Во зградата на патријаршијата на Српската православна црква во Белград поранешниот црковен службеник Б.Л (42) киднапирал две лица и под закана со пиштол барал од црквата да му исплати 200.000 евра пренесува Курир.рс.
„Тој не знаел дека таму нема пари, дека станува збор за сметководство и оти во канцеларијата има двајца службеници кои се занимаваат со документи“, го цитира агенцијата соговорникот од кабинетот на патријархот Иринеј.
Белградските електронски медиуми истакнуваат дека просторијата во која влегол напаѓачот е во близина на приемните одаи на патријархот. Припадници на специјалната полиција ја блокирале зградата на Патријаршијата и воделе преговори со вооружениот маж кои траеле малку повеќе од еден час, по што тој бил приведен, а во инцидентот нема повредени.
„Не знаеме дали бил при здрав разум, лично не знам за кој поранешен црковен службеник станува збор. Полицијата беше и ја заврши работата. Важно е дека сѐ добро заврши“, рекол патријархот Иринеј за медиумите.