Архиепископот Елпидофор, поглавар на Православната архиепископија на Америка, во интервју за агенцијата Associated Press изразил оптимизам дека семинаријата Халки во Турција, која е затворена од 1971 година, би можела да се обнови наскоро.
Тоа училиште, лоцирано на островот Хејбелиада покрај Истанбул, долго време се смета за важен центар за образование на свештенички кадри и симбол на борбата за религиозна слобода во Турција. Архиепископот изјавил дека затворањето на школата е „политички и дипломатски анахронизам“ и изразил надеж дека првитестуденти по подолго време, би можеле да бидат примени веќе на почетокот на следната учебна година.
Тој додал дека семинаријата не претставува само образовна институција, туку симбол за отвореност, меѓукултурен дијалог и заедничко живеење. Во интервјуто се наведува дека турската влада направила одредени реформи за религиозните малцинства, но работата на Халки останува важен тест за религиозните слободи и за положбата на христијанските заедници во земјата.
Оваа изјава доаѓа во пресрет на посетата на папата Лав XIV на Турција, со која ќе биде заокружена 1700-годишнината од Никејскиот собор, а темата за повторното отворање на школата е дел од пошироката повест за црковно-државните односи и за положбата на религиозните заедници во мултиконфесионалната средина.
