Почетна Анализа Џамии на 21. век
Џамии на 21. век

Џамии на 21. век

113
0

Да не прочитав, немаше да знам дека е во прашање џамија. Имено, се работи за џамијата на исламскиот центар во Пензберг, Германија. Можеби на некои им се допаѓа, можеби за некои овој стил е префутуристички, можеби некои овој стил го сметаат за компромисно архитектонско решение за европското поднебје, а можеби некои само си го сакаат својот автохтон стил на џамии од местата од кои емигрирале.

Јас лично сметам дека градењето џамии во ориентален стил во Европа е како антиквизацијата во Скопје, односно проектот Скопје 2014. Современите муслимани треба џамиите да ги градат во современ архитектонски стил, кој не отстапува од традиционалните одлики, а кој во иднина ќе биде историски сведок на нивното време и нивните достигнувања. Овој вид архитектура и тоа како зборува за нивната прогресивност и практичност, како позитивен пример за муслиманите низ другите делови на светот.

За да го разјаснам мојот став, ќе направам една едноставна споредба помеѓу стариот османлиски стил на градби и современата потреба на верниците кои тие џамии не ги задоволуваат. За пример ќе ја земам Јахја пашината џамија сместена во срцето на Чаир. Тоа е прекрасно архитектонско здание изградено во 1504 година, сместено во најгусто населената општина во Македонија. Има капацитет од неколку илјади верници. Првобитно имала грандиозна купола, која била уништена од генералот Пиколомини кон крајот на 17. век, за потребите на австро-унгарската армија. Сега кровот е едноставен четриаголен и пирамидален, кој одзема од идентитетот на истата. Минарето е високо 50 метри, што го прави највисоко на Балканот од старите осмалиски џамии. Во внатрешноста најимпозантни се сочуваните мермерни михраб (ниша во централниот преден ѕид од каде имамот ја предводи молитвата) и мимбер (скали за петочната проповед) кои се украсени со прецизно изработени сталактитни украси. Така е украсен и влезот на џамијата, кој сеуште ја чува џамијата со старата изрезбана орева двокрилна врата. Од страните на објектот доизградени се две простории на по два ката кои служат како мектеби (училници по веронаука). Има огромен двор кој на предниот дел има стари османлиски гробови и едно турбе (мавзолеј на Јахја паша), додека среде задниот дел, пред влезот има мермерен шадрван (фонтана) каде верниците обредно се мијат пред молитва. Тоалетите и просторијата за службениците се од десната страна. Според традицијата, но не и според религијата, до доцна жените не ја посетувале оваа џамија редовно, па затоа и самиот објект нема посебен влез за нив во вообичаено предвидениот балконски дел, ниту пак имаше посебни тоалети и места за обредно миење пред молитва. На иницијатива на младите, дограден е нов санитарен дел, а едната страна од училниците е предвидена и резервирана за жените, кои сепак се чувствуваат изолирано. Во старите џамии повеќе и не смее да се интервенира. Уште еден проблем е просторот околу џамијата, кој нема паркинг, а оној на Чаирчанка е недоволен, па така се создава гужва од паркираните автомобили за време на џума намаз/петочната молитва на улицата Цветан Димов.

За разлика од старите џамии, правени за условите од тоа време, новите џамии се приспособени за сите потреби на верниците, ослободени од нефункционалните нерелигиски традиции. Пред сѐ, тие џамии се прават како исламски центри. Имаат соодветен паркинг кој ги задоволува предвидените капацитети за прием на верници, широки влезови приспособени за влез на лица со инвалидски колички. Шадрваните во дворовите се често пати декоративно практични, додека тоалетите и чешмите се сместени во подрумските простории, и тоа еднакво поделени на машки и женски, со посебни влезови.

Честопати, во подрумските простории се наоѓаат и гусулхани, простории за обредно миење и подготовка на телото пред погреб. Училниците за веронаука се сместени исто така во подрумските или во приземните простории, не заземајќи од просторот за молитва, но премени со звучници и монитори за следење на молитвата кога за празниците е зголемен бројот на верниците. Секоја џамија има и посебна просторија за библиотеката, како неодвоив дел од верскиот образовен процес. Некои од центрите имаат и играчници за најмалите, додека нивните родители присуствуваат на молитвите или предавањата, иако џамиите се отворени и приспособени да не дискриминираат никого по возраст, пол и сл. Внатрешниот молитвен простор не секогаш е поткуполен, во зависност од архитектонското решение, но честопати е минималистички уреден со еднобојни килими и јасни линии за редовите за молитва. Подовите секогаш се опремени со подно греење за во зима, а летно време просториите се климатизирани. Михработ и мимберот се направени согласно надворешниот дизајн, но никогаш пренагласено за да не ги дефокусира верниците од молитвата или проповедта. Полиците за Куран се направени да бидат секогаш на дофат, без да одземаат од молитвениот простор. Вообичаено постои уште еден спрат со помал капацитет, кој најчесто жените го користат за молитва. Ѕидовите и куполата се украсени со орнаменти на арапски јазик, како на пример цитати од Куранот, без слики од живи битија.

Прозорците се секогаш направени да го исполнуваат целиот простор со дневна светлина, оддавајќи чувство на транспарентност и близина со надворешноста. Во зависно од тоа во која земја се наоѓаат, предавањата и проповедите се вршат на јазикот на државата, па потоа на јазиците на поголемиот број верници, што да речеме кај нас не е случај. Во поголемите центри постојат и кујни со мензи, каде се одвиваат церемонијални вечери или пак дружења за викендите. Минарињата не секогаш се грандиозни како во муслиманските земји и не секогаш е дозволено да се чуе повикот за молитва, но затоа пак верниците имаат апликации на мобилните телефони кои ги известуваат за точните периоди за молитва. Овие центри не служат само за молитва, туку за различни видови дружења и образование на верниците и како такви се многу битни во социјалниот живот, посебно на оние граѓани со мигрантско потекло, кои не сакаат да го загубат својот културен и религиски идентитет.

Во оваа прилика му се заблагодарувам на имамот Бенјамин Идриз за фотографиите на џамијата Пензберг во која работи, кој инаку е по потекло од Скопје и е значајна и влијателна верска личност во Германија. Тој често пати споделува фотографии од разни џамии кои ги посетува низ Европа, запознавајќи нѐ така со новата западно-европска исламска архтектура на 21-от век, која е одраз на прогресивната свест на тамошните муслимани и дава оптимизам за светла иднина на нивната евро-интеграција.

Пишува: Јасмин Реџепи /civilmedia.mk

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *