Почетна Анализа Едноставни размислувања – одговори од еден светогорец за украинското прашање
Едноставни размислувања – одговори од еден светогорец за украинското прашање

Едноставни размислувања – одговори од еден светогорец за украинското прашање

304
0

Како светогорски монах, чиешто послушание долги години е во гостоприемната на Манастирот Пантократор, многу често доаѓам во контакт со руски и украински поклоници. Темата која последнава година особено ги засега нив, е Украинското прашање. Прашањата кои ги формулираат сите се постојано истите и воглавном произлегуваат од лажните известувања и дезинформации на различните интернет страници или новинарски кругови. Секој може лесно да ја забележи штетата која тие ја предизвикуваат. И ќе сносат голема одговорност, бидејќи, наместо да помогнат, ја прошируваат раздалеченоста и ги фанатизираат читателите. Би сакал да одговорам на овие вообичаени прашања.

  1. Што се однесува на објавите – обвиненија против Вселенскиот Патријарх, но и против Манастирот на моето покајание и Манастирот Ксенофонт, за „сомолитвата“ со католици.

Која е смислата на сомолитвата? Тоа дека се наоѓам на исто место? Зарем, ако некој православен влезе во еден католички храм за време на службата и остане, значи дека се моли заедно? Нормално дека не. Ако спротивно на ова, некој католик влезе во православен храм и се помоли, сите присутни се молат заедно? Секако дека не. Со оваа логика многумина се имаат молено заедно со инославни без да го знаат тоа. Кој знае каков е секој кој влегува во црква и со која цел пристапува? Исто така, во централното место на Синајскиот Манастир, постои џамија. Кога муслиманите правеле молитви, значи дека монасите кои тогаш се нашле таму се молеле заедно со нив? Секако, не. На Света Гора, за време на турското ропство, кога султанот ја посетувал, му правеле иподохи (пречек) и го ставале на тронот. Зарем се молеле заедно? Нормално, не. Напротив, Свети Порфириј им велеше на своите духовни чеда „да станеме околу 03:00 и да се помолиме заедно“, додека секој одделно се наоѓал во својот дом. Ова не е заедничка молитва? Секако дека е. Значи, друга е смислата на заедничката молитва. Не онаа која сакаат да ја прикажат овие новинарски кругови. Лошото е што повеќето од луѓето им веруваат. Бог ги гледа срцата на луѓето, не местото каде што се наоѓаат. Доаѓа време, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот… Но, иде време, и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои му се клањаат. Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина (Јован 4,21-24).

Католиците, и тие се деца Божји и треба да се вратат. Тоа може да се случи со дијалог. Вселенскиот Патријарх ја сноси најголемата одговорност за тој дијалог. Внимателен е и не отстапува од догмите, колку и да го обвинуваат за тоа. Ако гледаме така, такви видови на „заедничка молитва“, како што ја нарекуваат, има од многумина, во сите помесни православни Цркви. Но, нивна мета сега е Вселенскиот Патријарх.

  1. Што се однесува на посетата на Вселенскиот Патријарх на Света Гора во октомври, минатата година.

Οд споменативе кругови постои обид да се намали величието на посетата на Вселенскиот Патријарх на Света Гора и истата да се дискредитира. Но, ние кои овие настани ги доживеавме одблизу, поубаво ги знаеме работите. Превеле на руски дури и едно навредливо послание на еден светогорски монах против Вселенскиот Патријарх, за да се рашири низ Русија. Значи, овие луѓе ли го сакаат единството? Се потпираат на мислењето на мал дел монаси кои секогаш се против сите ставови на Вселенскиот Патријарх, без разлика на темата. Едноставно, сега во центар на вниманието е Украинското прашање. Но, тие не се „гласот“ на Света Гора! „Гласот“ на Света Гора се игумените и Свештената Заедница. А тие сите беа присутни на пречекот на Вселенскиот Патријарх во Кареја и на собирот кој следуваше. Освен еден манастир, кој и на претходните посети на Вселенскиот Патријарх отсуствуваше, заради нивни причини.

Исто така, го наведуваат и големиот број на полицајци кои го чуваа Вселенскиот Патријарх. Но, луѓе, полицајците не ги донесе Патријархот. Грчката полиција е задолжена да обезбеди сигурност на секое лице со висок чин коешто ја посетува државата. Истото беше и при посетите на Московскиот Патријарх на Света Гора во 2013 и 2016 година, којшто дури и со себе си имаше донесено мноштво луѓе обезбедување. Но, сега им оди во прилог да не се сеќаваат на тоа.

  1. Во однос на непокајанието на „шизматикот“ Филарет.

Тврдат дека Филарет не се покајал. Но, како можеме да кажеме дека не се Филарет покајал? Шест пати со молба за апелација до Вселенската Патријаршија побара обнова, враќање. Патријархот и неговиот Синод не одлучија наеднаш. Освен лично тој, друго дело што го покажа неговото вистинско покајание беше неговата одлука да го распушти „Киевскиот Патријархат“ на кого што му служеше цели 27 години. Кога велат дека не се покајал, во суштина мислат дека не се покајал што ја посакувал автокефалијата на Украина. За тоа сакаат да се покае. Може после неговото повторно враќање да променил мислење. Но, тоа е негов личен избор.

  1. Што се однесува на правото на Вселенската Патријаршија да ги направи прифатливи таинствата на претходните шизматици, и за „самохиротонисаниот“ Макариј.

За исти и потешки случаеви, одговорот ни го дава црковната историја:

– Свети Кирил Ерусалимски бил хиротонисан за епископ од аријани. Отпосле дошол во Православието и станал прифатен како Архиереј, и тој, но и од него хиротонисаните, без повторна хиротонија.

– Свештениот Анатолиј Константинополски бил хиротонисан од водачот на еретиците монофизити, Диоскор, којшто и го беше убил светиот Флавијан Константинополски, но не бил одлачен поради тоа што бил хиротонисан од еретик и убиец.

– Сите хиротонисани од еретикот Петар Монгос, штом се откажале од ереста на евтихјаните и го прифатиле Халкидонскиот собор, станале прифатени од Црквата Христова во нивните степени на јерархија, без повторна хиротонија.

– Во житието на Авети Сава се споменува дека кога се упокоил Ерусалимскиот Патријарх Илија, од страна на еретиците севиријани на тронот бил поставен Јован, нивни истомисленик, којшто после објаснувањето од Светите Сава и Теодосиј, ја прифатил православната вера. А, тоа дека примил хиротонија од еретици не му се рачунало.

И уште многу други историски примери постојат во истражувањето на Митрополитот на Хиос Григориј „за обединувањето на Ерменците со Источната Православна Црква“ во 1871 година.

Исто така, нешто слично се случило и со Бугарската Црква, којашто се наоѓала во шизма отприлика 70 години. Во 1945 година се излече шизмата и секако, сите епископи, свештеници и ѓакони не беа повторно хиротонисани, и покрај тоа што сите претхоно беа шизматици.

Гледаме како Црквата прави икономија во нештата кога се работи за спасението на луѓето. Случајот со Украина, секако, е многу полесен од толку многу тешки случаеви со коишто се соочила Црквата во минатото со еретиците. Овдека разликите се јурисдикциски, а не догматски. А таму, прифатиле хиротонии коишто се случиле од луѓе со спротивност во догмата – од еретици.

Бесцелно е да ги гледаме нештата типолатриски и рационалистички. Црквата е над каноните. Не ја создале каноните Црквата, туку Црквата ги создаде каноните. И каде што има неопходност, „по потреба и промена на закон се случува“.

Велат за Макариј дека е самохиротонисан. И дека не постои таков случај претходно во Црквата (прифаќање на самохиротонисан). Меѓутоа, беа објавени статии кои покажуваат дека не е самохиротонисан. Впрочем, голема е и икономијата која ја има покажано Црквата во тешки периоди за теми на хиротонија. Имаме, како што и претходно напомнав, и поскандалозни случаи, кога биле прифатени епископи хиротонисани од еретици, коишто толку штета ѝ направиле на Црквата. Црквата е мајка. Нејзината цел е спасението на луѓето. Како да спаси, а не како да осуди. Такви одлуки на икономија Црквата донесува со векови за да постои единство и спасение за човекот, внатре во Црквата. Уште и да напоменеме дека Црквата го прифаќа и аерокрштението, коешто го прават лаици врз новороденчиња пред смрт. Исто така, во житието на свети Атанасиј Велики читаме дека кога бил дете, играјќи си, крстил некое друго дете и Црквата потоа го прифатило тоа крштение. Светиот Дух вдахновува каде што сака. Не постои логично објаснување. Зарем не може од камењата Господ да подигне чеда на Авраам? Бог сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познание на вистината. Кој се занимаваше со тие милиони Украинци кои 27 години се наоѓаа во шизма без да ја знаат причината? Сите се занимаваат само со две личности. Филарет и Макариј. Би требало сите ние да се радуваме, бидејќи украинскиот народ во неговата целост, го најде патот на спасението. Многу милиони нови членови брои Црквата Христова. Радост Евангелска!

  1. Во однос на поништувањето на важењето на писмото од 1686 година

Прашањето не е зошто Вселенската Патријаршија го поништи важењето на писмото од 1686 година, туку зошто Московската Патријаршија никогаш не ги применила одредбите на ова писмо и со тоа практично го поништила. Московската Патријаршија си направи нешто свое, и без благословот на Црквата. А сѐ што е без благослов, нема добар крај. Кога бил спомнат Вселенскиот Патријарх? Никогаш. Зашто, спомнувањето значи, како што тоа многу добро го знаеме, дека духовниот принос соодветствува на оној кој се спомнува. Пример, секоја област која го спомнува Српскиот Патријарх, го има својот принос кон Српската Патријаршија, секоја област која го спомнува Романскиот Патријарх, го има својот принос кон Романската Патријаршија итн. Во суштина, ова писмо не се поништи сега, но во она време од страна на Московската Патријаршија. Никогаш не се ни примени, бидејќи никогаш не биле испочитувани сите негови одредби. И не е ни чудо што од страна на овие новинарски кругови ништо не се спомнува за ова. Се повикуваат само на црковната совест. Генерации поминаа без да знаат за нешто друго. Се родија и умреа во таа состојба. Но, тоа не го одзема правото на Вселенската Патријаршија повторно да ја повлече важноста на писмото, така што Украина да се врати во нејзините рамки. Следствено, се објаснува и заради која причина Вселенската Патријаршија го поништи и официјално.

Вселенската Патријаршија, и покрај сета штета што во суштина ја претрпе на своја почва од Руската Црква, толку години, векови, досега не си го побара она на кое имаше право, туку само сега, кога толку мноштво народ беше осуден да е шизматички, без посебна причина. Не се придвижи заради свои интереси, како што можеше да го направи тоа во период со векови, но се придвижи од нејзината љубов за спасението на целиот украински народ, во час кога имаше голема потреба. Должност ѝ беше да се заинтересира за овие милиони верници. Да ги остави 99-те овци и да оди да ја бара загубената. Сите чекаа Руската Црква да го даде тоа решение. Но, не успеа да го направи тоа, и покрај тоа што Црквата во Украина од 1991 година бараше автокефалија (дури и потписот на Митрополитот Онуфриј се наоѓа во барањето!) Беше многу тешко за Руската Црква, бидејќи ако ја признаеше за автокефална Црквата во Украина, тоа ќе значеше дека губи многу значајни територии и поклонички места. Разбирлива е оваа реакција. Логична е, и човечка. Но, воопшто не и духовна. Од друга страна, пак, Патријархот Вартоломеј и неговиот Синод, дејствува со многу мудрост и суптилност, и најважното – со многу молитва. Ги сака сите обединети, ги спомнува сите, се труди за единството во рамки на неговите должности, без да ги прекрши каноните на Црквата. Колку и да го обвинуваат и да прават светот да го мрази, нема да успеат, зашто Бог ја знае вистината. Вселенската Патријаршија повторно ја донесе каноничноста и општењето на поранешните шизматици во Украина. Ако го сакаше и Руската Црква единството, работите ќе беа лесни. Но, за жал, како што изгледа, повеќе се интересира да не ја загуби Украина. И тоа создава големи проблеми во Православието на светско ниво.

  1. Во однос на тоа што Вселенскиот Патријарх го нарекуваат источен папа и за тоа дека сака да е прв, без да има еднакви.

Вселенската Патријаршија не ја призна шизмата, како што викаат овие новинарски кругови, туку ја исцели. Денес, веќе ниеден шизматик не постои во Украина. Имаше право да воведе ред, бидејќи, како што се покажа, Украина ѝ припаѓа на нејзината јурисдикција, а и згора на тоа, воглавном бидејќи Црквата преку Вселенските Собори ѝ дала привилегија на Вселенската Патријаршија да прифаќа еклитон (апелација), прибегнување и од други помесни Цркви. Ниедно барање на еклитон – прибегнување не може да се упати кон другите патријарси. Ова се потврдува и од прашањето на рускиот клир кон другите патријарси во 1663 година, дали Вселенската Патријаршија го има правото да суди случаеви на други помесни Цркви. Сите патријарси тогаш едногласно одговориле дека единствено Вселенската Патријаршија го има ова право, и САМО таа. Освен тоа, и црковната историја е полна со случаеви на апелационо прибегнување кон Вселенската Патријаршија од други помесни Цркви. Не постои до денес во историјата на Православната црква некој исклучок, којшто да покажува дека некогаш било поднесено барање кон друг Претстојател, освен кон Вселенскиот Патријарх. Оној којшто ја прифаќа оваа привилегија на Вселенскиот Патријарх, го прифаќа и решението на проблемот на поранешните шизматици во Украина. Покрај тоа, привилегија му е и доделувањето на автокефалии на помесните Цркви. На тој начин, Вселенската Патријаршија им доделила автокефалија на сите помесни Цркви, почнувајќи од Русија во 16-от век, потоа и на другите, сè до сега последно на Украина.

Несомнено дека глава на Православната Црква е Христос. И несомнено, соборноста секогаш постои во Православната Црква. Но, на секој собор, секогаш има еден којшто го свикува и претседателствува. Во Московската Патријаршија тоа е Патријархот Кирил, во Српската Патријаршија, Патријархот Иринеј, во автокефалната Грчка Црква – Архиепископот Јероним итн. Значи, следствено на тоа, со одлуки на Вселенските Собори, на собирите на поглаварите на сите помесни Цркви, оној којшто го повикува соборот и претседателствува со него, секогаш е Вселенскиот Патријарх.

Тоа го диктира преданието на Црквата. А оној којшто ги негира овие привилегии, не се потпира на преданието. Ова е вистината, без разлика дали таа ни се допаѓа, или не. Патријархот не е папа и прв без еднакви. Не прави ништо повеќе од привилегиите што самата Црква му ги доделила.

  1. Што се однесува до прогонот и преземањето храмови од автокефалната Црква.

Во известувањето на Синодот на Вселенската Патријаршија од 11 Октомври 2018 година, петтиот член вели: „Се молат сите вовлечени страни да одбегнуваат преземање на храмови, манастири и други имотни поседи, како и да не прават дела на насилство и одмазда, туку да завладее мир“. Повелете, желбата на Вселенскиот Патријарх. Објавите на овие новинарски кругови што се однесуваат на прогонствата, се селективни и еднострани. Оној кој ќе побара, ќе најде многу случаеви каде прогонувани се оние кои и припаѓаат на автокефалната Црква во Украина. Се имаат објавено многу инциденти, без да се спомне и многугодишната војна која продолжува на границите на Украина. И двете страни подеднакво се одговорни за состојбата. Многу е грозно и затоа ајде да посакаме мирот да дојде набрзо. А тоа ќе стане ако и двете вовлечени страни прават послушание на молбата на Вселенскиот Патријарх за мир.

  1. Во однос на противењето на Вселенскиот Патријарх на евентуален сеправославен Собор.

Како што знаеме, Вселенската Патријаршија ги даде сите автокефалии без да се случат сеправославни Собори. Но, Вселенската Патријаршија, знаејќи дека ќе ги жртвува своите права, сакаше за тоа да одлучуваат сите Поглавари, сите заедно за доделувањето на автокефалија. Тоа беше дискутирано повеќе пати на средби пред Великиот Собор во Крит, и постоеше можност тоа да го дискутираат и да го одлучат сите заедно на овој Собор. Но, за жал, Московската Патријаршија одби да учествува. Исто така, после поништувањето на важноста на писмото од 1686 година, Украина повторно се врати во пазувите на Вселенската Патријаршија. Беше свикан Обединувачки Собор на којшто беа повикани сите. Секако, на Митрополитот Онуфриј му беше предложено да биде на чело. Но, ни тој не сакаше да учествува. Можеа да појат и да ги искажат своите ставови. Кога Вселенскиот Патријарх ги покани да учествуваат, тие одбија. И сега сакаат да се случи тоа под од нив определени услови. Но, сега е веќе доцна. Дури и да се случеше сега, ќе требаше да ги повика и да претседателствува самиот Вселенски Патријарх.

  1. Во однос на прашањето „зошто не ги признаваат сите останати Цркви?“

Многу се причините заради кои овие Цркви остануваат и понатаму колебливи, причини коишто самите тие си ги знаат. Но, една од нив се и разновидните одмазди кои ќе им бидат наметнати во случај на признавање на новата автокефална Црква. На пример, неопштењето, негирањето на економска поддршка и секако, заканата од незаконско навлегување во нивните територии со градење на епархии, без благослов од помесниот Архиереј. Помесните Цркви ги знаат многу добро проблемите кои може да ги предизвика политички и економски многусилната Руска Црква во нивните области, како што веќе има предизвикано во сесветското Православие, отсекувајќи ги руските верници од општењето со оние кои веќе ја имаат признато автокефалната Украинската Црква. Покрај другото, таа Црква е најголема по број на верници. На тој начин, логично е секое доцнење од страна на оние кои сакаат да ја признаат автокефалната Црква на Украина.

  1. Во однос на тоа дека Архиепископот Јероним бил притиснат од политичките сили за да ја признае автокефалната Украинска Црква.

Најпрво, Архиепископот Јероним даде на две комисии да ја истражат целата тема од теолошка и еклисиолошка страна, коишто своите заклучоци и предлози ги доставија до Свештениот Синод, којшто ги простудира темелно. Во продолжение, Архиепископот ја постави темата на Синод во октомври, каде што и беше одлучено признавањето на автокефалната Украинска Црква. Значи, јасно е дека аргументот на овие новинарски кругови е рожба на нивната фантазија.

  1. Во однос на тоа дека на Света Гора ги прашуваат украинските поклоници „од Онуфриј си или од Епифаниј?“

И јас, да ја признам вистината, го прашував тоа. Но, прекинав со тоа кога еден Украинец ме праша: „Појдов во 4 манастири. Зошто во два од нив ме прашаа дали сум со Онуфриј или со Епифаниј? Не сакам да кажувам. Толку важно ли е? Јас сум со Онуфриј, но сакам автокефалија. Нашата Црква да е самостојна“. И му одговорив: „Навистина, повеќе не е важно. Сите се прифатени. Сите се канонски. Сите имаат општење. Кога те прашуваат, да велиш: не го знам ниту Онуфриј, ниту Епифаниј. Бога Го познавам и Него сакам да Го ставам во срцето мое. Господ нема да нѝ го постави тоа прашање, туку ќе не праша дали го љубевме нашиот ближен или го мразевме. Ова е важното“. Се исповеда, се причести и си замина со Христова радост во неговото срце.

Во дебата со еден клирик на Украинската Црква што е под Московската Патријаршија, ми наведе дека нивната Црква е автономна, бидејќи имаат нивни Синод. Исто така, дека во храмови на „шизматиците“ постојат богохулни фрескописи на кои на лицата од светителите се насликани познати живи луѓе и дека во нивните проповеди не наведуваат ништо за Бога, но дека зборуваат за Претседателот, за „лошата“ Московска Патријаршија, за помошта од Американците итн.

Му реков дека на секоја Божествена Литургија се споменува Патријархот Кирил и дека Митрополитот Онуфриј е постојан член на Синодот на Руската Патријаршија. Нешта кои покажуваат дека не е целосно автономна вашата Црква. Штом тоа е во сила, како ќе можат  членовите од Синодот на вашата Црква некогаш да заземат различен став за некои теми од ставовите на Руската Црква? Треба секогаш да соодветствуваат. Не може поинаку. Му реков дека вашата радост треба да биде голема што вашите браќа се вратија. Немојте да бидете како постариот брат на блудниот син. Иста крв сте. Тие се вашите браќа, кои го најдоа патот на спасението. А што се однесува на богохулните фрескописи и проповедите без Бога, треба вие самите да ги поучите како треба да прават. Тие се наоѓаа 27 години под шизма, а пред тоа беа во комунизам. Од кај да знаат за предание? Потребна им е помош. Како што после комунизмот, Русите не знаеја ништо, сè беше уништено. Но, прашаа, побараа, најдоа помош и напреднаа. И ние оттука, но, пред сè, вие, нивните браќа, треба да ги поддржувате. Многу можете да направите за единството. Немојте да војувате со нив, бидејќи ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; но, ако е од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога (Дела 5,38-39)!

Пред неколку години, усните на еден познат руски ѓакон (сега јеромонах хиротонисан од Патријархот Кирил), јавно ми рекоа со многу настојување, дека треба заради бројот на верните и на силата на земјата да го имаат и првенството во Православието, координаторската улога и сите привилегии. И дека Вселенската Патријаршија нема стадо речиси воопшто, бидејќи се наоѓа во Турција. И тоа дека се смениле епохите, повеќе не постои Византиската Империја. Не можев да си поверувам на ушите. Тогаш почнав да сфаќам какви планови имаат нашите браќа. За жал, после прогласувањето на автокефалијата на Руската Црква и нејзиното издигање на ниво на Патријаршија, изгледа дека некои не ја напуштиле визијата за Третиот Рим.

Вистина е дека руските поклоници се многу добри и многу побожни. Не сметаат на трудот и жртвата. И најважното, прават послушание кон нивната Црква. Никој не може да им го земе за грешка тоа што прават послушание. Но, повеќето имаат и свои забелешки, како што ми велат, но не можат ништо да направат, ако не се даде заповед од нивната Црква. Разбирливо е и за почит. Некои постапуваат по совеста, без да им даваат значење на забраните. Се мачат луѓето. Толку години го имаа безбожието и комунизмот и кога почнаа да се радуваат на Православието, ги отсекуваат. Смешно е што се обвинува Вселенскиот Патријарх за шизмата во час кога од Русија го забрануваат општењето. Шизмата стана од Руската Црква, а не од Вселенската Патријаршија. Сите Цркви се во општење со Вселенската Патријаршија. Но, руската Црква нема општење со сите Цркви. Се надеваме Бог да ги просветли јерарсите на Русија да ја видат вистината и да ги изведат од шизма толкуте милиони Руси и Украинци коишто ги изолираа. Тие не се за ништо криви. Многумина не можат да издржат да не се причестат на Света Гора. Тоа им е животен завет.

Овие новинарски кругови, како што велат, работат за Православието. Но, за жал, ја одржуваат и прошируваат шизмата. Ги фанатизираат и здивуваат верниците. Да се надеваме дека ќе ја разберат нивната грешка и штетата што ја предизвикуваат. Јас им сведочам дека тие имаат ревност за Бога, но не по разумот. Зашто, не познавајќи ја правдата Божја и гледајќи да ја воспостават својата правда, тие не ѝ се покорија на Божјата правда (Рим. 10, 2-3).

Ако некој се позанимава објективно со ова, гледајќи ги и двете страни, без да биде под влијание од лажните вести кои го преплавуваат интернетот, може да разбере каде се наоѓа вистината и да познае која е волјата Божја.

Пишува: Јеромонах Никита, манастир Пантократор

Извор: Ромалео Фронимати

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *