Почетна Коментар Дополнување на минатонеделната беседа
Дополнување на минатонеделната беседа

Дополнување на минатонеделната беседа

333
1

Рече Господ во приказна: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина; и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ’Дојдете, оти сè е готово!‘ И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ’Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘ Вториот рече: ’Купив пет чифта волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!‘ Третиот рече: ’Се оженив и затоа не можам да дојдам‘“ (Лука 14, 16–20).

Ајде уште еднаш да се навратиме на минатонеделното евангелско четиво (види: Лука 14, 16–24), затоа што на некои како да им остана нејасно. Видете ја посебно оваа реченица: „И почнаа сите, како договорени, да откажуваат“. Сигурно овде не се мисли на директен и осмислен договор, туку на индиректен и несвесен договор. А од каде произлегува индиректниот и несвесен договор? Од прифаќањето на гревовниот модел на живот што суптилно ни го наметнуваат и преку кој нѐ заробуваат овој паднат свет и демонот.

А еве што имам напишано за тоа: не плашете се од страдањата, тие секако ќе дојдат во нашиот живот. Прашањето е само дали ќе пострадаме следејќи го моделот на живот што ни го предлага Богочовекот Христос или ќе пострадаме следејќи го моделот на живот што ни го наметнуваат овој свет и демонот.

Моделот што ни го предлага Христос е да се жртвуваме себеси за другите, а моделот што ни го наметнуваат или на кој веќе нѐ навикнале светот и демонот е да ги жртвуваме другите заради себе и заради задоволувањето на своите гревовни страсти. Христос ни предлага модел во кој преку учество во Крстот Негов ќе воскреснеме духовно – уште веднаш, а потоа и телесно. Овој свет и демонот ни наметнуваат модел во кој преку учество во неговите гревовни уживања ќе умреме духовно – уште веднаш, а откако ќе се разболиме или ненадејно, ќе умреме и телесно.

И внимавајте: Христос ни предлага затоа што не сака да ја наруши нашата слобода, а светот и демонот ни наметнуваат затоа што веќе ја нарушиле нашата слобода.

Уште едно прашање. Зошто сите – барем формално, го замолуваат пратениот да ги извини, а само оженетиот – како заслепен, не го вели тоа?

Еве што вели свети Јован Лествичник: „Неженетиот човек, врзан за светот исклучиво со работни обврски, личи на оној на кого само рацете му се врзани (зашто кога ќе посака да појде по патот на монашкиот живот, овие врски не го спречуваат). А оженетиот личи на роб на кого му се оковани и рацете и нозете“. Ова е првата причина зошто не побара извинување.

А втората е затоа што очигледно не си ја сака личносно жената, туку острастено е врзан за неа, да не речам и за други – по можност. Цел и на Бракот е Богочовекот Христос.

mitropolit-naum-2И да заклучиме: даровите Божји (слава и власт, пари и имот, тело, брак и семејство, јадење и пиење) не ни пречат да Го следиме Богочовекот Христос, туку нивната злоупотреба.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. Фала дедо, и повеќе од потребно е дополнувањето, а за мене најважно ова: даровите Божји (слава и власт, пари и имот, тело, брак и семејство, јадење и пиење) не ни пречат да Го следиме Богочовекот Христос, туку нивната злоупотреба.
    Господи Исусе Христе, преку Богородица, спаси нѐ!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *