Почетна Коментар Фанар, Украина и Москва
Фанар, Украина и Москва

Фанар, Украина и Москва

360
0

За време на граѓанската војна во Југославија, Грчката црква емфатично застана на страната на Србите, кои успешно го промовираа митот дека Радован Караџиќ и Ратко Младиќ во Босна и во Хрватска се борат за заштита на „светињите на светите“ на Православието, кои се под закана од муслиманите и од папата. Тони хуманитарна помош и милиони, во куфери, кои беа собирани од недостигот на верниците за „во Христа браќата Срби“ со камиони се упатуваа за Белград, од каде Српската црква ги делеше исклучиво (додека не пукна меѓународен скандал) на српски цивили, безгрижно оставајќи ги на судбината друговерните дечиња од соседната врата.

Во Грција образованиот митрополит на Нови Сад, Иринеј Буловиќ тогаш беше еден од оние кои располагаа со грчката помош и врховниот „трговски патник“ пред грчката верска, но и граѓанска публика, кој го презентираше правото на православниот народ во една Југославија на прагот на колапс, кое право, според него, беше истото она на Милошевиќ и српскиот народ.

Истиот митрополит што тогаш ѝ пееше „ти пееме, те благословуваме“ на Грчката црква и на нејзините верници, пред скоро време многу жестоко ја нападна, дури и ја навреди неа и нејзиниот претстојател, архиепископот Јероним, поради признавањето на автокефалната Православна црква во Украина од страна на Атина.

Преку своја лична објава на официјалниот веб сајт на Српската црква успеа да го понижи лидерскиот профил на г. Јероним, прикажувајќи го како еден обичен митрополит кој едноставно претседава со Светиот синод. И не само тоа –одлуката на Грчката црква да застане на страната на Вселенската патријаршија за Украинското прашање тој ја карактеризира како „последниот чекор пред бездната на уште еден подлабок и поопасен раскол во вселенското Православие“. Митрополитот Буловиќ не е еден случаен црноризец, кој може да биде погрешно сфатен. Тој е водач на семоќното русофилско крило во Српската црква и веројатен наследник на денешниот престарен патријарх Иринеј, во една земја што претставува јаболко на раздорот за руското и западното влијание на Балканот. Познавачите настојуваат дека токму тој ја има командата во Српската патријаршија.

Според Буловиќ „расколот не беше поттикнат од Руската православна црква, но исклучиво од Константинополската патријаршија“ и неговото последователно раширување „ќе биде на одговорност на Грчката православна црква која, после долготраен отпор, единствена се покори и продолжи согласно наредбите од Фанар, Вашингтон и Бог знае од кого друг“. Неетичкиот, како што го карактеризираа грчките црковни кругови, напад на српскиот архиереј врз Грчката црква не е само една епизода во разгорениот внатрешен конфликт помеѓу православните поради Украинското прашање што има и геополитички последици, а во кој се вмешаа и Кремљ и Стејт департментот.

Спорот помеѓу Вселенската патријаршија и Руската црква многу брзо излезе од триаголникот Фанар-Москва-Киев и се рашири во сите црковни слоеви на Православните по светот. Секоја страна ги брои своите пријатели, очекувајќи да застанат покрај неа.

Притисоци и закани

Руската страна ги притиска патријаршиите и автокефалните цркви по целата планета да не ја признаваат „расколничката“ Украинска црква, заканувајќи им се на „предавниците“ со казни како прекин на општењето и економскиот „благослов“ кој некои (најсиромашните и најслабите) ги држи врзани за колата на нивното влијание. Извори во Фанар наведуваат дека таму каде што руската страна не наоѓа одговор, таа подига свои институции (парохии, храмови), наспроти веќе востановените на Вселенската патријаршија, додека во битката го има вклучено и силното оружје на верскиот туризам што носи милиони руски верници по поклоничките места (Ерусалим, Патмос, Метеора, Света Гора и др.). Бидејќи со директива го прекина општењето со Света Гора за да му се одмазди на г. г. Вартоломеј, приливот на руски посетители на Атон е видливо намален, а на Халкидики многу трговци гледаат како им пропаѓаат бизнисите.

Вселенскиот патријарх бара поддршка повикувајќи се на своето историско право да доделува томоси за автокефалија. Досега Грчката црква и Патријаршијата на Александрија и цела Африка – втората по чест после Фанар во Православната црква – ја признаа новата реалност во Украина, предизвикувајќи го гневот на Руската црква, која се обидува да ги земе на своја страна, покрај словенските цркви, и патријаршиите на Блискиот Исток, преку кои Москва ќе влијае врз арапскиот христијански елемент во променливата геополитичка средина на поширокиот регион.

Криза, но не раскол

Доделувањето на автокефалија на Украинската црква можеби доведе до криза во односите помеѓу Фанар и Москва, но не и до раскол, и покрај едностраниот прекин на општењето на Московската патријаршија со првопрестолната Православна црква, што не беше прифатено од никоја друга црква. Бездруго, не постојат догматски разлики освен различните толкувања на канонското предание на Православната црква: авторитарно, централизирано и селективно од страна на Москва, а човекољубиво и ослободително од страна на Константинопол. „Но, најдлабоките причини за кризата се наоѓаат во негирањето на приматот на Константинопол, што веќе со децении – ако не и со векови – го држи Москва, сакајќи таа да го води православниот свет,“ вели за Катимерини професорот емеритус на Богословскиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун, Петрос Василијадис. Патријархот Московски Кирил и Владимир Путин, опишувајќи ја наративата на рускиот народ поддржуваат дека: „Темелите на рускиот свет денес се Русија, Украина и Белорусија – државите што ги образуваат Рус. Токму ова разбирање на рускиот свет е длабоко вкоренет во современото разбирање на нашата Руска црква“.

Пишува:  Ставрос Ѕимас (Катимерини)

Извор: Катимерини (https://www.kathimerini.gr/1055244/article/epikairothta/ellada/to-fanari-h-oykrania-kai-h-mosxa)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *