Почетна Анализа Фирмилијан Втори
Фирмилијан Втори

Фирмилијан Втори

529
1

За да се разбере насловот на оваа колумна, неопходно е накратко да се осврнам на тоа кој е тој Фирмилијан. Поточно се работи за архимандритот Фирмилијан Дражиќ, а од 22 јуни 1902 година хиротинисан за прв српски митрополит во Скопје, на местото на дотогашниот патријаршиски митрополит Амвросиј. Тој, Фирмилијан, е само еден обичен човек, експонент на големосрбската политика кон Македонија, кој остана запаметен во историјата како негативна и омразена личност, која успеала насила, преку симонија во најтривијален облик и со помош на световните власти и големодржавните политики на Србија и Русија, да седне на митрополитскиот трон.

Фирмилијан Втори е всушност нашиот современик, Јован Вранишковски, кој љуби да се нарекува Јован Шести, сè со цел да покаже дека е еден во низата на архиепископите на тронот на Светата Охридска Архиепископија, но всушност тој е втор Фирмилијан.

По овој краток тематски вовед и појаснување кој е кој, да објасниме некои од поимите и практиките преку што се создава можност за една квалитетна компаративна анализа на суштинската улога на Фирмилијан Дражиќ и Фирмилијан Втори, алијас Јован.

Firmilijan,_Metropolitan_of_SkopjeЗаради вистината, потребно е да напоменеме дека, во историски услови кога патријаршистите (или Грците) ги губат позициите во Македонија, затоа што македонскиот народ застанал зад Егзархијата како словенска Православна Црква, искажувајќи јасна тенденција за обновување на Охридската Архиепископија, овој Фирмилијан Дражиќ, како експонент на српската црковна и големодржавна пропаганда во Македонија, доаѓа за митрополит во Скопје, прифатен (со исплата) од Цариградскиот патријарх. Неговото поставување на испразнетиот митрополитски престол на Цариградската Патријаршија во Скопје е резултат на интересот на Србија за навлегување во Македонија, преку делувањето на рускиот претставник во Цариград, Зиновјев. Целта е јасна, а методите се класични за световната политика на големите сили, додека употребата на религискиот фактор, и тогаш како и сега, е во иста насока. Тоа е насоката за однародување на Македонскиот народ, уривање на нацијата и на Македонската Православна Црква, како исконски чувар на идентитетот на Македонците, а на тој начин и уривање на државата. Впрочем, потсетете се на едно интервју на Јован кај Миленко Неделковски, од пред неколку години, во кое самиот Јован зборува дека се чувствува како Ромеј. Искажување на националните или етнички чувства е негово неприкосновено право, но Ромеите како етнос одамна се претопени во рамките на другите современи нации од деветнаесетиот и дваесетиот век. Поради тоа, оваа изјава на Јован ја сметам како флоскула за покривање на неговата дејност. Всушност, токму Грците со својот национализам го укинаа ромејството како граѓанство и припадност кон Вториот Рим, Константинопол, и тоа почнувајќи уште во 14-от век, а резултат на тоа беше распадот на Византиската империја и падот под Османлиите. Во истата таа Византиска империја, како автокефална православна црква, цели 8 века, до 1767 година, опстојуваше Охридската Архиепископија како автохтона црква со потполно и полно апостолско преемство на епископатот и клирот. Истата беше укината со ираде од турскиот Султан и тоа како резултат на Мегали Идејата, која грчките патријарси од Фанар ја спроведуваа во период од 200 години.

Токму поради фактот што тоа беше политичка игра за грчки интерес, еден век подоцна, патријаршистите не можеа да се одржат во Македонија, па веќе кон крајот на 19-от век, со формирањето на Егзархијата, улогата на патријаршискиот митрополит во Скопје, но и во другите епархии во Македонија опадна до тој степен, што едвај можеа да останат самоодржливи и опстојуваа благодарение на помошта од Цариград и турските власти. Оваа состојба им беше јасна во Цариград, но и на тогашната руска дипломатија, а секако и на Србите, кои, придржувајќи се кон стратешкиот план на Гарашанин, „Начертание“, требаше да навлезат во Македонија (историски неосновано наречена „Стара Србија“) и да ја поделат со Грците.

Класична регионална геополитика, во која Русите се вклучија од страна на Србија, а на наша штета. Само да појаснам дека немам ништо против Русите, но ова го напоменувам од сосема прагматични соображенија, а се однесува на сегашната слична руска црковна политика во спорот помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА.

Уште неколку реченици за Фирмилијан Дражиќ, поточно за неговото доаѓање за митрополит Скопски, а со цел сликата во однос на историската ретроспектива и компарирањето со улогата и дејанијата на вториот Фирмилијан, Јован, да биде појасна.

Токму по наредба на Петроград, рускиот пратеник во Цариград вршел интензивен притисок врз Султанот, но и преговори (пред сè за цената која треба да се плати) за Фирмилијан да биде хиротонисан за митрополит Скопски. На ова силно се спротивставувале Грците, бидејќи „тоа штетело на грчката идеја во Македонија“, па така и планираната хиротонија на Фирмилијан за 26-ти мај 1902 година во Солун била одложена, бидејќи не можело да се најде црковно-училишна општина во градот и околината која ќе прифати во неа да се изврши хиротонијата, иако сè било платено и подготвено за реализација на овој чин. (Подетално за историските собитија во магистерскиот труд на Антонио Петков „Српската црковна пропаганда во Македонија“).

Плаќањето за хиротонија (ракополагање) на свештеник или епископ, поточно плаќањето за добивањето на благодата за слегување на Светиот Дух во Светата Православна Црква е тежок грев и се нарекува Симонија: „А Симон, кога виде дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари и им рече: Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого и да ги положам рацете, да Го прими Духот Свети! Но, апостол Петар му рече: Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји може да се стекне со пари. Ти немаш дел ниту право на таа работа, бидејќи срцето твое не е право пред Бога. Туку покај се за оваа зла намера и помоли му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое, бидејќи те гледам дека си исполнет со горчлива жолчка и во окови на беззаконие“ (Дела Апостолски 8, 18-24).

Второто правило на четвртиот вселенски собор вели: „Оној епископ кој за пари ќе ракоположи друг епископ и благодатта на Светиот Дух ја претвори во предмет на продавање и со тоа се здобие со материјална корист, поради прекршување на каноните да биде расчинет. Додека лицето кое на овој начин се стекнало со достоинство и епископска служба, од истата да нема никаква полза и корист. Оној, пак, кој учествувал и бил посредник во оваа трговија ако е епископ да се расчини, а доколку е световно лице да биде анатемисано“.

И ете толку за праксата на српската и руската политика од тоа време, која нешто како да потсетува и на денешните собитија, и за Фирмилијан Дражиќ, и за каноните на Светата Православна Црква.

Сега, за она што е компарација на сегашната состојба и прагма во повторно прекршување на каноните и улогата на Фирмилијан Втори, Јован.

jovan vraniskovski 3Овој Фирмилијан вториот, или современиот, не даде пари за хиротонија. Беше хиротонисан за владика канонски, во редот на епископите на Македонската Православна Црква. По неговото отстапување од заклетвата за верност кон МПЦ-ОА и преминување под закрила на СПЦ, формирајќи ја ПОА, истиот беше расчинет од страна на Синодот на МПЦ-ОА. Но, тоа не им пречеше на епископите на СПЦ, кои едноставно ја игнорираа одлуката на Светиот Архерејски Синод на Македонската Православна Црква, што ја прогласија за неканонска и си го прифатија Фирмилијан Втори како канонски хиротонисан епископ, продолжувајќи да го нарекуваат Митрополит Велески, со додавката Егзарх Охридски. Потоа го поставија за архиепископ на ПОА и му формираа Синод за да може да функционира човекот.

Еве ја компарацијата. Истото го направија пред точно 100 години, 1902-2002. Некоја чудна случајност, со истите методи да ја повторуваат историјата на секои 100 години. Потоа си ги прифатија крштеннието, монашењето, ракопологањето во ѓакон, јеромонах, епископ и митрополит од страна на МПЦ-ОА и на крајот си го поставија за архиепископ на нивната творба ПОА. И повторно МПЦ-ОА била неканонска. Која шизофренија кај луѓево, ги прифатија сите свети тајни кои врз Јован се совршија во МПЦ-ОА, а самата МПЦ-ОА ја прогласуваат за неканонска.

Па, самите тие, со помош на својата државна политика и поддршка на руската дипломатија, но и со убави пари (30.000 динари во 1901 година на тогашниот последен грчки митрополит во Скопје Амвросиј, 80.000 динари за цариградскиот патријарх Антим VII, 50.000 динари на патријаршискиот логотет, 12.000 динари на патријаршијата во Цариград, по 15 златни наполеони на Хиоскиот, Литискиот и Воденскиот митрополит за извршената хиротонија и по 10 златни наполеони на игуменот и ѓаконите на грчкиот манастир Скалоти), отсекогаш биле подготвени да платат за запоседнување, духовно и физичко, на македонската земја. Впрочем и Александар I Караѓорѓевиќ дефинитивно плати над еден милион златни франци на Цариград, за да ги откупи епархиите во вардарскиот дел на Македонија, кој Србите го окупираа по Првата светска војна.

Така, пара по пара, динар по динар, златник по златник, од српската државна каса се одвојуваше и за духовно поробување на Македонскиот народ. Кога сето тоа не даде краен плод, последниот српски владика Јосиф, митрополит Скопски, во 1941 година мораше да си замине, бидејќи, нели многу беше возљубен од народот над кој епископуваше, а во исто време и самиот многу го љубеше истиот, и никогаш повеќе не се врати во Скопје. Притоа СПЦ се судри со историската реалност дека Македонскиот народ има право на своја помесна автокефална црква, која е втемелена врз Јустинијана Прима и Охридската Архиепископија, па премина на други механизми за попречување на домородната црковна организација во Македонија.

poa jovanИ, еве го Фирмилијан Втори, Јован, по методите и постапките, по финансирањето од надвор, а не од сопствениот народ, бидејќи на работодавачите треба да им се испорача резултат, да се има сработено. Но, тешко му оди, па сега ајде малку и политика да фатиме, што не е ништо ново, зашто и Фирмилијан Дражиќ беше експонент на великосрпската политика кон Македонија и уште тогаш и самиот  констатираше дека во Скопје нема поддршка за србски владика па така неговата хиротонија беше проследена од неговиот роден брат (свештеник) и 2-3 локални србофили од Скопје, па зошто тогаш Фирмилијан Втори тоа да не биде и не го ползува. Така, дојдоа на ред оние шарените за кои Фирмилијан Втори зборува дека се превреднувачи на вредностите. Убаво од него што има барем за некого позитивно мислење, бидејќи досега слушавме само негативистички изјави, но како токму за нив? Каде ли ги препозна новите квалитетни вредности и превреднувања без Бога?

Сега се фаќа за сламка, сега СПЦ не мора да плати на Цариград, не може да навлезе во епископатот, клирот и монаштвото, а уште помалку во Православниот народ во Македонија и да го дезинтегрира и оттргне од неговата Света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Научена да плаќа и потплатува, сега повторно плаќа, само за издршката на Фирмилијан Втори, исто така како што плаќаше и за опстојувањето на Фирмилијан Дражиќ во Скопје. Тоа е очигледно – кој манастир е општежително развиен и во кој Фирмилијан Втори има монаштво, свештенство и верен народ, кој со своите прилози или по пат на треби помага да се одржува и унапредува манастирот или црквата? Дали можеби има во еден манастир десет, петнаесет или триесет монаси и уште десетина искушеници, па тој манастир со своето ракоделие и благодат од Бога е во состојба да биде самоодржлив? Секако дека нема, па затоа мора да опстојува од странски донации, нешто како соросоидиве, само на верска основа, на релација север-југ. Во целата оваа богоборна збрка која во својата основа има за цел да лиши од спасение цел еден народ, или скоро два милиони православни души, преовладуваат личните и геополитичките интереси. Очигледно е дека владиците на СПЦ не ги интересира спасението и вечниот живот во Христа, туку единствено големодржавниот интерес, во кој СПЦ е сериозен инструмент. Во исто време, Фирмилијан Втори, Јован, зборува за превреднување на вредности без Христа, а заедно со ЛГБТ заедницата, социјалисти, анархисти и ултра левичари, кои не Го признаваат Бога, со новинари кои Го мразат Христа и светата православна вера. Сето ова е на иста линија и Фирмилијан Втори и однесувањето на СПЦ најдиректно, а посредно и на некои други помесни Православни Цркви. Пред сè, ова е политичка, односно геополитичка борба, бидејќи тука нема ништо оцрковено и вистинито во Христа.

Во исто време, СПЦ си спроведува своја агенда за денационализација на Македонскиот народ, негово духовно поробување и уништување на МПЦ-ОА и во тоа потполно се усогласува со Грците.

На трета страна, исто како и пред нешто повеќе од 100 години во времето на Фирмилијан Дражиќ, со своја црковна политика се вмешува Руската Православна Црква.

Ова е третиот дел од повтореното историско сценарио на воспоставување на Фирмилијан Втори како српски егзарх во Република Македонија, при жив и слава на Бога здрав, Архиепископ Охридски и Македонски Стефан, функционален Свет Архиерејски Синод на МПЦ-ОА, многубројно свештенство и секако, монаштво со старци и манастири, кои општежително се функционални и во кои може да се почувствува благодатта на Светиот Дух. Овој трет дел се однесува токму на улогата на Руската Православна Црква и нејзината црковна дипломатија. Не сум сигурен дека внатрешните тенденции во РПЦ и нивната „љубов“ кон СПЦ е во потполна поврзаност со званичната руска световна-државна дипломатија, но поприлично сум сигурен дека во односите СПЦ-МПЦ имаат перцепција (секако погрешна) дека се работи за ист проблем како во односите на РПЦ со Црквата во Украина. Токму затоа и активностите на Архиепископот Иларион Алфеев беа насочени кон ослободувањето од затвор на осудениот за криминал Јован, а со ветување дека истиот ќе се повлече во Русија (званично на лечење) и ќе се отвори процесот за решавање на оваа рана, која е болка за целото Православие. Но, ништо од тоа. Фирмилијан Втори се врати во Македонија и Србија, и продолжи со своите, пред сè национални и политички провокации. Во исто време, мора да кажеме дека се чека и на сеправославниот Собор во Крит, за да се решат напластените прашања во односите на помесните православни Цркви. Клучен дел од ова решавање е и прашањето на автокефалијата. Но, и РПЦ има свои интереси, нешто слично како во врмето на Дражиќ (веројатно заради добивање послушност на СПЦ кон нив), па така и сега во ова време на новиот Фирмилијан, со својот став на „неутралност“ не ги помага српските интереси кон МПЦ-ОА, туку ги штити сопствените во однос на Украинската Православна Црква, која, да напоменеме, никогаш претходно и не била автокефална, за разлика од Охридската Архиепископија, чија наследничка е МПЦ-ОА, па со оглед на овој факт тоа е сосема непотребно и дури и штетно за РПЦ во Македонија и перцепцијата која Македонскиот народ ја има кон Русија.

Така, бркајќи ги сопствените геополитички интереси, РПЦ ќе чека да мине сеправославниот Собор, на кој ништо нема да се реши по оваа прашање и повторно ќе имаме иста состојба. Дури може да се очекува и обид за заземање на став со кој признавањето на автокефалија не може да се изврши без согласност на сите помесни Православни Цркви. Тогаш ќе има простор за право на вето и ќе имаме состојба на хаос. Ова се типично световни пристапи кон признавањето на автокефалноста на некоја помесна Православна Црква и имаат врска единствено со тривијалните геополитички интереси.

Затоа, сметам дека сега е времето за решавање на отворените прашања помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА, но без вмешување на Фирмилијан Втори – Јован, ниту пасивно, а со искрено залагање на РПЦ и некои други помесни Православни Цркви. Не постојат никакви канонски пречки за автокефалноста на МПЦ-ОА, дури и историската пракса е на страната на МПЦ-ОА, затоа уште еднаш повторувам: „Не е христијански и христољубиво да РПЦ го употребува Фирмилијан втори и состојбата на релацијата на МПЦ-ОА со СПЦ, заради заштита на своите интереси“.

Нема потреба од овој пристап, бидејќи Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија не е исто што и Украинската Православна Црква, за да претставува преседан. Токму улогата на СПЦ, како историска, така и современа, претставува преседан кој негативно влијае врз целото Православие.

Oliver AndonovА Фирмилијан Втори, ќе исчезне како и неговиот претходник Дражиќ, бидејќи  симонијата и политиката на превреднување на вредностите со предавниците и богоборците во апсотасија, не може да го одржи во живот и опстојување на македонските простори.

Христос Воскресе – Навистина Воскресе!

Пишува: Доцент д-р Оливер Андонов

Коментар(1)

  1. Било је ту свега. Етнофилетизам је опасна јерес. Она већ два века разједа јединство Саборне и Апостолске Цркве. И цео овај спор је школски пример погубности етнофилетизмом. Све се то дешава јер се нација ставља изнад Христа. Нација као производ антихришћанске Француске револуције само је увукла поделе у Цркву. Не може Црква бити национална. Други канон другог Васељенског сабора каже да је територијални принцип једина основа за аутокефалију. И сами национални предзнаци у називу помесних Цркава су из деветнаестог века и производ су етнофилетизмa. Помесне Цркве су се вековима звале по седишту и то је и данас једино решење. “Нема више ни Јудејина ни Грка, нема ни роба ни слободњака, нема више ни мушко ни женско; јер сте сви ви једно у Христу Исусу. “(Гал. 3: 26-28)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *