Почетна Политичка теологија Етичко постење или мрсење во кампањата
Етичко постење или мрсење во кампањата

Етичко постење или мрсење во кампањата

96
0

Кампањата за претседателските избори ќе биде своевиден тест за политичарите, кои за себе речиси секогаш знаат да кажат дека се големи верници и дека ги почитуваат религиските начела, кои во суштина се главно етички правила на однесување, што треба да се применуваат во приватниот живот, но и во професионалниот аспект. Овие избори се поклопуваат со велигденските пости, што е одлична можност да се види колку претставниците на политичките партии и нивните челници, а секако и главните кандидати за претстојните претседателски избори, своето однесување и настапи ќе ги приспособат во духот на верата и религијата, односно додека трае кампањата и во екот на велигденските пости да се воздржуваат од меѓусебни навреди, клевети, напади, омаловажувања, говор на омраза и слично. Зашто суштината на постењето не е само во откажувањето од мрсна храна, туку многу повеќе, тоа подразбира духовно прочистување, воздржување од какви било лоши мисли. Само на тој начин човек ќе се доближи до бога, се вели во црковните учења. Некои од политичарите знаат да кажат дека практикуваат да постат, но дали за нив постот е само воздржување од храна, или е и воздржување и од навреди иако станува збор за политички активизам, кој сам по себе подразбира и жесток и критички однос кон противкандидатот. Барем досега малку се покажа тој етички пост, односно воздржување од меѓусебни напади и лоши мисли, туку напротив бевме сведоци на доста валкана реторика.

Во таа насока се поставува и прашањето дали ќе биде оваа предизборна кампања издигната на ниво на етичко воздржување од навреди, со што ќе се практикува, пред сѐ, моралниот дигнитет, но истовремено ќе биде и во духот на верските учења.
Дали може да очекуваме во духот на традицијата и во духот на велигденските пости, политиката да се издигне и да покаже достоинствена и аргументирана предизборна кампања?

Според теолозите, православниот пост не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост, односно одрекување и воздржување од секое зло и грев.

– Тие денови верниците треба да се испитаат себеси, да се воздржат од лошите мисли, зборови и дела, да се покаат и да се исповедаат. Духовно да се зајакнат, да прават добри дела и да покажат љубов кон бога и кон луѓето – објаснуваат теолозите.

Зоран Матевски, професор по социологија на религијата вели дека изминатите години се доказ дека Македонците сѐ повеќе стануваат религиозно образовани, односно е очигледно дека се враќаат кон суштинските елементи на религијата, како што е случајот со постењето.

– Сепак, треба да се истакне дека празниците и религиските обреди многу често можат да се користат за политички цели. Но тоа не е злоупотреба на религијата, туку користење на позитивната функција на религијата. Религијата има општествено-интегративна функција и токму таа функција се користи за позитивни цели, за зближување на различните етнички и верски групи и заедници – вели Матевски.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *