Европската епархија на МПЦ-ОА одбележа 30 години од нејзиното основање. Таа е најмладата епархија во дијспората, но со најголем раст изминативе три децении, особено откако со нејзе управува владиката Пимен, како редовен Митрополит.
Јубилејот беше одбележан на празникот свети Прохор Пчински, со литургија во црквата на МПЦ-ОА во Пјаченца – Италија. На покана на митрополитот Европски Пимен, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф сослужуваше на светата архијерејска Литургија.
Голем број верници беа присутни на литургијата, меѓу нив и директорката на Комсијата ва верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска, генералниот конзул на Македонија во Италија, Фросина Ременски, и в.д амбасадор во Рим Магдалена Матеска
Митрополитот Јосиф Тетовски во беседата по литургијата посочи дека формирањето на македонската Европска епархија е само уште еден доказ за големата вера на македонскиот народ, кој и во далечната туѓина, надвор од своето огниште не заборава на најсветото, на својата прадедовска вера, на верата на своите татковци.
-Стоејќи денес во овој храм во Пјаченца посветен на нашиот голем светител Прохор Пчински, чиј спомен воедно го славиме и гледајќи Ве сите Вас собрани на ова торжествено литургиско благодарење на Бога, сум убеден дека нашето Православие уште долго ќе опстојува во овие наши македонски црковни општини, кои распространети од Париз и Лондон, па сè до Малме и Загреб уште долго ќе се проповеда словото Божјо на македонски јазик од наши домородни свештеници и на идните македонски поколенија, кои иако родени надвор од својата родина, сепак преку својата вера и љубовта кон Светата Црква, постојано ќе се поврзани со својата земја, бидејќи овие наши храмови по европските земји не се само цркви, тие се и културни места, каде што секој еден Македонец се чувствува како да е дома, посочил владиката Јосиф.
Јосиф потсетил дека од преземањето на Епархијата под водство на владиката Пимен, таа денес има 45 црковни општини, со тенденција за нивно зголемување, што е несомнено голем успех, со тернденција за зголемување на црковните општини.






