Почетна Репортажа Единствениот храм посветен на Сите Светии се наоѓа во Лешани
Единствениот храм посветен на Сите Светии се наоѓа во Лешани

Единствениот храм посветен на Сите Светии се наоѓа во Лешани

1.32K
0

Во Долна Дебрца на само седум километри од магистралниот пат Охрид – Скопје, десно од селото Ботун се наоѓа единствениот на Балканот манастирски комплекс посветен на Сите Светии (Си Свети).

На влезот од селото Лешани по тесно асфалтирано патче низ густата шума се доаѓа до ова светилиште каде што ќе ве пречекаат отец Вартоломеј и неговата мајка, тетка Илинка.

Не пречекаа со радост, а не изостана и гостопримството, топло манастирско чајче и локум за добредојде. Се подготвуваа за манастирската слава празникот на Сите Светии, кој годинава е на 26 јуни. Празникот датумот го менува, денот не, секогаш е во недела, неделата после Духовден, кога се и Петровденските поклади. Сите верници, добронамерници се добредојдени на манастирска слава каде секој ќе биде послужен со гравче и од богатата манастирска трпеза. Овој ден е селска слава и во селото Лешани.

lesani 8Посетеноста од година во година расте, како за манастирската слава така и во останатите денови се повеќе верници доаѓаат да побараат духовен мир и да се помолат пред Сите Светии.

Гости доаѓаат од сите страни. Кој дошол еднаш и го почуствувал духовниот мир и благодатта Божја, повторно посакал да се врати.

Од манастирскиот двор се протега прекрасна панорама и како на дланка се гледаат населбите на Долна Дебрца. Над комплексот се зеленее густата дабова и габерова шума на Плаќенска планина. Земен рај, место за молитва, духовен и душевен спокој.

Посветен им е на сите светии од православниот свет. Етимологијата на манастирот доаѓа од старословенскиот збор „сих сјатих“, во српскиот период локалното население го викало „свих светих“ и од тука доаѓа кратенката „си свети“, која е позната кај локалното население. Во македонскиот литературен јазик се користи името Сите Светии.

ИСТОРИСКО ­ КУЛТУРЕН СПОМЕНИК ВО МАКЕДОНИЈА

Со решение на Централниот завод за заштита на културно-­историски споменици и реткости на Македонија од 1953 година манастирот „Сите Светии“ е прогласен за историско-­културен споменик на Македонија бидејќи се смета за значаен стар храм.

lesani 7Големата црква е изградена 1911 година, а преосветена е на 100 години од постоењето, односно во 2011 година. Веднаш до големата се наоѓа старата црква која исто така е посветена на Сите Светии и е возобновена 1452 година од Никола Божиќев од Охрид.

Овој податок е регистриран на натпис од плоча што стоела пред вратата, но со текот на времето е урната. Внатре има 600 години стар византиски фрескоживопис, а околу неа се пронајдени уште четири стари цркви, кои датираат од 5 до 14 век. Најстарата датира од 5 и 6 век ранохристијанска базилична црква, позади апсидалниот дел на црквата има темели со контрифори од 9 век, северната страна е од 11 век, а јужната страна од 14 век.

Во 2005 година почнаа археолошки ископувања, а во 2009 реставрација на фрескоживописот на старата црква, кои за жал до денеска не се комплетно завршени.

БОГАТ ФРЕСКОЖИВОПИС И ЧУДОТВОРНА ИКОНА ОД СИТЕ СВЕТИИ

Големата црква воодушевува со богатиот фрескоживопис и чудотворната икона со Сите Светии. Не можете да влезете, а да не ги забележите „Страшниот суд“ и „Второто Христово доаѓање“ во чија композиција се објаснети пеколот, рајот и соборот на сите светии – царството небесно.

lesani 6На долниот дел од фреската е прикажан пеколот. Метафорично преку голема змија прикажан е гревот на која се напишани лошите работи низ кои поминува човекот ако не се покае. Над пеколот на десната страна е прикажан стариот завет со свети пророк Мојсеј и 10­те Божји заповеди, кој покажува на праведното судилиште Христово и исполнувајќи како се влегува во рајот. Од левата страна пак се прикажува новиот завет, свети апостол Петар кој го има клучот од рајот, ги отклучува рајските двери и праведниците влегуваат во соборот на Сите Светии. Најгорниот дел е царството небесно и воскресението на мртвите.

Пред чудотворната икона посветена на собор на Сите Светии забележани се бројни чуда. По молитвите на оние кои пристапиле со вера и молитви Господ направил големи чуда и исцеленија. Се враќале луѓе излечени од рак, парализа, дечиња што имале проблем со говор прозборувале, бездетни добивале деца, а исцелувала и од други проблеми и искушенија.

АКТИВЕН МОНАШКИОТ ЖИВОТ ВО МИНАТОТО И ДЕНЕС

Монашкиот живот во манастирскиот комплекс бил застапен и во минатото, еден период опстојувал како машки, а потоа и како женски манастир. Во минатиот век живееле околу 30­ тина монахињи, а во 1971 година е упокоена последната сестра Евдокија.

lesani 2Од 2002 година се возобновува монашкиот живот со доаѓањето на отец Вартоломеј и неговата мајка со благослов на надлежниот архиереј Тимотеј. Со нивното доаѓање се возобновува монашкиот живот на ова свето место, а со тоа целосно се ревитализира манастирскиот комплекс и се градат нови содржини.

Во овој манастир било отворено првото келијно училиште во Дебрца, а го посетувале деца од сите околни села.

ЧУДО ВО МАНАСТИРСКИОТ КОМПЛЕКС

На денот на зачнување на света Ана ­ 22 декември, во 2004 година, во манастирскиот комплекс снемало струја во 22 часот и 30 минути. Отец Вартоломеј станал да земе свеќа да го осветли монашкиот конак, а мајка Илинка погледнала низ прозорецот да види дали има струја во селата Белчишта и Песочан.

lesani 5-Само што се доближив до вратата се појави силна светлина како од рефлектор, кога погледнавме убаво од западната страна тргнаа четири снопа светлина да се искачуваат. Трепкаа како блицеви кон местото каде што сега е гостоприемливиот конак, како некој да го скенира. Наеднаш два пламени снопа застанаа на местото пред конакот, а другите два застанаа зад олтарите на двете цркви. Изгледаа како снопчиња. Маглива светла патека се постилаше и се собираше од камбанаријата до црквата, а таква светлина гледавме и по шумата. Од монашкиот конак до црквата патеката беше осветлена како авионска писта, како со свеќички, ѕвездички и целосно озарение на една благодатна светлина во црквата се познаваше. Буквално како илјадници свеќи да горат внатре. Ова се случуваше до две минути на полноќ. На две минути пред полноќ се осветли целиот манастирски комплекс како напладне, како ден и точно на полноќ се собраа четирите пламени снопови во сред манастирски двор и исчезнаа“, раскажува отец Вартоломеј.

lesani 4Во наредните шест месеци се чуствувала густина на благодетна сила и енергија. На шеститот месец, на 12 јули следната година на влезната врата од манастирскиот комплекс се појавил неракотворниот лик од Пресвета Богородица, а под нејзиниот лик раката на Господ Исус Христос, кој ги благословува сите добронамерни верници што доаѓаат на поклонение.

lesani 3По појаувањето на ова чудо во 2012 година почна да се гради нова црква посветена на Покров на Пресвета Богородица. Црквата се гради со средства од верниците и секој добронамерник може да помогне финансиски или материјално во изградбата на ова светилиште. Во нареднот период планирана е изградба на монашки конаци за зголемување на монашкото братство и реновирање на гостоприемните соби за да може секој добронамерник верник да преноќи.

Слаѓана Стојкова ­Костоски (МИА)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *