Почетна Вести Христијанство Европа, секуларизмот и религиозното образование – тема на Научна средба
Европа, секуларизмот и религиозното образование – тема на Научна средба

Европа, секуларизмот и религиозното образование – тема на Научна средба

98
0

Европа со своите специфични континентални вредности, секуларноста како уставно начело и религиозното образование во Европа, како и неговата практика во Македонија, беа тема на дискусија во рамките на Научната средба, што во организација на Асоцијацијата на професори по наставниот предмет Етика во религиите „Просветление“, се одржа викендов на 02 јуни во манастирскиот комплекс „Свети Наум“ во Охрид.

Во оваа длабока и инспиративна манастирска атмосфера, поткрепена со гостопримството на домаќинот, архимандрит Нектариј, со свои излагања учествуваа видни професори на повеќе катедри од високообразовните институции во Македонија, директори на разни институции, како и надворешни гости чијашто цел беше да дадат придонес во темата на Научната средба, насловена како: „Европа, секуларизмот и религиозното образование“.

Градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски, даде голема поддршка за активностите на Асоцијацијата на професори по Етика во религиите, истакнувајќи дека овој изборен предмет во образовниот систем би требало да премине во редовен предмет, со што најмладите уште во основно училиште ќе имаат можност да се запознаат со традициите и ќе научат што се етички норми и колку тие се важни за правилен развој во општеството, особено денес кога материјализмот, на некој начин, надвладеа над тие етички и духовни норми.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски, ја истакна поентата за христијанска Европа и вредносното будење на личноста, што нераскинливо е поврзано со работата на професорите по Етика во религии, притоа нагласувајќи дека на овие професори мора да им се даде можност за и тие да го принесат својот позитивен дел во развојот на македонското општество. Меѓу другото, Сотировски додаде и дека „често има случаи кои отвораат дискусии во јавноста дали секуларноста е заштитена, односно повредена како уставно начело или темелна вредност. Секуларноста треба да се сфати како гарантирање широки, неприкосновени верски слободи и права на граѓанинот, на индивидуата. Истовремено тоа значи дека државата нема право да воспоставува или иницира религиозност кај широките народни маси. Таа е гаранција на правото на поединецот да практикува вера, но државата никако не смее да наметнува или фаворизира одредена вера“.

Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, особено се осврна кон „разработување на идеолошко-политичките постулати кои наоѓаат свој израз во правните прописи, како и попрецизно разработување на карактерот на правните акти поврзани со оваа област“. Меѓу другото, како поранешен политичар, но и како искусен професор, г-дин Спасеновски ја потенцира и новата, поинаку нијансирана состојба во политичките кругови, но и во сите сфери на општеството во поглед на Православната Црква и другите верски заедници, истакнувајќи ја токму улогата на Православната Црква, особено на монаштвото и манастирите, како силни фактори во формирањето на позитивен и конструктивен став кај личностите, кон верата и кон Црквата како институција.

Марија Ангеловска, експерт од Шведска во областа на меѓународното право и арбитражата, со фокус на човекови права, етничка разновидност, родова еднаквост и медиумска одговорност се осврнува на основниот проблем во Македонија, каде во однос на поимите секуларизам и религија се сè базира врз принципот „црно-бело“, притоа истакнувајќи дека во повеќето наши институции толкувањето на поимот секуларизам не е кристално јасно и се определува само со правните прописи.

Деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје Ѓоко Ѓорѓески, ги изрази своите согледби за релацијата помеѓу секуларизмот и религиозното образование, истакнувајќи ги притоа очекувањата од оваа Научна средба: што поскоро да се реши прашањето со статусот на предметот Етика во религии, посочувајќи дека токму сега се најсозреани условите овој предмет од изборен да биде воведен како редовен во образовниот процес.

Ристо Солунчев, професор на Философскиот факултет во Скопје, кој на карактеристичен за него начин, даде важен придонес во областа на оваа тема, посебно осврнувајќи се на христијанскиот етос. Проф. Солунчев поентираше на овој научен собир со тоа што ја истакна неутралната зона која владее во нашето општество, притоа охрабрувајќи ги присутните да го искористат, и те како, поволниот секуларен принцип на уредување на државата за свој конструктивен раст и развој.

/Бигорски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *