Почетна Анализа Домашните слави ја одржуваат македонската традиција
Домашните слави ја одржуваат македонската традиција

Домашните слави ја одржуваат македонската традиција

91
0

Речиси секое второ семејство во земјава овој период од годината има домашна слава или именден, кој го слави во кругот на блиските и пријателите. Свештениците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека сега почнува периодот на зимското прославување на светителите како домашни слави меѓу македонските верници. Одбележувањето на домашниот празник или славата, претставува начин на прославување на светиите, како што практикува и македонскиот православен народ во неговата традиција и црковно живеење. МПЦ смета дека тоа треба да се негува како духовен белег на македонскиот народ и држава.

Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека славите што претстојат во следниот период, односно во ноември и во декември, се прославуваат најмасовно меѓу православните верници.

– Почетокот на зимските слави веќе почна со празникот Света Петка, кој се празнуваше кон крајот на октомври. Потоа се одбележува Митровден, во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски. На 21 ноември следува Архангел Михаил, потоа почнува божиќниот пост, а со тоа и времето за посните слави. Македонските верници масовно го слават и Свети Никола на 19 декември – објаснува свештенството на МПЦ.

Оттаму велат дека верниците треба да внимаваат на тоа славите да ги празнуваат во духот на православието, односно ако славата се паѓа во среда и во петок да се одбележува со посна трпеза, исто како што тоа треба да се прави за време на постот.
Според теолозите, секој верник има различен пристап во изборот на тоа кој светител ќе го земе за свој закрилник, за домашен празник или слава.

– Некои го земаат оној светител, чие име го носат. Но некогаш за домашна слава се зема и кога денот на крштението се совпаѓа со денот на празникот, затоа што крштението во православната црква е духовно раѓање, па, наместо роденденот, христијанинот го слави духовното раѓање, односно духовниот роденден, и затоа ќе го земе за свој покровител светителот што е на тој ден – велат теолозите.

Се слави смртта на светителот

Според теологот Ратомир Грозданоски, професор на Богословскиот факултет во Скопје, значајно е да се каже дека денот кога се прославуваат светиите, тоа не е денот на нивното раѓање, туку денот на нивната смрт.
– Во црквата, светителите се прославуваат на нивните умрендени, а не на нивните родендени. Тоа е така зашто од смртта започнува нивното пројавување на светоста, затоа што смртта, според учењето на православната вера, значи раѓање за вечноста. Гробот е врата низ која се мине од овој во вечниот живот. Смртта значи раѓање, па затоа и тој умренден е и прослава на светителот. Особено значајно е и тоа дека тие умрендени се прославуваат за сите светии, а православната црква прославува родендени само на три личности, како Господ Исус Христос, Богородица и свети Јован Крстител – посочува теологот Грозданоски.

Претстојни зимски верски празници

l Митровден – 8 ноември
l Архангел Михаил – 21 ноември
l Свети Климент – 8 декември
l Свети 15 тивериополски маченици – 11 декември
l Свети Никола – 19 декември

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *