Почетна Анализа Есен на исчекување автокефалност
Есен на исчекување автокефалност

Есен на исчекување автокефалност

288
0

Ќе бидат ли следните месеци есен на неизвесност за Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и на очекувања за признавање на нејзината автокефалност? Она што е очигледно, според досегашните најави, овој период, како што истакнуваат експертите за црковни прашања, ќе биде еден од најзначајните за МПЦ во нејзината историја.
Очекувањата се дека Грчката црква многу скоро и формално ќе донесе одлука за признавање на Украинската автокефална црква што, пак, ќе значи и отворен пат на Вселенската патријаршија за почеток на процесот за признавање на автокефалноста на МПЦ. Според најавите, оваа есен патријархот Вартоломеј треба да испрати и делегација на средба со Српската православна црква, од која ќе зависи и понатамошниот тек на развојот на разговорите.

Во МПЦ, пак, владее оптимизам дека работите ќе се движат во посакуваниот правец. Македонските владици очекуваат дека Вселенската патријаршија ќе остане доследна на најавите дека ќе ја преземе одговорноста за решавање на македонското црковно прашање. Спoред неофицијалните информации, во МПЦ очекуваат многу скоро да се случи првата средба меѓу комисиите на Вселенската патријаршија и на Српската православна црква, по што ќе биде појасно каков став ќе има СПЦ за ова прашање.

Очекувањата на оваа средба, веројатно, се и причината зошто СПЦ сѐ уште нема испратено официјално известување до МПЦ за одлуката на Соборот, од мај годинава, да ги обнови разговорите со македонските владици. И верските аналитичари сметаат дека оваа есен може да биде пресвртница за МПЦ.

– Заложбите на вселенскиот патријарх се јасни, веројатно и искрени. Случајот со Украина веќе се развива во позитивна насока за Вартоломеј. Грчката црква, која му дува ветар в грб, ќе има пресудна улога. Тоа, пак, е отворен пат за тој да продолжи со намерата да ги решава отворените децениски прашања. Следното на маса е МПЦ, така што ако оваа есен тој процес почне, многу веројатно е да се очекува дека следната 2020 година може да биде година на македонската автокефалност – велат експертите.

Според нив, во моментов патријархот Вартоломеј е фокусиран на прашањето да обезбеди поддршка од другите цркви за томосот потпишан за Украина.

– Ако Грчката црква биде следната црква што ќе воспостави литургиско единство со Украинската црква, тогаш тоа ќе значи охрабрување за другите цркви да го сторат истото тоа, а од друга страна, ќе значи и отворен пат и за решавање на македонското црковно прашање. Но тоа може да значи и продлабочување на проблемот меѓу Цариград и Москва, нешто што веќе е извесно – додаваат познавачите.

Автокефална МПЦ во православието значи отворено канонско признание за посебноста на македонскиот народ и држава. Тоа е печат што омеѓува една територија, која, според каноните на црквата, е автокефална затоа што е самостојно државно уредена и водена од владици произлезени од овој посебен народ.

Минатата година премиерот Зоран Заев за црковното прашање иницира постапка со која испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање признавање на автокефалноста.

Во овој период Вселенската патријаршија и Руската патријаршија се во битка за превласт во православието. Експертите ги толкуваат постапките на Руската црква како намера таа да го спречи признавањето на автокефалноста на МПЦ, а Вселенската патријаршија е со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *