Почетна Анализа Домашните и меѓународните стандарди за регистрација на верските заедници
Домашните и меѓународните стандарди за регистрација на верските заедници

Домашните и меѓународните стандарди за регистрација на верските заедници

192
0

Слободата на вероисповед е универзално човеково право. Секој човек е неизоставен чинител, заедно со сите свои обележја и убедувања, какви и да се. Државата треба да ја гарантира слободата на вероисповеста. Европскиот суд за човекови права имајќи го в предвид плурализмот, развојот на граѓанското општество и прифаќањето на различностите како темелни вредности на Европската Унија, посебен акцент става на примената на слободата на вероисповед преку признавањето на правниот статус на верските заедници, односно нивната регистрација. Уставите на државите треба да обезбедат гаранции за слобода на верата како важен дел од фундаменталните човекови права и слободи и истите мора да бидат достапни на секој еден човек, на кој било верски ентитет без услов за каква било припадност или регистрација.

Во 2007 година, при носењето на новиот Закон за правна положба на цркви, верски заедници и религиозни групи во Република Македонија, Венецијанската комисија како највисоко законодавно тело при Советот на Европа заедно со група на експерти за слобода на религијата или верувањето во Советодавното тело на ОБСЕ/ОДИХР, ги дадоа своите забелешки и препораки за неговата усогласеност со Европската конвенција за човекови права и меѓународните барања за заштита на слободата на религијата. Пред точно десет години, во мај 2008 година, новиот Закон стапи во сила. Неговата еднодецениска пракса даде позитивни искуства во остварувањето на некои права на верските заедници. Се регистрираа 6 нови цркви, 3 нови верски заедници, 10 нови религиозни групи, изедначени во нивните права и обврски со веќе регистрираните верски субјекти. Престана да важи правилото да се регистрира само една верска заедница од една вероисповед, туку се овозможи секој верски субјект самостојно да се определи како сака да се регистрира (како црква, верска заедница или религиозна група). За да се избегнат можните недоразбирања дека станува збор за некакво подредување на верските субјекти според нивната важност и големина, Македонија ја послуша препораката на Венецијанската комисија и го избегна дефинирањето на секоја од овие три категории посебно, давајќи им на сите цркви, верски заедници и религиозни групи подеднакво исти права во извршувањето на богослужба, молитва, обреди и друго изразување на верата.

За да се запишат во Единствениот Судски Регистер потребно е претходно да не е извршена регистрација на таква црква, верска заедница или религиозна група. Тука, групата експерти за слобода на религијата дадоа плејада на забелешки. Описот на официјалните обележја и името на верската заедница, кое не смее да содржи имиња на веќе регистрирани верски заедници или имиња и ознаки на други држави, беа определени како проблематични од аспект на развојот на актуелните меѓународни барања за слободата на вероисповед. Македонија повторно ги послуша нивните препораки и ги појасни и поедностави целите на ваквите нацрт-барања. Имено, независно од тоа дали се работи за црква, верска заедница или религиозна група, секој верски ентитет треба да има право на дистинктивност, препознавање во јавноста со својот тесно-специфичен идентитет. Точно е дека слободата на вероисповед му припаѓа на секому и насекаде, но причините поради кои ваквите барања беа наведени немаа за цел навлегување во теолошки прашања или во автономијата на верските заедници, туку да ја информира јавноста и верниците да ги заштити од погрешни перцепции и забуни. Државата не смее да дозволи легализирана бесконечна поделба на верниците од иста вероисповед, туку да го чува јавниот поредок и затоа ваквите барања се сосема легитимни.

За разлика од домашната законодавна рамка, европската пракса во земјите членки покажува дека државата не е должна на секоја верска заедница да им дава подеднакво исти права, т.е. ист степен легален персоналитет. Европскиот суд за човекови права познава различни форми на неутралност, различни степени на правна препознатливост. На пример, во Австрија верските заедници се поделени во три правни категории: официјално признаени верски заедници, верски заедници на исповед, и асоцијации. Секоја од овие категории поседува различен обем на права, привилегии и одговорности. Владата на Франција дефинира две категории под кои верските заедници можат да се регистрираат: „асоцијации на култ“ и „асоцијации на култура“. Асоцијациите на култ можат да организираат исклучиво верски активности и богослужби и се ослободени од такси. Асоцијациите на културата можат да се ангажираат и во профитни активности и не се ослободени од даноци, но можат да примаат субвенции од државата за нивните културни и образовни програми. Во Шведска ако верската заедница правно поседува компанија, економско здружение или фондација, тогаш таа не може да се регистрира, туку треба да создаде нова форма на здружување која ќе ги исполнува барањата на законот. Во Германија регистрацијата на верските заедници не е задолжителна, туку само доколку сакаат да бидат ослободени од одредени давачки и да добијат фискални бенефиции. Во Холандија, верските заедници можат да се регистрираат како здруженија, фондации или како црковни организации, при што нема никаква разлика помеѓу овие три правни лица, т.е. сите верски заедници кои ќе се организираат како една од овие три категории, можат да спроведуваат правни дејствија во земјата и се еднакви во правата и обврските.

Во принцип, секоја заедница која се смета себеси за различна од другите треба да има неприкосновено право да основа нова црква. Но, Европскиот суд за човекови права следејќи го духот на Европската конвенција за човекови права, укажува дека во едно демократско општество неопходни се ограничувања на слободата на религијата, посебно кога во рамките на едно исто население коегзистираат неколку религии (како што е случај и со Македонија), со цел да се помират интересите на различните верски групи и за да се обезбеди меѓуверска толеранција (Kokkinakis v. Greece). Ограничувањата на верската слобода согласно праксата на ЕСЧП се неопходни за едно демократско општество доколку го поминат тестот на пропорционалност: да имаат јасна легитимна цел, да не бидат дискриминирачки, и да сe пропишани со закон. Нерегистрирањето на една верска заедница се смета за оправдано доколку тоа го пропишува домашното релевантно законодавство, и е во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите.

Република Македонија не само што ги послуша препораките на Венецијанската комисија и вгради либерални и демократски вредности во нејзината верска регулатива, туку и ги ратификуваше сите меѓународни конвенции со кои се обврза да го запазува религискиот плурализам и да превзема превентивни мерки кои ќе спречат каков било конфликт помеѓу или внатре во самите верски групи. Оттука, неодамнешната пресуда од Стразбур за нерегистрирањето на ПОА во Македонија, станува нејасна, посебно ако се земе в предвид фактот дека условите, начините и постапките за регистрација согласно меѓународните стандарди се регулираат со домашната законска рамка, т.е. со Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група кој ги доби највисоките оценки за слобода на вероисповед од највисоките меѓународни тела. Државата согласно дуалистичката доктрина (јасна поделба помеѓу домашниот и меѓународниот закон) може да се соочи со последиците од меѓународните ратификувани договори, од непочитувањето на меѓународната Конвенција за човекови права, само доколку  меѓународниот закон не е преведен во нејзиниот внатрешен правен поредок. Ниту меѓународниот ниту домашниот систем на регистрација на верските заедници немаат неприкосновено право меѓусебно да ги менуваат правилата вкоренети во нивните правни системи. Ако се појави правна пречка која меѓународниот закон не го покрива, тогаш може да се повика на домашниот закон. Покажувањето надмоќ во правните процедури не оди во прилог на едно демократско општество. Пред сè затоа што секоја земја поседува свои верски специфики кои се дел од нејзината традиција и длабоко вкоренети во свеста на нацијата.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *