Почетна Коментар Два-три збора за милоста Божја
Два-три збора за милоста Божја

Два-три збора за милоста Божја

238
0

Денес, како и секој ден, како и секој христијанин што е свесен за своите гревови, и јас размислував за милоста Божја. Се восхитував на несразмерноста на Божјата милост во однос на нашите гревови. Ем грешиме, ем милоста Божја токму тогаш нѐ наградува. Си велам во себе – што ли ќе беше ако бевме некои праведници? Како потоа да не благодариме?

Ја гледам милоста Божја и во големи работи и во „ситници“. Денес видов човек кој така се лизна, што ако паднеше, ќе поминеше со многу тешки повреди; но некако остана на нозе; и уште се чудам – што се случи и како тоа беше можно? Бог ги чува своите неверни верни. Ги чува и неверните, и тоа многу повеќе од нас – неверните верни.

Ние уште не сфаќаме дека по воплотувањето, Синот Божји стана Син Човечки – Богочовек Исус Христос, а со тоа и наш слуга – несразмерно повеќе од Господ. Христос се однесува како наш најобичен слуга – Го повикуваме и доаѓа, Го бркаме од себе и Тој си оди. Без оглед колкупати тоа ќе го повториме. И никогаш не се наметнува. Што тука не е јасно?

Зарем не е добро да имаш Господ за слуга? Но, некои луѓе (а и сите ние понекогаш) одбираат да му служат на ѓаволот. Зошто ваков смешен избор?

И не, Бог нема да нè казни, и никогаш не нѐ казнува – каков и избор да направиме. Секогаш самите се казнуваме. Штом нашите дела не се согласни со Неговата волја, ние свесно Го бркаме Бог од себе и остануваме без Неговата благодат. Без Неговата благодат нашата трулежност доаѓа до израз и тогаш се појавуваат телесните болести, како прв показател дека нешто не е во ред.

Сите наши гревови, гревовите на целото човештво се како капка вода во океанот на Божјата љубов. Но, тоа не е оправдание за нашите смешни избори.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *