните цркви. Овој статус треба да го добие и Романската православна црква, која ги собира романските верници во Банат, а досега таа се третираше како мала верска заедница.

/Нова Македонија

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *