Финецот Јаика Силккола пред осум години стана православен, сега е монах во Бигорскиот манастир

Date:

Share post:

Неретко се вели дека чудни се патиштата Божји. Тоа деновиве повторно се посведочи и во Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ кој денеска го прославува големиот празник Усековение на Чесниот Претеча и Крстител Јован. А вчера, во предвечерието на празникот, во монашкото братство на овој наш познат духовен храм беа примени и тројца нови монаси. Монашки постриг беше извршен врз: Јајка Силккола од Куопио, Финска, Деан Божинов од Радовиш и Оливер Марковски од Куманово, и кои потоа добија нови монашки имиња: Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј.

Интересни се и нивните животни патишта. Така, Деан Божинов (Пантелејмно) потекнува од Радовиш а сега е запишан наа Факултет за туризам – бизнис логистика на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а Оливер Марковски (Евстатиј) е од Куманово и има завршено средно образование Техничко училиште Наце Буѓони во Куманово.

Но, за разлика од нив новиот монах Елисеј, односно Јаика Елиас Силккола, како му е световното име, во Бигорскиот манастир дојде од најдалеку. Тој, како што ни рекоа во монашкото братство на Бигорскиот манастир е роден на 19 мај 1978 година во Куопио, Финска. Овој град има околу 124.000 жители кои 65-процентно припаѓаат на Лутеранската црква, инаку е и седиште на Финската православна црква која има автономна положба во односот на Вселенската патријаршија.

Јаика Силккола член на православната црква станал на 5 март 2016 година, а пред да дојде во Бигорскиот Манастир работел во Светата Митрополија и културниот центар „Света Софија“ во Хелсински 2018-2020 година кај Митрополитот Амвросиј. Во Бигорскиот манастир овој сега 46-годишен Финец доаѓа во 2020 година, односно, во периодот непосредно пред избувнувањето на пандемијата на корона вирусот. Тој, инаку, има завршено образование мастер по правни науки и мастер по социјални науки.

Одлуката да дојде токму во Бигорски ја донел откако претходно во себе решил да стане монах и откако многу читал за манастирите, меѓу кои и за Бигорскиот манастир. Тогаш решил и да стане искушеник току во ова светилиште, а во меѓувреме добро го научил македонскиот јазик и годинава добил и македонско државјанство.

Така, монахот Елисеј, заедно со монасите Пантелејмон и Евстатиј на најубав начин го збогатија монашкото братство во ова македонско духовно светилиште. А какво значење има монаштвото го кажа на чинот на нивното замонашување и надлежниот владика митрополит Демарско-кичевски Тимотеј.

-Монашкото живеење се нарекува ангелско. Вашиот духовен поглед треба да биде насочен кон небесата. Потребно е и вие да Го прославувате Бога, во Црквата и помеѓу луѓето, со својот живот и дела. Потребно е да го благовестувате словото Божјо слично на ангелите, онака како што и името им покажува дека се гласници или објавувачи на волјата Божја. Св. ап. Павле вака вели за ангелите: „Нели се тие служители духовни, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението?“ (Евр. 1, 14), т.е. на луѓето. Ете затоа и вие сте должни да бидете во непрестајна служба на луѓето во нивните потреби, а особено по патот на нивното спасение. Должни сте да се залагате за насадување на благоволението помеѓу луѓето и да работите за зачувување на мирот во светот, порача владиката Тимотеј.

/Скопско ехо

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img