Почетна Коментар Фатени од гревот
Фатени од гревот

Фатени од гревот

461
0

„И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: ’Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!‘ Тогаш некои од книжниците рекоа во себе: ’Овој богохулствува‘. А Исус, штом ги разбра мислите нивни, рече: ’Зошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: Ти се простуваат гревовите твои! или да кажам: Стани и оди!? Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштева гревови‘. Тогаш му рече на фатениот: ’Стани, земи си ја постелата и оди си дома!‘ И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома“ (Матеј 9, 1–8).

Во текстот од евангелието најнапред се истакнува верата на фатениот и на оние што го носат. Пред сè, верата на фатениот…

Еднаш веќе ви зборував дека и верата, или верувањето, многу зависи и се разликува од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓа човекот. Она во што уште верува (аскетска вера) и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на чистење на срцето од страстите, веќе е знаење и опит за оној кој е на вториот степен, а не прашање на вера. Она во што уште верува (благодатна вера) и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на просветлување на умот, веќе е знаење и опит за оној кој е обожен, а не прашање на вера.

Друго нешто што е истакнато во денешното евангелие е и вистината дека Господ Бог е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите, ако со вера и покајание, односно со смирение и благодарност пристапиме кон Него; и дека Богочовекот Христос е вистински Бог. Вистинското покајание значи неповторување на гревот. Вистинското простување на гревовите, исто така, се препознава од неповторувањето на гревот. Оној што има вистинско покајание ќе добие и вистинско простување на гревот од Самиот Господ, што значи и исцелување од последиците на гревот, а тоа се душевните и телесните болести. Вистинското простување на гревот и исцелувањето на неговите последици не е ништо друго туку возобновување на нашата заедница со Бог, во Богочовекот Исус Христос, во Црквата на Светиот Дух.

Токму овој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови. Затоа, немаше ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но објавата на простувањето ги соблазнува. Заради нивно обраќање и спасение, Богочовекот Исус Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво, ем љубовно им ги открива помислите на нивните срца, ем им ја пројавува Божјата сила и власт од Себе – со исцеление на фатениот. Со други зборови, јавно простува – за да го предизвика вниманието и заинтересираноста на нивниот ум, односно за да им ги подотвори срцата, па потоа и јавно исцелува – за веќе отворените срца и умови да можат да го примат Божјото чудо.

Знак дека нашите гревови ни се простени е добивањето на дарот на умно-срдечната молитва. Тоа е ослободување од робувањето на страстите, од гревот, од демонот и од смртта. Тоа е показател за неприпадност на овој свет и за восиновување од Бог.

Уште една умилителна благовест гледаме на почетокот од евангелскиот отсечок, откако фатениот и неговите пријатели во пракса ја покажаа својата аскетска вера, а тоа се Христовите зборови: „Не плаши се, чедо!” Ова се зборови со исто значење како и зборовите Христови: „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12, 32). Наше е само преку аскетската вера да влеземе во послушание на волјата на нашиот Отец Небесен. Со други зборови: сакаш да бидеш душевно и телесно здрав? Па, биди! Едноставно.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *