Почетна Анализа Фељтон- анализа: Вселенскиот Патријарх и неговата улога во автокефалните цркви денес (3)
Фељтон- анализа: Вселенскиот Патријарх и неговата улога во автокефалните цркви денес (3)

Фељтон- анализа: Вселенскиот Патријарх и неговата улога во автокефалните цркви денес (3)

2.42K
0

Супрематијата е невралгична точка во православието(Црквите во Украина и во Македонија ‒ како камен на сопнување во Православието). Ова е наслвот, на еден прилично обемен, научен труд на Кумановско-осоговскиот митрополит Григориј, пишуван во 2019 година, тогаш како Архимандрит и игумен на манастирот Свети Јоаким Осоговски. Статијата е на 59 страници и е пишувана непосредно по официјалното доделување на Томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност на Православната црква во Украина. Конкретен повод е анализа на ставот на СПЦ во поглед на оваа автокефалност, која не се согласи со постапките на Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Но, авторот прави паралели на украинското со македонското црковно прашање, воедно поистоветувајќи ги ставовите на руската и на српската црква. Едната за Украина, другата за Македонија.

Зошто ова четиво е исклучиотелно вредно да се чита и да се анализира? Религија.мк, жали што овој текст не може да го објави интегрално, бидејќи станува збор за авторски научен труд, а таков труд е невозможно да се објави без согласност на авторот поради авторските права. Но, затоа религија.мк прави фељтон-анализа, користејќи цитати од текстот во рамки на она што не би значело нарушување на авторските права за реобјавување.

ДЕЛ ТРЕТТИ

Владиката Григириј во својот обемен труд прави исклучително добра анализа за состојбите од минатото, кои се клучни за територијата на Балканот, а кои иако тој ги дефинира како неканонски, сепак во пракса подоцна се спроведуваат многупати. Тие постапки на Цариград се врзани токму со Српската православна црква и нејзиното создавање во 13 век. Затоа и Григориј критички го опсервира ставот на СПЦ за Украина, посочувајќи дека тие не можат да бидат опортуни на нешто преку кое и тие станале автокефални. Меѓу другото владиката пишува:

„СПЦ постапува во насока да ги занемари противправните (противканонските) постапки од 1219 година, кога Цариградсконикејскиот патријарх Манојло унилатерално го ракополага во епископски чин монахот Сава, за потоа во 1222 година, следниот патријарх Герман да му ги даде архиепископските прерогативи без запазување на црковно‒правната заснованост ‒ заобиколувајќи ја канонската јурисдикција на Охридската архиепископија, како и на легитимниот претстоител Димитриј Хоматијан. Значи, потполно игнорирајќи го канонскиот архиепископ на Српските области, а тоа бил Охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан, тогашниот Цариградски патријарх ѝ доделува „автокефалија” на Српската Црква. Овој историски момент, е прв комплексен проблем (инициран од Светогорскиот [или Студенички] монах Сава) во областа од канонското право, и претставува висок степен на самоволна дисрегулација на каноните. Овој иницијален проблем во Православието, од почетокот на XIII век, кога Православието сè уште не било опоравено од шизмата во 1054 година (кога дивееле Крстоносните [латински] војни), е аналогија (идентичност) со најновите случувања во Православието ‒ пример, тенденцијата од СПЦ да го преконципира моделот според којшто таа добила автокефалност, и првиот, и вториот пат; првиот пат преку одрекување послушност од законската јерархија (јурисдикцијата) на Охридската архиепископија (црковно‒правни дејства на тогашниот монах Сава, коишто самите по себе се ништовни), а вториот пат (1922 година) опортунистички користејќи ја слабостоечката финасиска состојба во Цариградската патријаршија, при што Српскиот крал ги откупува епархиите во Македонија.“, пишува во статијата.

Овие историски факти владиката Григориј ги пресликува во денешниот современ свет и проблемите кои постојат во Православието и вади многу интересна констатација, која за воља на вистината е гаѓање во целта. Еве како тоа владиката Григориј го објаснува, а се однесува на ставовите на СПЦ и РПЦ за негирање на улогата на Вселенскиот патријарх во решавањето на црковното прашање во Украина.

„Очигледен е лајтмотивот на СПЦ при изразувањето на своите сегашни ставови во однос на УПЦ, и таквите ставови произлегуваат од нивната самовообразеност. Меѓутоа, во логиката „ако и само ако”, којашто е спојница помеѓу два исказа, значи дека едниот исказ е вистинит (ако и) само ако и другиот е вистинит. Затоа, или двата исказа се точни, или двата се неточни. Ова најдиректно се однесува на тоа дека, ако нивниот исказ е вистинит: дека Цариградскиот патријарх не може унилатерално да го реши „расколничкиот статус” на УПЦ, (ако и) само ако дозволат ретроактивно да им биде одземена авткефалноста, којашто двапати неканонски ја стекнуваат; или, пак, (како претходно во историјата) да ја дозволат можноста (со прерогативна функција) Цариградскиот патријарх да донесува унилатерални решенија за автокефалност на некоја ППЦ, во случајот на УПЦ и на МПЦ‒ОА. Во спротивно, безвредни се укажувањата од СПЦ (говор во празно, наместо исполнување на Христовиот „говор на гората”), при што нивните постапки содржат најмалку компаративни предности, нивните ставови остануваат пуста фантазија којашто не е поврзана со фактите ‒ за „украинскиот раскол”, како што ги толкуваат., пишува владиката Григориј во неговиот труд од 2019 година.

Во продолжението на анализата авторот изнесува уште неколку историски факти, со кои ја потврдува тезата дека сите досегашни помесни православни цркви својата автокефалност ја стекнале со Томос од Цариград, без никакви консултации со помесните православни цркви, ниту пак со одлуки на Вселенски собори. Во тој контекст Григориј јасно ја поврзува СПЦ како „помошен погон“ на Руската црква и нејзиниот како што го нарекува „ автократски, диктаторски, надмоќен, произволен, арогантен, господарско‒робовски, тирански, деспотски, империјален“ , модел на црковно устројство кое сега тие го заговараат. Па конкретно вели:

„УПЦ сака да добие автокефалност (слично како што и МПЦ‒ОА бара сослужување, бидејќи автокефалноста ѝ е црковно‒правно несоборлива) компатибилно на неканонскиот начин што СПЦ го добивала во текот на историјата, исто како и сите новоформирани ППЦ (кон крајот на XIX и почетокот на XX век) Грчката, Романската, Српската, Албанската, Бугарската, Полската, унилатерално, без Вселенски собор, без консултација и без консензус помеѓу сите ППЦ. Перспективата за развојот на неканонски конституционализам, претходно, во XV век, е отпочната од Руската Црква (таа била непризната 141 год.).  Во Црквата нема место за национална егзалтација, за суета или за амбиција, што се однесува на тоа, дали е допуштено Русите да ја имаат доминантната управувачка власт над Украинците, или, исто така, Србите да ја имаат доминантната управувачка власт над Македонците. Меѓутоа, СПЦ отворено се поставуваат како помошен погон (го застапуваат, го поддржуваат и го пропагираат) за да профункционира ‒ како перемторен (автократски, диктаторски, надмоќен, произволен, арогантен, господарско‒робовски, тирански, деспотски, империјален) московскиот модел на пирамидално еклисиолошко устројство во замислените (царско‒советски, или аналогно српско‒кралски) граници од патријаршијата. РПЦ со моделот што го пропагира, територијалниот над државниот принцип, е краткорочно применлив во in partes infidelium (Кина, Јапонија.. и сл.), а е неприменлив врз спрегата: држава со мнозински православен народ‒православна Црква“, стои во анализата.

Од оваа научна стуидија на Владиката Григориј, пишувана во 2019 година, јасно се чита дека за него Православната Црква на Украина и нејзиниот Претстојател Епифаниј се канонски и легитимни и затоа безвредни се обидете на СПЦ и на РПЦ тоа да го користат како аргументи за оспорување на украинската автокефалност. Еве дел од овој дел од анализата:

„СПЦ, и особено РПЦ, колку и да не го признаваат, г. Епифаниј Думенко, митрополитот Киевски и на цела Украина, тој го доби преемството коешто е нужно за стекнување автокефалност. Иако постои простор за полемика околку suo jure суверенитетот, односно ecclesia filialis според juris delegationis нецелосните права за неприкосновеност на superanus‒от, слобода, независност од какви било надворешни влијанија (како што се: варењето свето Миро и потврдувањето на претстоителот од страна на Цариградскиот синод, екстериторијалноста на некои ставропигијални манастири што ќе му припаднат на Цариградскиот патријарх, како и отстапувањето на Украинската диаспора), сепак почетокот на устројството на УПЦ, г. Вартоломеј го побара во самата Црква, а не надвор од неа. Тој, поаѓајќи од премисата дека во Црквата нема ништо што би можело да настане од ништо, имајќи предвид дека сè во неа има свои корени во нејзиното минато, особено видливо во плодовите од дарувањето на благодатните дарови од Светиот Дух., вели владиката во својата анализа.

Навистина интересно размислување. Владиката Григориј, кој сега заедно со владиката Петар ја ставија МПЦ-ОА во заложништво на Руската црква и нејзините интереси во Украина, во 2019 година мислел сосема поинаку. Тој дури во својата анализа предвидува можен расплет на црковните односи во Украина, сепак посочувајќи дека проблемот што го реши Вартоломеј, предизвикува друг проблем, но тој бил сега проблем на Руската црква, бидејќи како што заклучува Григориј, вољата на народот не може да се игнорира, а токму тоа го направил Вселенскиот патријарх. Да видиме што напишал Владиката Григориј во 2019 година.

„Хаосот и комплексноста (know‒how, know‒who, know‒what and knowwhy) за доделување автокефалност во Православието, унилатерално, но ефикасно, како и претходно во историјата, холистички го реши Царигадскиот патријарх г. Вартоломеј; имајќи во себе уверување дека телото, душата и духот не се посебни компоненти на човекот, туку аспекти на заедничката целина, тој со себе (со канонската Цариградска патријаршија) ја спои УПЦ (со сите нејзини аномалии), само за да го намали лелекот на Украинскиот народ, како што самите ја нарекуваат, од окупаторската политика на РПЦ, којашто ја оценуваат како алатка за дестабилизација на Украина. Сега кога проблемот е решен, се создаде нов „проблем” на „две каноничности во една држава” ‒ онаа на „Украинска Православна Црква ‒ Московскиот патријархат (УПЦ‒МП), којашто мора или да конвертира во УПЦ, или да извршат трансферирање на епископите во РПЦ, каде што би ги поделувале епархиите за да се пополни нивниот број. Тоа, пак, е нов проблем за за РПЦ и за Рускиот патријарх г. Кирил, кој мултиплицира толку многу епископи во Русија, колку претходно во целата историја на РПЦ. Или, пак, можеби патријархот г. Кирил ќе стане поголем холист од г. Вартоломеј, па безусловно ќе му препушти на УПЦ‒МП, предводени од г. Онуфриј, сегашниот „претстоител” на УПЦ‒МП, да конвертираат во УПЦ20, или со еден услов г. Онуфриј да биде нов претстоител на УПЦ.“, стои во статијата.

(ПРОДОЛЖУВА)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *