Почетна Анализа Долгиот и трнлив пат до Украинската автокефалија
Долгиот и трнлив пат до Украинската автокефалија

Долгиот и трнлив пат до Украинската автокефалија

131
0

Создавањето на нова, независна Украинска православна црква која ќе биде надвор од руското влијание беше една од главните вести што го окупираше медиумскиот простор изминатиов период. Изборот на 39 годишниот Митрополит Епифаниј за прв Поглавар на новоформираната Православната црква во Украина е од огромно значење бидејќи станува збор за последниот од низата на чекори кои беа потребни за доделување на автокефалија од страна на Вселенскиот Патријарх.

Воспоставувањето на новата црква може да се смета за кулминација на долгогодишната работа како на религиозните така и на државните претставници во Украина. Во последните 30 години Украина има искусено пет претседатели, отворена руска агресија и распад на Советскиот Сојуз. Меѓутоа, идејата за независна црква успеа да ги преброди овие турбулентни времиња и конечно стана реалност во 2018.

Религиозната слика на Украина е доста комплексна. По стекнувањето на независност во 1991 се формираа три религиозни структури кои беа во остар натпревар за поддршка кај украинскиот народ. Првата таква структура е Украинската Православна Црква (Московска патријаршија), која е под субординација и составен дел на Руската православна црква. Оваа црква поседува најголем дел од црквите во Украина. Заради поврзаноста со Руската православна црква, Московска патријаршија е призната црква од остатокот од Православието. Помалата, Киевска Патријаршија (од каде и доаѓа новоназначениот Поглавар Епифаниј) како и Украинската афтокефална православна црква функционираат како непризнаени цркви уште од 1990тите. Овие две цркви се сметаат како едни од главните поттикнувачи за отцепување од руското влијание и воспоставување на нова независна црква во Украина.

На 11 октомври 2018, Вселенскиот патријарх Вартоломеј кој во православниот свет важи за “првиот помеѓу еднаквите” даде зелено светло за украинското барање за автокефалност. Истовремено, Вартоломеј ја укина времената одлука од 1686 година каде неговиот претходник Дионисиус IV му ги имаше предадено овластувањата на Московскиот Патријарх за ракоположење на Киевскиот Митрополит. Вселенскиот Патријарх Вартоломеј одлучи дека решението од 1686 година престанува да важи заради непочитувањето на обврските преземени од страна на Руската православна црква. Меѓу нив за најспорно се смета непризнавањето на универзалниот авторитет на Вселенскиот патријарх како и немањето на волја од страна на Руската црква да се стави крај на расколот во Украина кој трае 30 години. Овој расплет на настаните беше зачудувачки за Руската Православна Црква ако се земе предвид 300 годишниот молк кај Вселенската патријаршија по ова прашање.

Како одговор на решеноста за доделување на автокефалија од страна на Вселенскиот Патријарх,  Руската православна црква одлучи да ги прекине сите односи со Вселенската Патријаршија како и да го прекине евхаристиското општење со Цариград. Со ова се нанесе голем удар на православието каде од 300те милиони верници половината доаѓаат од Руската православна црква. Најголемиот ефект од ваквиот заплет на настаните се очекува дека ќе биде почувствуван во дијаспората како што е тоа пример со Русите кои живеат во САД кои заради ваквата одлука на Руската православна црква нема да можат да се причестуваат во цркви кои се под јурисдикција на Вселенската Патријаршија.

Поништувањето на одлуката од 1686 овозможи територијата на Украина да биде вратена под јурисдикција на Вселенскиот Патријарх се додека новиот поглавар на независната украинска православна црква не го добие Томосот за автокефалност, кој е планиран за на 6ти јануари 2019.

Идејата за независна украинска црква влече корени уште од 1921 година за време на краткотрајното функционирање на Украинска независна република. Меѓутоа, заради опресијата на религиозно поле од страна на советските власти како и непризнавањето на оваа црковна структура од остатокот од православните цркви идејата за автокефална црква не заживеа се до 1991, кога Украина се здоби со независност.

Во првите години од Украинската независност религиозниот живот во оваа држава беше  доста турбулентен со чести промени во црковните структури. Во 1992 на пример Руската православна црква го терети митрополитот Филарет за носење на црквата во шизма. Истата година пропаднаа и обидите за обединување на црковните фракции во земјата. Во 1995 Филарет беше назначен за поглавар на Киевската патријаршија итн.

По стекнувањето на Украинската независност Киевската патријаршија покажа голема одлучност и активно лобираше за независност на Украинската православна црква и нејзино признавање. Ова се поклопи со интересот на украинските државни власти по ова прашање. Уште во 1993, првиот претседател на Украина Леонид Кравчук испрати свој претставник во Цариград за да разговара за можноста за добивање на автокефалија. Неговиот наследник, Претседателот Леонид Кучма имаше балансиран пристап по однос на украинското црковно прашање, додека пак Претседателот Јушченко работеше активно за обединување на трите црковни фракции и добивање на автокефалија, меѓутоа без поголем успех. Со изборот на прорускиот Претседател Виктор Јанукович во 2010 претседателската поддршка по ова прашање исчезна од радарот.

Прокси војната со Русија на истокот од Украина како и анексијата на Кримскиот полуостров во 2014 ја заживеаја религиозната битка околу прашањето за автокефалија. Московската Патријаршија честопати е обвинувана дека делува како продолжена рака на рускиот Претседател Владимир Путин и дека зазема проруски ставови околу воените дејствија во Украина. Претседателот Порошенко го објаснува руското влијание во религиозниот живот во Украина како составен дел на хибридното војување, а прашањето за независност на црквата како прашање од национална безбедност.

Протестите на Евромајдан од 2013 и 2014 година како и анексијата на Крим несомнено ги зацврстија и засилија напорите на претседателот Порошенко за добивање на автокефална и независна црква. Евромајдан протестите кои беа поттикнати од непотпишувањето на Договорот за Асоцијација со Европската Унија резултираа со повеќе од 100 загинати и многу повеќе повредени. Тогашниот проруски Претседател Јанукович ја напушти земјата во февруари 2014 и Порошенко победи на изборите уште во првиот круг. Водечките слогани на Порошенко за време на претседателските избори во 2014 беа доближување на Украина до ЕУ како и ветувањето за враќање на Крим и источните делови од Украина (Донецк и Луганск) под владеење на Киев.

За време на претседателскиот мандат на Порошенко прашањето за нова независна црква се исполитизира. Како Претседател тој го употреби цел државен апарат за да го разубеди Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за потребата од доделување на автокефалија.

Наредната 2019 година ќе биде огромен тест за независната Украинска црква предводена од Поглаварот Епифаниј. Првенствено постои голема неизвесност околу иднината на Московската Патријаршија која пак не ја признава новосоздадената црква и се смета себеси за единствен легитимен православен претставник во Украина. Руската православна црква од друга страна ќе продолжи со напорите за поткопување на новата црква во Украина преку лобирање кај остатокот од помесните цркви за нејзино непризнавање. И последно. 2019 е изборна година во Украина што значи дека уште еднаш ќе бидеме на сведоци на влијанието на политиката врз религиозниот живот во оваа држава.

Пишува: Андреја Богдановски (докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија каде истражува и работи на црковна политика во Православната Црква)

Текстот е оригинално објавен на англиски јазик во TheNational:

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *